Од ММКТ за БИРН изјавија дека од властите на Естонија побарале одговори, откако добиле поплаки за наводното малтретирање на двајца српски воени злосторници, кои казната затвор ја издржуваат во оваа балтичка земја.
„Секретарот (на ММКТ) моментално се занимава со ова прашање, и кога ќе достави извештај, претседателот ќе ги разгледа различните опции за подобрување”, велат од ММКТ.
Од Министерството за правда на Србија, за БИРН истакнуваат дека двајца српски затвореници, Милан Мартиќ и Драгомир Милошевиќ, се соочуваат со низа проблеми во Естонија, вклучувајќи ја и неможноста да го остварат своето право на правна заштита и недостигот на соодветен пристап до здравствена заштита.
„Прегледите не се најавуваат, мерките на безбедност се под минимумот на човечко достоинство, се вршат претреси до гола кожа и транспорт во т.н. кафези, со веќе споменатиот проблем за изостанок на можноста за каква било комуникација со лекар”, истакнуваат од министерството.
Од таму додаваат дека до неодамна, на двете осудени лица не им биле обезбедени ниту преведувачи, кои сега ги посетуваат еднаш на три месеци.
Српскиот министер за правда, прв пат, во 2014 и 2015 година, побара од Трибуналот на ООН, да ги премести Мартиќ и Милошевиќ од Естонија.
Мартиќ, поранешен лидер на побунетите Срби во Хрватска, беше осуден во 2008 година за, меѓу другото, убиства, прогон на политичка, расна и верска основа, затворање, депортации, грабежи на имот, за намерно уништување на села и напади врз цивили за време на војната во Хрватска.
Тој, во Естонија, на издржување на казната од 35 години затвор, се наоѓа од 2009 година, а преместување од оваа држава побара во 2014 година, поради, како што изјави неговиот адвокат, неадекватниот медицински третман, супстандардните услови во објектите и немањето програма за рехабилитација.
Милошевиќ, поранешен командант на Романиско-сараевскиот корпус на Војската на Република Српска, беше осуден во 2009 година на 29 години затвор, за тероризирање и убиство на цивили за време на опсадата на Сараево во 1994 и 1995 година. Казната во Естонија ја отслужува од 2011 година.
„Милошевиќ, кој е болен и во поодминати години, мора да работи за да купи основни хигиенски средства […] и своите работи сам ги пере, бидејќи и перењето на облеката се наплаќа”, велат од Министерството за правда.
Прашањето за условите во кои живеат српските затвореници, беше поставено во текот на разговорите помеѓу премиерот на Србија, Ана Брнабиќ, и претседателот на ММКТ, Теодор Мерон, што се одржаа во Белград на 20 ноември.
Во соопштението на српската влада се вели дека Брнабиќ побарала повторно да се разгледа барањето, на српските осуденици за воени злосторства, да им се овозможи казната да ја отслужуваат во Србија.
Сепак, според ММКТ, во случајот на Србија или на која било друга земја од поранешна Југославија, таква одлука носи Советот за безбедност на ООН.
„Таквата одлука не може да ја донесе Механизмот”, велат од ММКТ.
Што се однесува до трансферот на затвореници од Естонија во трета земја, барањата може да се одобрат „само во најсериозни околности, ако претседателот одлучи дека правата на некое лице се директно и постојано загрозени и дека тоа не може да се коригира преку координација со надлежните органи”, нагласуваат од ММКТ.
БИРН побара одговор и од Министерството за правда на Естонија, но до објавувањето на овој текст, одговор не добивме.
Советот за безбедност на ООН го формира ММКТ во 2010 година, со цел да се комплетира работата на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) и на Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда, по нивното затворање.