Регион

Музејот на военото детството сѐ поблизу до своето отворање

Пишува: Еленор Роуз / Сараево

war-childhood

Логото на Музејот на военото детство

Јасминко Халиловиќ е уморен.

Со видлива тензија на лицето признава дека работи 16 до 18 часа на ден, заради отворањето на Музејот на военото детство. Тој макотрпно се бореше за финансиските средства и за просторот во кој ќе биде сместена оваа единствена поставка.

По кампањата за прибирање на финансиски средства, која заврши минатиот викенд и со износот од над 200.000 долари добиен од донатори, збирката приказни на децата кои растеле во војната во Босна и Херцеговина, раскажани преку нивните лични работи, во средината на декември, конечно ќе го види светлото на денот.

„Не е во ред што овие приказни не беа порано раскажани“, вели тој за колекцијата на музејот, која брои повеќе од 3.000 предмети, од кои 50 ќе бидат изложени како постојана поставка во улица Логавина, во стариот дел на Сараево.

Тоа е кулминација на шестгодишната работа на Халиловиќ, кој во 2010 година почна да ја реализира идејата за документирање на искуствата на луѓето, кои биле деца во војната во БиХ, 1992-1995 година.

Нивните приказни не се внимателна презентација на теми како што се воената историја и воената политика, со кои се занимаваат мноштво други музеи.

Бидејќи неговата генерација израснала, тој на ум имал поинаков проект.

Така, во 2013 година, тој објави книгата со 1.000 кратки сеќавања на луѓето, на конфликтот во Босна и Херцеговина, со наслов „Детството во војната“.

Секој одговор е ограничен на само 160 знаци, а голем дел од нив своите одговори ги пратиле преку интернет, медиум кој поттикнува отвореност.

„Кога почнав да работам на книгата, луѓе, кои никогаш не сум ги сретнал, ми праќаа многу интимни приказни преку e-меил, приказни на десет страници за нешто што им се случило. А потоа на крајот ќе напишеа: ’Јас никогаш не сум го рекол ова никому’“, вели тој.

Слаб и бледникав, Халиловиќ со своите ококорени очи наликува на маратонски тркач.

„Замислете да се сретнавме на улица. Какви се шансите дека некој ќе ви ги раскаже своите најинтимни приказни што ги доживеал?“, прашува тој, изговарајќи го секој збор со тешкотија.

Од тогаш, идејата за проектот прераснала во национален обид, да се отвори прва културна институција од ваков вид во светот, што ќе собира не само исечоци од текстови, туку и приказни раскажани преку 50 предмети, кои децата на војната ги чувале со години.

Тој во 2015 состави тим од антрополози, историчари и психолози, за да разработат методологија, врз основа на која започнале со собирање на предмети, не само од луѓе кои како деца растеле во војната и продолжиле да живеат во Босна и Херцеговина, туку и луѓе раселени во други, 35 земји, низ целиот свет.

Постојаната поставка на музејот ќе биде дополнета со патувачки експонати и со образовни програми.

Личниот придонес на Халиловиќ кон колекцијата, е бела салфета, на која семеен пријател, сликар, го насликал него, како седи на велосипед. Но, таа нема да биде изложена на постојаната изложба, бидејќи тој сака да им даде шанса на другите да ги раскажат своите приказни.

„Мојата генерација всушност нема многу фотографии од војната. На пример, јас имам три фотографии од воените години“, вели тој.

„Ова е, исто така, лично прашање, бидејќи тој е семеен пријател, кој го загубил синот во војната. Го нацрта овој цртеж на кој што сум јас и… не знам, ми се допаѓа“.

Проектот добил на интензитет, вели Халиловиќ, заедно со неговата напорна работа и работата на неговиот тим, да изградат доверба кај Босанците, да им ги дадат предметите кои тие ги чувале повеќе од 20 години.

Верува дека во земја каде што довербата на јавноста во институциите е многу мала, не би било можно да се собере ваква збирка без алатките на дигиталната ера и без одржување на ветувањата што ги дал додека ја пишувал својата книга.

Некои луѓе прво сакале да се консултираат со своето семејство, па дури и со нивното соседство, дали да ги донираат своите скапоцени предмети.

„Луѓето го извлекуваа она што 20 години го чувале во нивните паричници и го предаваа за колекцијата. Замислете која доверба треба тие да ја имаат во вас, за да сторат такво нешто“, вели тој.

Сепак, објаснува Халиловиќ, и самите учесници имале корист од ова.

„Луѓето велеа дека дури откако ги дале овие предмети, можеле со своето семејство отворено да проговорат за своите искуства“, вели тој.

На овој начин, што е често многу тешко и интензивно, личните сеќавања можат да станат нешто со „што може да се управува“. Тоа е дел од општествената мисија на музејот, нагласува тој.

Поради својот инклузивен пристап, да ги раскаже индивидуалните приказни, а не верзијата на историјата, која во БиХ често се претвора во политички инструмент, проектот добил силна поддршка од јавноста.

Еден неочекуван гест на поддршка добил на фудбалски натпревар на ФК Железничар од Сараево, кога на трибините бил закачен транспарент на кој пишувало: „Бараме отворање на Музејот на военото детство“.

Привремена поставка на овој музеј беше отворена во мај во Историскиот музеј во Сараево. Беше посетена од над 4.000 луѓе, а некои предмети, како што еден чифт балетанки, станаа тема на раскажување меѓу посетителите.

Балетанките на Мела. Фото: Фејсбук

Балетанките на Мела. Фото: Фејсбук

Балетанките ги дала сараевчанката Мела, која имала осум години, кога силите на босанските Срби го опколиле Сараево во 1992 година.

Во тоа време, Мел сакала да стане примабалерина во Народниот театар во Сараево, но војната го спречила остварувањето на овој сон. На новата изложба ќе може да се види видео снимка, на која таа танцува, а ќе биде достапна и на мобилна апликација.

Реновирањето започнало во септември. Халиловиќ вели дека музејот за кирија плаќал 1.000 евра месечно.

Иако постои попуст за изнајмување на простор за верски и културни институции, музејот не ги добил овие отстапки, бидејќи постоеле „некои пречки“ за кои Халиловиќ се надева дека наскоро ќе бидат решени.

Како што истакна, само два проценти од буџетот за овој проект, дале властите на Босна и Херцеговина, без оглед на „ветувањата дека ќе финансираат 50 отсто“.

Деведесет и пет отсто од потребните средства се добиени од донатори од САД, особено од Националниот фонд за демократија, Католичките служби за помош и Амбасадата на САД.

Со кампањата Индиегого, која заврши минатиот викенд, музејот добил 8.800 од потребните 40.000 за овој проект.

Халиловиќ вели дека не очекувал да собере 40.000 долари, колку што уште му недостасуваат на музејот, бидејќи проектот е релативно нов феномен во БиХ, но дека целта воедно била и да се разбуди чувството на јавна сопственост и ангажман.

Тој не сакал ниту да му наштети на имиџот на организацијата, со нејзино постојано промовирање и објавување на апели за помош преку Фејсбук.

„Имаме работа со сѐ уште чувствително прашање и сакаме да го направиме ова со достоинство“, објаснува тој.

Што се однесува до средствата што недостасуваат, Халиловиќ се надева дека Сараевскиот кантон ќе го исполни ветувањето за поддршка од буџетот, кој, како што нагласи, треба да биде усвоен во декември.

Овој млад директор на музејот смета дека со својата одговорност ќе ја оправда довербата што му ја дале граѓаните на БиХ кои учествуваат во проектот.

Од време на време, процесот бил и исцрпувачки, особено оние две години, кога ги собирал сеќавањата за својата книга.

„Тоа беше емотивен предизвик, бидејќи во тоа време, бев сам“, вели тој.

Сега повеќе се работи за општ замор, главно поради долгите работни денови и нервозата заради последните детали.

Вели дека се откажал од плановите за проширување на проектот, но истакна дека не сака да ја потенцира својата жртва.

„Понекогаш мислам дека со ова можеби ја платив цената за некои други опции, но мислам дека вредеше. Повторно би го направил истото“, вели тој.

„Ова е веројатно најважното нешто што јас и другите членови на тимот некогаш ќе го направиме во нашите животи“, додава тој.

Сепак, тој не е толку уморен за да не мисли на следниот чекор. Можеби отворањето на музејот е само почеток.

Халиловиќ се надева дека ќе може да организира и патувачки изложби, и постојани изложби на музејот во други земји, „меѓународни институции кои ќе работат не само во БиХ, туку и низ целиот свет“.

Со решителен израз на лицето вели дека оваа држава ќе го добие својот Музеј на военото детството до крајот на 2016 година.

„Морам да го направам тоа. Морам да го завршам. На него работев шест години и ќе го завршам“.

Сторијата е објавена и на Балканска транзициска правда