Државата губи пари затоа што често нема доволно конкуренција во постапките за јавни набавки. Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации – ЦГК посветено на „Транспарентност, отчетност и интегритет на институциите во јавните набавки“, на една третина од тендерите се јавува само по една фирма, а голем е бројот и на набавките што се вршат без објавување тендер.
„Проблемот со добивање само една понуда е поради тоа што во овој случај не се одржува електронската аукција за намалување на првобитно понудените цени. Имајќи предвид дека фирмите првично доставуваат повисоки цени во очекување на аукцијата и намалувањето на цените, во ситуација кога има еден понудувач, тие повисоки цени најчесто остануваат и како крајни“, објаснуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Истражувањето се однесува на јавните набавки во 2017 година. Биле опфатени 21 државна институција, кои во овој период склучиле вкупно 1.363 договори за јавни набавки во вредност од 72 милиони евра.
Минимална конкуренција
Министерството за образование и наука е институцијата со најмногу тендери на кои се јавил само еден понудувач, дури три четвртини од распишаните. Високо на оваа листа се и министерствата за внатрешни работи и за локална самоуправа, како и Собранието.
Но, наодите на истражувањето покажале дека конкуренцијата, дури и кога ја има, е минимална. Просечно на сите тендери што ги спровеле анализираните институции се јавиле по 3,09 понудувачи по оглас. Три пријавени понуди е минимумот што треба да се постигне за да може да се каже дека барем постои конкуренција, што значи дека тој праг одвај бил поминат. На ниво на целата држава, просекот е 3,33, исто така блиску до минимумот.
Малиот број понуди, според ЦГК, е проблемот што се провлекува со години, а годишните просеци ретко надминуваат три понуди по оглас.
Во 2017 година, најголема просечна конкуренција имало кај Секретаријатот за рамковниот договор, по 4,5 понуди по оглас, а кај министерствата за правда и за економија, просекот бил приближно четири. Понудувачите биле најмалку заинтересирани за тендерите на Министерството за локална самоуправа, каде што во просек се поднесувале по една и пол понуда.
Малата конкуренција понекогаш носи доминација на една компанија во набавките што ги врши одредена институција. Кај две институции, над 40 отсто од тендерите ги добиле исти фирми, што според Законот за заштита на конкуренцијата се смета за праг за концентрација. Според потрошените пари, уделот е помал. МВР дало најмногу пари на една фирма, 14,2 отсто од вкупно потрошениот износ за јавни набавки во 2017 година.
Институциите и натаму ги користат можностите да набавуваат стоки и услуги без тендер. Во 2017 година, Министерството за образование, дури 42 отсто од парите за јавни набавки ги потрошило преку постапка за преговарање без да објави оглас. Втора институција според овој критериум е Генералниот секретаријат на Владата со 37 отсто, а трета е Службата за општи и заеднички работи со 20 отсто.
Не се задоволуваат потребите
Еден од главните проблеми останува слабата реализација на плановите за јавните набавки, и на првично зацртаните, и на изменетите. Во просек, институциите во 2017 година набавиле само 62 отсто од она што го предвиделе да се набави. Тоа значи дека нивните вработени добиваат само дел од средствата што оцениле дека им се потребни за да ја извршуваат својата работа во служба на граѓаните.
Најлоша е ситуацијата во Министерството за здравство, каде што реализацијата на планот за јавни набавки била 21 отсто. Со други зборови, била обезбедена само една петтина од средствата и услугите што им биле потребни на македонските здравствени установи за да им служат на пациентите, а чија набавка се вршела преку министерството. Од друга страна, министерствата за финансии и за надворешни работи, како и Секретаријатот за законодавство, набавиле над 80 отсто од она што го предвиделе.
Здравството со 77 отсто и одбраната со 65 отсто предничат и во процентот на поништени јавни набавки. Со тоа тие се далеку над државниот просек од 24 отсто. Во истражувањето биле опфатени и целосно и делумно поништените набавки.
„Дури 19 отсто од поништените тендери се поради тоа што институциите оцениле дека ниту една од пристигнатите понуди не е прифатлива, што се смета за една од најсубјективните причини за поништување на тендерите“, додаваат од ЦГК.
Договорите се склучени, но дали се реализирани?
Еден од генералните заклучоци на ЦГК, во врска со транспарентноста при спроведувањето на постапките за јавни набавки, е дека најтранспарентни се институциите што трошат најмалку пари. Просечното ниво на исполнување на критериумите за транспарентност е 53,6 отсто, односно толкав е процентот на објавени податоци, информации и документи во врска со јавните набавки, од оние што јавните установи се обврзани да ги објават.
Од вкупно 31 критериум за транспарентност, има два што ги исполниле сите – секаде набавките се извршувале преку специјален оддел (сектор или одделение) и секаде тоа го вршеле лица со положен испит за јавни набавки. Другите критериуми, дел институции ги исполнувале, дел не. Најниско ниво на транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки имале министерствата за образование и за внатрешни работи, а највисоко, секретаријатите за европски прашања и за спроведување на рамковниот договор.
Има обврски што не ги исполнил никој. На пример, ниту една институција немала методологија, упатство или друг документ според кој ја пресметувала проценетата вредност на набавките. Кога се распишува тендер, се објавува и износ колку установата проценила дека ќе чинат стоките или услугите што ги бара, што компаниите го користат како ориентација кога ги подготвуваат понудите. Никој немал документ како доаѓа до тој износ.
Исто така, ниту една од опфатените институции не објавувала известувања на Електронскиот систем за јавни набавки дека договорите што се склучени биле реализирани, односно дека компаниите навистина го обезбедиле тоа што се барало од нив и договорената сума им била соодветно исплатена.