Од Врховниот суд и од Држвното обвинителство на Хрватска, за БИРН денеска потврдија дека судењето на хрватскиот пратеник и поранешен генерал, Бранимир Главаш, нема да биде одвоено од постапката, што се води против петмината негови подредени.
Невладината организација од Загреб, Документа- Центар за справување со минатото, е со став дека судот, со одвојување на предметот на Главаш од останатите, го чисти патот за негво ослободување, бидејќи тоа ќе резултира со отстранување на изјавите на подредените на Главаш, од неговиот предмет, со кои тие го обвинуваат за злосторство.
Дражен Матијевиќ од Државното обвинителство, за БИРН изјави дека „Врховниот суд, со својата одлука, всушност, ја сменил одлуката на Окружниот суд во Загреб, за одвојување на постапката против Бранимир Главаш, од постапката против другите обвинети и наложил судењето да тече, онака како што течело до сега“.
Сега, во согласност со одлуката на Врховниот суд, донесена на 8 декември, а дури деновиве обелоденета од медиумите, Окружниот суд во Загреб ќе мора да му суди на Главаш заедно со другите.
Главаш, кој во моментов е на слобода, а кој е политички активен како пратеник во хрватскиот парламент, е обвинет за убиство на српски цивили во 1991 година.
Тој првично беше осуден за давање на наредба за убиство на седум цивили, повеќето од нив Срби, во Осиек, во 1991 година, како командант на одбранбените сили на овој град. Судот утврди дека формирал и вооружал специјална воена единица позната под различни имиња – заштитна чета или баталјонот Осиек на Бранимир – и дека дејствувал како нејзин ефективен командант.
Сепак, во 2009 година, на денот кога во Окружниот суд во Загреб се читаше неговата пресуда, со која тој беше осуден на 10 години затвор, Главаш побегна во соседна Босна и Херцеговина.
Но, откако хрватскиот Врховен суд ја потврди пресудата – при што казната од десет му беше намалена на осум години затвор – и Судот на БиХ му ја потврди пресудата и го испрати во затвор.
Потоа, во 2016 година, хрватскиот Врховен суд ја поништи првостепената пресуда на Главаш и во октомври 2017 година, пред Окружниот суд во Загреб, повторно започна неговото судење.
Во јули 2018 година, судот наложи повторно судење на Главаш, одвојувајќи го неговиот случај од случајот против другите петмина негови подредени. Оваа одлука беше оспорена од страна на Државното обвинителство, што резултираше со нејзино поништување од страна на Врховниот суд.