Кога во 2020 година, членовите на Судскиот совет го избраа Наќе Георгиев за врховен судија, не штедеа пофални зборови. Го избраа едногласно на листата од вкупно 10 кандидати. Ги доби сите 12 гласа како прворангиран кандидат на листата.
Лорета Георгиева, за тогашниот кандидат за врховен судија рекла дека е „прекрасна личност и професионалец“. Ханиф Зендели говорел дека станува збор за кандидат со „морални и професионални вредности“, а за тогашниот претседател на Судскиот совет, Киро Здравев, Наќе Георгиев бил „дете“ на судството со „големи стручни и професионални квалитети“.
Половина од тие членови на Судски, ќе го разрешат судијата што пред четири години го фалеа, затоа што вчера го осудија на затворска казна. Можеби на таа седница ќе треба да си го прочитаат записникот од 332-та седница кога го избирале Георгиев за врховен судија.
Ова огромно колективно промашување во проценката не е прашање на случајна професионална кратковидост, туку покажува само едно – дека одлуката за него била донесена пред воопшто да се одржи седницата. На седницата била само усвоена. Ова е редовна пракса за унапредување судии.
Прашањето што и тогаш и сега се наметнува е како ниту еден од членовите на Советот не размислил поинаку, дека можеби друг кандидат ја заслужува довербата. Ако ништо друго, барем да се симулира дебата.
И неговото разрешување веројатно ќе биде слично како изборот. Останува да чуеме дали некој од членовите на Судски ќе признае дека направиле погрешна проценка.
Изборот на Георгиев за врховен судија покажува дека рангирањето на кандидатите за судии според бодовите не значи ништо, зашто очигледно дека најдобрите на листата, каков што тогаш бил Наќе, не секогаш се и оние што имаат интегритет.
Затоа дискусиите во Судскиот совет, кога се избираат и унапредуваат судии, речиси секогаш се pro forma. Се сведуваат на флоскули, а никогаш на длабински проценки. Суштината на институцијата е да биде професионалниот филтер што нема да дозволи ваквите кадри да напредуваат во кариерата. И уште повеќе што нема да дозволи да влезат во судството.
А Георгиев нема позиција во судството на која не бил.
Од основен судија, до судија и претседател на апелационен суд и врховен судија, се обиде да стане член и на Судскиот совет, но се премисли, откако сфати дека не може во исто време да биде и член на Советот, и неговиот син да биде судија.
Инаку членовите на Советот добро знаеле дека „детето на судството“ било „проблематично“, најмалку од претставките што стигнувале до нив.
Па така, за струмичкиот судија, Судски затвори претставка во која пишуваше дека „сите судии од Апелационото подрачје Штип имаат поплаки за неговото работење, дека врши притисоци и наплаќа за граѓански и кривични предмети“. Претседателката на Судски, Весна Дамева, сепак, ја испрати претставката до Обвинителството. И така стоела во фиока додека судијата не беше фатен како зема 10 илјади евра мито за да влијае за предмет, па тогаш повторно била разгледувана.
Тоа не беше единствениот индикатор што фрла сомнеж за неговото работење.
Уште поодамна, медиумите објавија дека Георгиев му упаднал во канцеларија на член на Судскиот совет да го прашува зошто му води постапка. Минатата година, само еден ден пред да се утврди дека е кандидат за член на Судскиот совет, членовите ја запреа постапката против него, а случајот за одговорност половина година не се ставаше на дневен ред.
Георгиев бил судија цели 27 години, од нив четири врховен судија. Прашањето што се поставува е уште колку вакви судии има во системот?
Сојузот на синдикати веднаш објави дека судијата Георгиев бил во Советот што одлучуваше да му се одземе работничкиот дом, па со право реагираа дека во одлуката учествувал и овој корумпиран судија.
За судијата Георгиев и за долговечниот функционер Иџет Мемети, судење ќе нема. Нема да се изведуваат докази, нема да се сослушуваат сведоци, нема да се читаат пораки.
Во минатото чувме од телефонските разговори како се избираат и унапредувaат судии.
Јавноста, освен што знае дека има докази за влијание, нема да дознае кои политичари, бизнисмени и моќници учествувале во местењето на овие случаи, затоа што судење за Георгиев и за Меџити ќе нема. Останува на обвинителката и на истражителите тоа дополнително да го истражат.
Георгиев, кој наскоро ќе лежи в затвор, зад себе остави многу предмети во кои постапувал. Како странките ќе бидат уверени дека одлуките што биле донесувани биле праведни? Токму тоа чувство е генераторот на недоверба во правната држава.
Оваа пресуда за Георгиев ќе се преслика на првите следни анкети на јавното мислење. Штетата за угледот е непоправлива, особено за оние судии што работат чесно.
Веројатно уште утре правосудството ќе отиде три нивоа под земјата, бидејќи веќе со години е скоро на нула.
И за да биде впечатокот за недовербата забетониран, заедно со информацијата за Георгиев, одекна вест дека избега поранешниот војник на ОВК, обвинет за воени злосторства, Блерим Рамадани, кого го бараше Интерпол, затоа што судијата Пајазит Пајазити, наместо во затворски, го пратил во куќен притвор. Истиот судија што не определи затворски притвор за групата што упадна во Македонска навигација.