Планот на ОOН наместо исплата на отштета, да финансира проекти за косовските Роми, предизвика критики од невладините организации кои се занимаваат со човековите права.
Пишува: Марија Ристиќ , Белград
Стефан Дижарик, портпарол на генералниот секретар на ООН, Антонио Гутерес, во петокот соопшти дека оваа организација е “целосно свесна” за страдањата на косовските Роми кои биле изложени на труење во времето кога Косово беше под управа на ООН, како директна последица на присилната преселба во камповите за внатрешно раселени лица (ВРЛ), подигнати во северно Косово.
Дижарик додаде дека сака “да го се изрази длабокото жалење на организацијата за страдањата што ги преживеале сите поединци кои живееле во камповите за ВРЛ“.
Минатата година, Советодавниот панел за човекови права, формиран како тело кое ги испитува наводите за повреда на човековите права што ѝ се припишуваат на мисијата на ООН во Косово (УНМИК), соопшти дека ООН треба да го смета УНМИК за одговорен, бидејќи ромски семејства биле изложени на труење во камповите изградени за лица раселени поради војната во Косово, 1998-1999 година.
Имено, кампови за ВРЛ беа подигнати во близина на топилницата Трепча, за која уште од 1970 година се знае дека е причина за загадување на непосредната околина со олово и други форми на токсични загадувања.
Камповите требаше да обезбедат само привремено сместување до 90 дена, но тие беа оперативни неколку години.
Панелот го повика УНМИК јавно да го признае својот пропуст да се усогласи со основните стандарди за човекови права, како одговор на негативните здравствени услови предизвикани од оловото во камповите за раселени лица, како и да им плати компензација на жртвите, за материјална и морална штета.
Сепак, ООН одлучи да формира фонд за олеснување на иницијативите во заедницата, со цел финансирање на “проекти за асистенција”, главно во Северна и Јужна Митровица и во Лепосавиќ, од кои, според ООН, придобивки ќе имаат Ромите, Ашкалиите и Египќаните.
“Проектите за асистенција ќе се фокусираат на најитните потреби на најранливите заедници, вклучувајќи ги и здравствените услуги, економскиот развој и инфраструктурата”, се вели во соопштението на Дижарик.
Овој потег го критикуваа организациите за човекови права, кои соопштија дека се прави “неоснован фонд за проекти за помош во заедницата, наместо да им се исплати индивидуална одштета на жртвите на сопствената небрежност”. Така, Хјуман рајтс воч (ХРВ) смета дека ООН “ги продава жртвите на труењето со олово во камповите во Косово”.
“Избегнувањето на одговорноста за страдањата на жртвите на труењето со олово, само ги поткопува обидите, ООН да биде повикана на поголема одговорност за своите пропусти. А одбивањето да се преземе одговорноста за штетата предизвикана од страна на ООН, ја поткопува позицијата на оваа организација да изврши притисок врз владите и другите институции, да ги поправат своите постапки со кои ги прекршиле човековите права“, изјави Луис Шарбоно, директор на ХРВ за ООН.
Од ноември 2007 година, Панелот разгледал повеќе од 500 жалби поврзани со мировните мисии на ООН и во неколку случаи констатирал дека имало неусогласеност со стандардите за човековите права. Кога станува збор за Косово, Панелот, по обработката на овој случај, во јули 2016 година, го објави својот конечен извештај.
Во него, Панелот забележува дека иако во извештајот на УНМИК во 2000 година се заклучува дека има многу висок процент на олово во крвта на луѓето кои живеат во овие кампови, извештајот не бил јавно достапен, ниту пак биле преземени соодветни мерки за решавање на ризикот од изложеност на олово во камповите.
Светската здравствена организација, во 2004 година, предупреди на трајните хронични оштетувања што ги врши присуството на оловото во човечкиот организам, повикувајќи го УНМИК, веднаш да ги евакуира децата и бремените жени од овие кампови, но УНМИК не даде на увид никаква документација од која би се виделе конкретно преземените активности, како одговор на овие наоди и препораки.
Труењето дополнително во 2009 година го документира и ХРВ, која ги повика косовските власти, во соработка со меѓународните донатори, веднаш да почнат да работат на затворање на контаминираните кампови, населени со внатрешно раселените лица од ромска националност, да ги преселат оние кои живеат во нив и да обезбедат лекување заради труењето со олово.
УНМИК е формиран од Советот за безбедност на ООН во 1999 година, „со цел да се обезбедат услови за мирен и нормален живот за сите жители во Косово и заради унапредување на регионална стабилност во Западен Балкан”, а во согласност со неговиот мандат.