Регион

Насер Ориќ ослободен од обвиненијата за воени злосторства

Насер Ориќ, поранешен командант на единицa на Армијата на БиХ (АБиХ) во Сребреница, беше ослободен од обвиненијата што го теретеа за убиство на тројца воени затвореници од српска националност, пресуда која предизвика остри реакции кај жртвите од војната.

Адмир Муслимовиќ, Сараево

Насер Ориќ пред судот по ослободувањето. Фото: Марио Иличиќ/БИРН

Судот на Босна и Херцеговина, во понеделник донесе пресуда, со која, Насер Ориќ, и поранешниот припадник на АБиХ, Сабахудин Мухиќ, беа ослободени од обвинението за убиство на тројца затвореници во областа на Братунац и Сребреница.

Обвинителството го товареше Ориќ, поранешен командант на единицата на територијалната одбрана на АБиХ во Сребреница и Мухиќ, кој бил негов подреден, дека во 1992 година, во местата Залазје, Лолиќи и Куњерац, убиле тројца затвореници од српска националност.

Председавачот на судскиот совет, Шабан Максумиќ, изјави дека обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање, дека Ориќ и Мухиќ се виновни за убиство на воените затвореници.

„Правдата победи“, рече Ориќ по напуштањето на судницата.

„Секој кој го следеше ова судење можеше да очекува ваква пресуда. Задоволни сме од пресудата, но ова не е конечна одлука, бидејќи обвинителството веројатно ќе се жали“, рече бранителката на Ориќ, Лејла Човиќ.

Во текот на судењето пред судот беа распоредени голем број на полициски службеници.

Случајот беше во голема мера контроверзен, бидејќи многу Бошњаци го сметаат Ориќ за херој, поради неговата улога во одбраната на Сребреница пред масакрот во 1995 година, додека, од друга страна, некои босански Срби сметаа дека обвиненијата се премногу благи.

 
Насер Ориќ ја напушта судницата. Видео: БИРН

На изрекувањето на пресудата, во судницата присуствуваше група на жртви од српска националност, кои го напуштија судот, откако Ориќ беше ослободен.

Претставник на жртвите по напуштањето на судницата, за БИРН изјави дека „Ориќ за нив и понатаму е злосторник“ и дека „се прашуваат како по оваа неправда, ќе живееме заедно“.

„Сите само сакаат да знаат што се случило во јули 1995 година (кога силите на босанските Срби извршија масакр врз жителите на Сребреница), и каде е правдата тука?“, рече Радојка Филиповиќ, една од нив.

По изрекувањето на пресудата, судницата ја напуштија и членовите на здружението „Мајки на Сребреница“, како и претставниците на други бошњачки здруженија, кои со аплауз го поздравија ослободувањето на Мухиќ и Ориќ.

„Се надевам дека хајката против Ориќ сега ќе престане“, рече Када Хотиќ, од „Мајки на Сребреница“.

Пред почетокот на судењето, одбраната побара од Хашкиот трибунал да ја сопре постапката против Ориќ, бидејќи тој во Трибуналот веќе еднаш бил суден за овие кривични дела, па оттука не може два пати да му се суди за исти злосторства.

Но, Трибуналот го отфрли барањето на одбраната, при што судијата образложи дека „наводите за убиство во обвинението поднесено во БиХ, фундаментално се разликуваат од обвиненијата за убиство во хашкото обвинение, во делот за наводните жртви и природата, времето и местото на наводното злосторство”.

Против оваа пресуда може да биде вложена жалба.

Објавено и на Балканска транзициска правда