Регион

Наследниците на припадниците на пронацистичките сили „бараат враќање на имотот“

Филип Рудиќ, Белград

Хрватски усташи и домобрани, седат заедно со српски четници, во 1942 година. Фото: Википедиа

Од српската Aгенција за реституција велат дека потомците на припадниците на пронаистичките сили од Втората светска војна, поднеле барање за враќање на имотот, и покрај законот кој го негира ова право на припадниците на силите што ја окупирале оваа земја во Втората светска војна.

„Во Агенцијата има неколку стотици барања поднесени од законските наследници на припадниците на окупаторските сили“, велат за БИРН од Агенцијата за реституција.

Според агенцијата, проблемот е создаден кога Управниот суд на Србија, во 2016 година, донел одлука според која наследниците на припадник на хрватското фашистичко усташко движење, имаат право на враќање на имотот, бидејќи тој бил рехабилитиран, а пресудата со која во 1944 година бил осуден за воени злосторства, била поништена.

Законот за рехабилитација вели дека доколку некоја судска одлука се укине, тогаш треба да се поништат и последиците од таа одлука, што вклучува и враќање на конфискуваниот имот или исплата на компензација за него.

Сепак, законот со кој се регулира реституцијата, строго забранува враќање на имотот или исплата на компензација за него, во случаите на поранешните припадници на окупаторските сили и нивните соработници, без оглед дали извршиле воени злосторства или не.

Миле Антиќ од невладината организација, Мрежа за реституција, вели дека постои празен простор меѓу законот кој ја регулира рехабилитацијата и оној кој го регулира враќањето на имотот.

„Тоа е еден вид правен вакуум, Агенцијата има проблем да го врати (имотот)“, изјави Антиќ за БИРН.

Директорот на Агенцијата за реституција, Страхиња Секулиќ, за српскиот дневен весник „Вечерње новости“, изјави дека и покрај судските пресуди, Агенцијата нема да ги прифати барањата на поранешните припадници на окупаторските сили и нивните потомци.

„Вечерње новости“ објави дека некои од овие барања за реституција се поврзани со рехабилитирани поранешни припадници на озлогласената дивизија СС Принц Еуген, единица на Вафен-СС, која се состоела од Германци, доброволци, од Хрватска, Унгарија, Романија и од Србија.

Од Управниот суд ни испратија копија од судската одлука, со која се негира тврдењето на Агенцијата, дека законот забранува враќање на имотот на колаборационистите или на нивните потомци, и покрај нивната рехабилитација.

„Законот за рехабилитација вели дека резултат… на рехабилитацијата, е прогласување на сите (претходни) одлуки и на нивните правни последици против рехабилитираното лице, за ништавни“, се вели во дел од судската одлука.

Агенцијата, сепак, тврди дека Законот за денационализација е „lex specialis“ – закон со кој се регулира една специфична тема – и како таков, по прашањето на реституција, треба да биде над законот за рехабилитација.

„Затоа Агенцијата за реституција, ги отфрли сите барања за враќање на конфискуваниот имот, односно за обештетување, поднесени од припадниците на окупаторските сили во Србија, односно на нивните законски наследници“, нагласи од агенцијата.