Регион

Хрватска му ја намали казната на поранешниот разузнавач Перковиќ

Ања Владисављевиќ, Загреб


Јосип Парковиќ во судница во Минхен во 2016. Фото: ЕПА/Питер Кнефел

Окружниот суд во Загреб, донесе одлука, со која казната доживотен затвор, што му беше изречена на Перковиќ од страна на судот во Минхен, му беше намалена на 30 години затвор.

Таквата одлука е донесена бидејќи во Кривичниот закон на Хрватска, не постои казна доживотен затвор, туку максималната казна е 40 години затвор. Се очекува Перковиќ да биде префрлен од Германија во Хрватска на издржување на казната.

Да потсетиме, Перковиќ, заедно со Здравко Мустач, кој бил негов претпоставен, во август 2016 година беа осудени на казна доживотен затвор, за поддржување на убиството на хрватскиот емигрант, Стјепан Ѓурековиќ, извршено во Германија во 1983 година, во неговата гаража во Волфсратхаусен во близина на Минхен, каде што тој печател антијугословенски пропаганден материјал.

Мустач во тоа време бил на чело на хрватскиот огранок на СДБ, а Перковиќ шеф на одделот задолжен за емиграција на СДБ.

Екстрадицијата на Перковиќ и Мустач во Германија во 2013 година, беше долготраен и политички контроверзен процес.

Двајцата поднесоа жалби на пресудата, кои беа одбиени во мај оваа година.

Тие, исто така, поднесоа тужба против Германија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, наведувајќи дека нивното судење пред германскиот суд, не било правично.

Перковиќ и Мустач моментално се наоѓаат во затвор во Германија, но, како што јавува Н1, се очекува во Хрватска да се вратат најрано во јануари 2019.

За казната на Мустач ќе решава друг хрватски суд.