Беше ноември 2018 година, кога државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, на брифинг со новинарите соопшти дека скопското обвинителство почнало да истражува дали некој неовластено ги снимал телефонските разговори во Јавното обвинителство, Скопското обвинителство и во Вишото скопско обвинителство, како и дали снимките биле изнесувани или злоупотребувани.
Неодамна, скопски обвинител ја запрел предистражната постапка, открива БИРН. Информацијата ја потврдија од Јавното обвинителство.
Биле направени „детални проверки во предметот“ и „обемно вештачење на уредите“ на кои биле снимени разговорите. Но, немало ништо спорно, па затоа Скопското обвинителство донело „резолуција дека нема место за јавнообвинителска интервенција“.
Од Обвинителството, за БИРН, велат дека станува збор за IP централа, каква што се користи во повеќето институции и која има можност за снимање на разговорите.
„Со проверките беше утврдено дека снимениот материјал на никаков начин не е злоупотребен“, велат оттаму.
Тогаш Обвинителството соопшти дека почнало предистражна постапка по сознанија дека во периодот од септември 2016 година била снимана телефонската комуникација преку фиксната телефонија во објектот на Јавното обвинителство на два хард-диска.
Најавија дека ќе биде проверено сѐ, од тендерската документација за набавка на опремата, до овластувањата за нејзино користење, како и дали, во колкав обем и за кои цели биле злоупотребени снимените податоци.
Од Обвинителството велат дека ако во иднина бидат обезбедени поинакви докази, предметот повторно може да биде отворен.