Граѓаните на Косово во голем број се собраа во центарот на Приштина, за да го дочекаат поранешниот командант на ОВК и некогашен премиер, Рамуш Харадинај, откако францускиот суд одби да го екстрадира во Србија, за да се соочи со обвиненија за воени злосторства.
Пишува: Дие Морина, Приштина
Поранешниот косовски премиер и командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Рамуш Харадинај, имаше емотивно обраќање пред неколкуте илјади негови приврзаници, кои во четвртокот вечер се собраа на плоштадот Захир Пајазити во Приштина, за да го дочекаат по неговото пристигнување на приштинскиот аеодром.
„Не знам како да го опишам чувството што ги имам сите овие луѓе кои не ми дозволија да се чувствувам сам во ова време“, рече Харадинај пред насобраните граѓани.
Тој се врати во Приштина, откако Апелацискиот суд во францускиот град Колмар, го одби барањето на Србија, Харадинај да биде екстрадиран во Белград, за да се соочи со судење за воени злосторства.
Харадинај рече дека е разочаран што државните институции не го поддржале како што тој очекувал.
„За жал, уште еднаш се почувствував како без држава“, рече тој.
Во говорот, Харадинај нагласи дека Србија, со барањето за негова екстрадиција, упатила повик за повторна агресија на Косово.
„Отворено реков дека барањето за екстрадиција на Србија, е повик за војна“, истакна тој.
Овој политичар и поранешен борец на ОВК, кој ги загуби двајца браќа за време на конфликтот, се наврати на случувањата од март 1999 година, кога српските сили го нападнале неговото семејство.
„Но, на оние што не напаѓаат, ние им одговараме со одбрана“, рече тој.
Хашкиот трибунал досега двапати го ослободуваше Харадинај, од обвиненијата што го товареа за воени злосторства извршени за време на конфликтот во Косово, 1998-1999.
Сепак, српските власти изјавија дека имаат нови докази за различни кривични дела за кои досега Харадинај не бил обвинет.
Според нивните наводи, тој се сомничи за убиство на цивили, вклучувајќи и убиство на бебе старо само две недели, како и за тортура и силување на малолетнo лицe.
Неговото апсење на францускиот аеродромот, по слетувањето од Косово, во јануари, ги заостри тензиите помеѓу Белград и Приштина.
Предизвика и протести на Албанците во Косово, но и во странство. Демонстрантите бараа ослободување на Харадинај, а апсењето го осудија како политички чин.