Најновиот долгометражен документарен филм на БИРН, кој истражува кои се командантите одговорни за некои од најпознатите брутални напади во војната во Косово, беше премиерно прикажан во Белград.
Новиот документарен филм, „Неидентификувани“, кој ги именува српските офицери што ги наредиле нападите врз косовските села околу градот Пеќ / Пеја, во 1999 година, и лицата вклучени во операцијата за прикривање на телата на жртвите, вчеравечер беше премиерно прикажан во Центарот за културна деконтаминација во Белград.
Марија Ристиќ, режисер на документарецот, вели дека филмот е резултат на двегодишно истражување, а еден од најголемите предизвици било да се убедат сведоците да зборуваат за она што го виделе.
„Воените злосторства се табу тема во Србија и поради тоа беше многу тешко да се дојде до сите они што се вклучени во овие настани, и да ги убедиме да се појават во филмот, што ги вклучува и жртвите и сторителите на воени злосторства“, изјави Ристиќ по проекцијата.
„Неидентификувани“ ги враќаат гледачите во 1999 година, во селата Љубениќ, Ќушка, Пављан и Захач, во близина на Пеќ, Косово, каде што српски борци убиле повеќе од 118 албански цивили. Нивните останки биле или запалени или скриени. Дел од останките, во 2001 година биле пронајдени во масовни гробници во полицискиот центар за обука, Батајница, во близина на Белград.
Судењето на 11 непосредни сторители е во тек, а оние што ги издале наредбите, никогаш не беа кривично гонети во Србија.
Ристиќ, која три години го следи судскиот процес, вели дека не сакала да направи филм само за српските борци на кои што им се суди, туку и за оние лица, што се одговорни за нападите и лицата што подоцна дале наредба за прикривање на злосторствата.
„Најмногу не интересираше преместувањето на телата, бидејќи тоа го нема во обвинението [против 11 поранешни борци]. Ги баравме и оние што ги дале наредбите“, вели таа.
Џефри Најс, поранешен обвинител на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, во случајот против Слободан Милошевиќ, изјави дека двете злосторства, наведени во филмот, се одговорност на државата.
Една од клучните докази на обвинителството, на судењето на Милошевиќ, беше воениот дневник на Обрад Стевановиќ, поранешен помошник министер за внатрешни работи, во кој тој, во врска со планот за прикривање, напишал „нема тело, нема злосторство“.
„Дневникот на Стевановиќ упатува кон државната канцеларија. Преку него (српското обвинителство) можеше да ја следи трагата се до врвот. Прикривањето беше најмоќниот доказ за незаконитоста на она што го правеше Слободан Милошевиќ за време на војната“, рече Најс, кој учествуваше на панел дискусија по премиерата во Белград.
Најс истакна дека и лицата одговорни за злосторствата и за нивното прикривање, треба да бидат кривично гонети во Србија.
„Ова е исклучително моќен и важен филм, а судот треба да биде поотворен за доказите презентирани во него“, рече тој.
Иван Јовановиќ, експерт за транзициска правда и поранешен шеф на Одделот за воени злосторства и организиран криминал на ОБСЕ во Србија, рече дека најголемиот проблем во гонењето на воените злосторства во Србија, е гонењето на командантите.
„Не е лесно да се докаже командната одговорност, тоа зависи од вољата и храброст на обвинителите за воени злосторства и од нивната упорност да ги добијат потребните документи од архивите на војската на Србија“, рече Јовановиќ.
Владимир Вукчевиќ, главен обвинител за воени злосторства на Србија, рече дека обвинителството планира да ја продолжи истрагата за командниот синџир, осврнувајќи се на тековната истрага за генерал Драган Живановиќ. Живановиќ е поранешен командант на 125-та моторизирана бригада на Војската на Југославија. Тој бил задолжен за 177 интервенциски вод, на чии припадници моментално им се суди за злосторства во селата околу Пеќ / Пеја.
„Обвинителство за воени злосторства е во многу деликатна ситуација, бидејќи ова е жив предмет. Обвинувањето и докажувањето не е лесно“, рече Вукчевиќ на дебатата.
Драгољуб Станковиќ, заменик обвинител за воени злосторства, тврди дека, сепак, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, се занимавал со преместувањето на останките, за време на судскиот процес против Властимир Ѓорѓевиќ, поранешен заменик на српскиот министер за внатрешни работи.
„Ние [обвинителство за воени злосторства] не можеме да најдеме правни механизми за гонење на лицата што наредиле и учествувале во преместувањето на телата“, рече Станковиќ.
Додаде дека со овие злосторства треба да се занимаваат редовните обвинители, а не неговата канцеларија, бидејќи тие не се воени злосторства.
Но, Ристиќ тврди дека обвинителите за воени злосторства имаат законска основа да се вклучат.
„Преместувањето на телата не е воено злосторство, но е злосторство против човештвото и како такво е во надлежност на Обвинителството за воени злосторства“, рече таа.
Фаик Испахиу, претседател на мониторингот на судските постапки за Интерњуз Косово, на дебатата изјави дека луѓето во Косово со внимание ги следат судењата за воени злосторства во Србија, но дека и натаму постои голем гнев, бидејќи тие не веруваат дека правдата е задоволена.
„Шеснаесет години по војната, немаме ништо конкретно. Ништо не е направено без зелено светло на моќниците, што беа на чело на државата, војската и на полицијата, така што тоа не го направија поединци“, рече Испахиу.
По белградската премиера, на 7 мај, „Неидентификувани“ ќе биде прикажан и во Приштина.