Вести

Петковски и Минчев: Никогаш не ни беше дозволен влез во УБК

Снимки кои според СДСМ докажуваат широка операција на прислушување од страна на службите за разузнавање кои одбегнувале секаква контрола, беа објавени на денешната прес конференција на опозицијата. Недостиг од контрола на безбедносните служби за БИРН ја потврдуваат и поранешните претседатели на собраниските комисии

Од заменикот на Мијалков барав детали за финансиското работење на УБК, ми ги вети, но никогаш не ми ги достави“, вели Минчев

Од заменикот на Мијалков барав детали за финансиското работење на УБК, ми ги вети, но никогаш не ми ги достави“, вели Минчев

Никогаш не ни беше дозволен пристап до Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) за да го провериме нивното работење, тврдат за БИРН двајцата поранешни претседатели на собраниската комисија за надзор над УБК, Тито Петковски и Горан Минчев кој, во еден период, беше и претседател и на комисијата за следење на комуникациите.

Реакциите следуваат откако на денешната прес конференција, лидерот на СДСМ Зоран Заев објави „ексел“ документи со кодни имиња и телефонски броеви што биле прислушувани, како и аудио разговори кои наводно се водат меѓу директорот на УБК Сашо Мијалков и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Во разговорите, тие се договораат како членовите од собраниските комисии да не можат да извршат надзор и проверка над работењето на управата без да се најават.

Кодните имиња на дел од наводно прислушуваните:

ARKA – Мирослав Грчев

BRILIJANT – Рубин Зарески

DS-DAR – Радмила Шекеринска

N-KUSKO – Никола Младенов

BOSIL – Силвана Бонева

TUTIN – Миле Јанакиески

TALAS – Драган Павловиќ – Латас

SADIK – Софија Лаличиќ

OAT NELI – Лидија Неделкова

3 ZAKANA KEZHO – Томислав Кежаровски

„Податоците за нелегалното прислушување потекнуваат од постоечкиот систем за следење на комуникациите во Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР на Република Македонија“, дециден е Заев.

Токму поради ова, вели тој, со години наназад на никој не му било дозволено да врши надзор над работата на управата.

Ова го потврдува и Горан Минчев, кој претседаваше и со комисијата за следење на комуникациите и со комисијата зад надзор над УБК.

„Прво, не ни даваа безбедносни сертификати. Точно седум месеци чекав безбедносен сертификат за воопшто да имам право да извршам надзор. Второ, извештајот за работата на УБК ни стигна со 8 месеци задоцнување, а директорот на УБК Мијалков ниту еднаш не се појави на седница да даде отчет за трошењето на парите. Од неговиот заменик побарав детали за финансиското работење, ми ги вети, но никогаш не ми ги достави“, вели Минчев за БИРН.

Дел од документите за кои Заев тврди дека се од прислушувани разговори што ги спроведувала УБК

Дел од документите за кои Заев тврди дека се од прислушувани разговори што ги спроведувала УБК

Слично нешто Минчев изјави и во 2011 година, кога изрази сомнеж дека се злоупотребува примената на посебните истражни мерки.

„Баравме Управата квартално да ни доставува извештаи за прислушувањето, но ниту еден таков извештај не добивме. Ова ни дава индиции дека примената на посебните истражни мерки се злоупотребува“, изјави тој во ноември 2011 година.

Петковски: Јанкулоска ми рече дека Љубе Бошкоски не бил прислушуван

Според опозицијата, Јанкулоска бара да се смени Законот за следење на комуникациите, но сепак надзорот врз УБК да може да биде само по претходна најава

Според опозицијата, Јанкулоска бара да се смени Законот за следење на комуникациите, но сепак надзорот врз УБК да може да биде само по претходна најава

Во разговорите кои ги обелодени опозицијата може да се слушне дека министерката Јанкулоска преговара околу измените на Законот за следење на комуникациите како што наложила Европската комисија, но сепак се бара начин како комисијата да не може да влезе во УБК без претходна најава.

„Инаку сега они имаат право да контролираат, имаат пристап до опремата и средствата за следење на комуникациите“, му вели Јанкулоска на Мијалков со совет дека тоа треба да се смени, за членовите на комисијата да можат да дојдат само со најава.

„Они ќе донесат одлука и ќе го известат или министерот или директорот. Па ние им кажуваме дојдете тој и тој ден, тогаш. И нормално, они се мнозинство, ќе дојдат, ќе речат: аааа се прислушува цела држава. Ние ќе речеме, не се прислушиува. И толку“, вели Јанкулоска и додава дека со законот „си ставаат трн во здрава нога, ама мора така, зошто се фатиле на оро со Европска комисија“.

Иако законот беше донесен, никој од надлежните не успеа да влезе во УБК за да види како се работи и дали се злопутребуваат посебните истражни мерки. За ова сведочи и Тито Петковски, поранешниот претседател на комисијата за надзор над УБК. Во 2011 и 2012 година, тој бараше од министерката Јанкулоска точни информации за примената на посебните истражни мерки врз Љубе Бошкоски, поранешниот лидер на „Обединети за Македонија“.

„Прво не ми дозволија. Потоа ескивираа и не ми дозволуваа да влезам, бараа мнозинство. На крај, од министерката добив одговор дека може да дојдам, но кафе да пиеме, бидејќи врз Бошкоски не биле употребени посебни истражни мерки. Јас тој одговор го имам на писмено. А потоа произлезе дека врз Бошкоски биле употребени посебни истражни мерки. Не дознавме ниту од кој датум потекнуваат, ниту пак кој и кога ги издал“, вели Петковски за БИРН.

Следени биле 12 илјади телефонски броеви

Мијалков и Груевски со години неовластено прислушувале граѓани вo Македонија, вели Заев

Избегнувањето да се даде детален отчет за работата на УБК, според Заев, претставува уште еден доказ дека во Управата нелегално се прислушувало, без судски налог. Како потврда на ова, тој пушти аудио разговор кој наводно се води меѓу Јанкулоска и Мијалков, каде што директорот на УБК тврди дека „му требаат уште 100 нови вработени во управата, бидејќи оперативата е опадната, а обемот на работа многу зголемен“.

„Какви странски служби, какви комбиња, каква шпиунажа, или пучови! Мијалков и Груевски со години неовластено прислушувале граѓани вo Македонија. Станува збор за незаконско следење од страна на власта, со години, на опозицијата, на критичката јавност, невладини организации, граѓански здруженија, поединци, но и академската заедница, верските заедници…“, рече Заев.

Тој рече дека поседува доказен материјал (транскрипти од аудио снимки) од 1595 страници, повеќе од 18 илјади СМС пораки во транскрипти и 12 илјади следени телефонски броеви на над 20 илјади граѓани.

Дел од документите за кои Заев тврди дека се транскрипти од прислушувани разговори

Дел од документите за кои Заев тврди дека се транскрипти од прислушувани разговори

„До обвинителството, во петокот, беа поднесени дел од доказите за оваа операција, дел ќе бидат поднесени во понатамошната постапка, а комплетно, сè што поседуваме, ќе биде доставено до соодветните државни органи штом се исполнат условите за разграничување на судската од извршната власт“, рече Заев.