Снимањето на филмот „Симпатии за ѓаволот”, базиран на книгата на францускиот новинар, Пол Маршанд, во која се зборува за неговото искуство од војната во БиХ, ќе започна во февруари оваа година.
„Маршанд известуваше од Сараево за време на опсадата, во 1992 и 1993 година. Тој објави книга со ист наслов како и филмот кој ќе го снимаме“, изјави за БИРН, продуцентот на филмот, Амра Бакшиќ Чамо, од продуцентската куќа Про.ба (Pro.ba).
Извештаите од почетокот на деведесеттите години, го опишуваат Маршанд – кој во 2009 година, на 47-годишна возраст, изврши самоубиство – како човек кој пуши кубански пури и носи сламена шапка наместо шлем.
На неговиот автомобил, како што во 1992 година објави „Њујорк тајмс“, била испишана пораката: “Не пукајте, не трошете ги куршумите. Јас сум бесмртен“.
„Маршанд го ризикуваше својот живот, возејќи го автомобилот, обидувајќи се да го избегне снајперскиот оган во Сараево, додека свиреше познатата песна ‘Симпатии за ѓаволот’“, вели Бакшиќ Чамо, објаснувајќи како книгата на Маршанд и филмот, го добиле својот назив.
Опсадата на Сараево, која траеше 1.425 дена, од 5 април 1992 до 29 февруари 1996 година, беше најдолгата опсада на некој главен град во поновата историја.
Филмот е во босанско-француско-белгиска копродукција и ќе биде снимен во Сараево.
„Филмот ќе го снимаме низ Сараево, на различни, но автентични локации што ќе ги избереме, иако Сараево сега е поразлично од она во војната”, вели Бакшиќ Чамо.
Маршанд ќе го игра актерот Нилс Шнајдер, кој за улогата во филмот, „Мрачна инклузија“, ја доби француската филмска награда Цезар, за најнадежен млад актер во 2016 година.
Функционерите на Сараево ќе го поддржат снимањето со обезбедување на слободен пристап до локациите на кои тој ќе се снима, иако генералните изгледи за филмската индустрија во БиХ, не се големи, вели Бакшиќ Чамо.
„Во БиХ, во 2017 година, немавме ниту еден долгометражен филм”, објаснува таа.
Некои земји на Балканот, како Црна Гора, ги привлекуваат меѓународните филмски екипи, со рефундирање на даноците, но тоа не е случај и со БиХ.
Буџетот за културата во БиХ е мал, така што повеќето филмски продуценти се фокусираат на проекти поддржани од странство и грантови од меѓународни организации.
Бакшиќ Чомо е убедена дека БиХ има многу да понуди кога станува збор за филмската индустрија.
„Автентичните локации низ целата земја, се нешто што можеме да го понудиме”, заклучува таа.