„Народот е ослободен“, беа зборовите со кои нѐ пречека старeцот на влезот во Кратово, додека ја баравме ординацијата на новиот градоначалник, офталмологот Љупчо Бојаџиев, кој важи за човек кој ја урна империјата на Љубисав Иванов Ѕинго, победувајќи на изборите со над 1.000 гласови разлика.
Кратово сè уште личи како времето да застанало во ридскиот предел преполн со дуќани на кои стои натпис „се издава“ и огромни објекти од времето на стара Југославија кои порано работеле со полна пареа, а сега фаќаат прав и потсетуваат на едно време на кое југоносталгичарите со мерак се потсетуваат, но сепак, според она што го осетивме, енергијата е поразлична.
Човекот кој со децении го држеше монополот во Кратово и каде што како по правило победуваше неговата Социјалистичка партија, Љубисав Иванов Ѕинго, овојпат изгуби. Тоа ја смени енергијата, а со тоа се смени и расположението кај луѓето кои во новиот градоначалник, поддржан од СДСМ, очекуваат големи промени. Всушност, очекувањата и не се така големи. Да се очекува канализација, улици, чиста вода и вработување не се превисоки очекувања, туку основни човекови потреби.
„Ако верувате, во секоја куќа каде што влеговме, првото барање на луѓето беше дека сакаат чиста вода за пиење. Оваа вода од чешмите не може да се пие, црна е, загадена“, вели Ранко Арсов, носителот на листа на Советот во општина Кратово од СДСМ.
Пиејќи кафе со него, дел од посетителите во кафулето ќе поминеа, па ќе го поздравеа, „ајде, ајде, честитки, само напред“, му велеа, тапкајќи го по рамо човекот кој е еден од постарите во советот и сега е во пензија, откако работниот век го поминал како наставник по историја.
„Кај луѓето владееше стравот и до изборите. Одевме од куќа до куќа, направивме добра програма, внесовме многу млади луѓе кои навистина трчаа. Но, луѓето сепак се плашеа. Ни велеа, ние ќе гласаме за вас, само ве молиме не кажувајте никому. Кратовскиот модел на страв и заплашувања дека ќе се остане без работа ако не се гласа за ВМРО-ДПМНЕ или за нивните партнери, кој овде трае долго време, се преслика на цела држава. Затоа и стигнавме до ова дереџе“.
Залудно е кога во близина се произведува вода, ако луѓето гледаат црнила кога ќе ги пуштат чешмите во домовите
Но, очигледно, не се само „бомбите“, декемвриските избори и добрата програма се работите кои придонеле да се урне власта на Ѕинго во Кратово. Неговата „империја“ во градот кој има над 9 илјади жители сега не брои толку многу можности за вработувања за да ги држи гласачите. Во фабриката „Силекс“ каде што се произведуваат сунѓери вработени се стотина луѓе, тука е и неговиот хотел „Кратис“, паб и кафеана, како и познатата фабрика „Ладна“. Но, залудно е кога во близина се произведува вода, ако луѓето гледаат црнила кога ќе ги пуштат чешмите во домовите.
„Наутро многу од жените заминуваат рано за Пробиштип, работат во текстилната индустрија. Тоа е, имаме многу невработени и многу стечајци. По селата, пак, жените се сами, мажите на печалба. Сѐ останато се некои мали бизниси, младите работат по кафулињата или пак се иселуваат“, ни рече локалниот келнер.
Првата битка со Ѕинго
По обилколката низ градот, се упатуваме накај ординацијата на новиот градоначалник Бојаџиев, во Здравствениот дом, каде што е директор од пред 2 месеца, а воедно работи и како офталмолог. Мора да заврши со неколкумина пациенти пред да го почнеме интервјуто, па неговата асистентка ни дофрла: „Сите мислат дека уште кратко ќе биде тука, па масовно закажуваат прегледи“. За тоа време, се изолираме во неговата канцеларија, која е можеби една од најинтересните докторски канцеларии што сме ги виделе. Фотографии, книги, столови, документи, буквално сѐ е на едно место.
„Уживам во својот хаос и добро се снаоѓам во него. Иако е вака, јас точно си знам што каде е“, ни дофрла тој.
Посебно место во канцеларијата имаат фотографиите на покојниот претседател Борис Трајковски.
„Да, да, тие беа стари пријатели, родум од Струмица. Докторот посебно го почитува поранешниот претседател“, ни вели сестрата.
Бојаџиев седнува на своето место и веднаш почнува да зборува отворено. Не го интересира дали го снимаме или запишуваме она што го кажува. Нема формалност или арогантност во однесувањето, а не делува ниту изненадено, ниту пак, претерано еуфорично за победата на изборите. Едноставно, делува како човек кој исполнил еден животен сон за кој се бори уште од 1994 година и сега точно знае кои се наредните чекори. Освен едно нешто – сè уште не знае дали ќе успее да раководи со Здравствениот дом во Кратово и да работи како доктор, а воедно да биде и градоначалник. Тоа бил неговиот услов за кандидатура, и вели дека ќе се обиде да раководи со двете места, бидејќи, иако е роден во Струмица, неговото прво работно место е во Здравствениот дом во Кратово, од каде што потекнува неговата сопруга, која исто така е докторка.
„Дојдов тука поради сопругата. Почнавме како потстанари, една кутија работи имавме со нас и купивме сервис за кафе. Живеевме во соба од 20 квадрати.“
Тука всушност и почнува првата битка на Бојаџиев со Љубисав Иванов Ѕинго, кога тој се обидува да добие стан каде што ќе можат да живеат.
„Првата војна беше таа, за добивање стан. Преку СИЗ видов дека всушност има многу станови кои се слободни за живеење, па ме упатија на разговор кај Ѕинго. Од трета смена дежурство отидов таму, за да поразговарам. Од старт, уште кога ќе влезеш, се испраќаше една порака дека таму не може да влезе секој, дека тој е величина. Чекав пола саат – саат, после 15 минути гледам пуштаат некој друг, им реков поздравете го генералниот, си одам јас, во друга прилика ќе дојдам.“
Битката за добивање стан траела долго време, преку судови, до притисоци, соочување со сите реални проблеми кои може да ги доживее еден млад брачен пар.
„Немаше многу други доктори тука, дефицитарен кадар сме, инаку сигурен сум дека веднаш ќе ме отпуштеа“, вели Бојаџиев и додава дека станот од нешто малку над 60 квадратни метри што го добиле е впрочем целата негова „империја“.
Наместо за здравствените, луѓето ми се жалеа за егзистенцијалните проблеми
Вкупно пет пати Бојаџиев има учествувано на избори, парламентарни и локални. Овој, петти пат, се покажува како среќен.
„Можеби е навистина лудило, по петти пат да се кандидираш“, на шега вели тој.
Разговарајќи со него, се стекнува впечатокот дека секогаш тој настапувал против Љубисав Иванов Ѕинго на изборите, и тоа не случајно. Докторот по офталмологија едноставно имал мисија да ја победи Социјалистичката партија на Македонија и да донесе свежина во градот кој со децении е под владеење на една партија.
За првпат, како противкандидат на Ѕинго тој се кандидира на парламентарните избори во 1994 година преку Демократската партија на Петар Гошев.
„Дојдов тука поради сопругата. Почнавме како потстанари, една кутија работи имавме со нас и купивме сервис за кафе. Живеевме во соба од 20 квадрати.“
„Ѕинго тогаш беше во зенитот, па имаше коментари од типот каква е оваа дрскост што ја правам со кандидатурата. Сè беше негово во тоа време. Тогаш му земав 1.000 гласови на избори, што беше чудо. Паднаа во вода тврдењата дека ова е социјалистички град. И тогаш почнаа повторно притисоци, не му го даваме станот, ќе му го земеме итн… Јас не ангажирав адвокати, се бранев сам и успеав“.
Мотивот за кандидатурите на избори секогаш почнувале во неговата ординација.
„Луѓето ми се отвораа. Кога ќе дојдеа на преглед првин пола саат зборуваа за своите проблеми, па дури потоа за здравствените. Елементарни услови немаа, немаа здравствено осигурување. Бонови им даваше наместо пари, за да купуваат од неговите објекти. Па кукаа, се жалеа. Деца имаат, што ќе им се бонови, пари им требаат, па се снаоѓаа, ги продаваа за пониска цена“, вели Бојаџиев.
И во 1996 година тој учествува на локалните избори во Кратово.
„Партијата тогаш инсистираше, бидејќи луѓето ме знаеја и ми веруваа. Е тогаш, освен Демократската партија, ме поддржа и ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи немаа свој кандидат. Тогаш добив некои 26 отсто од гласовите, но тоа беше сосема друг модел. Записниците беа пишувани на рака, се применуваше сила, откако ќе се завршеше гласањето, моите посматрачи ги исфрлаа.“
И во 1998 тој учествува на парламентарните избори, а во 2000 година на локалните избори е заеднички кандидат на Демократската алтернатива и ВМРО-ДПМНЕ.
„И самите гледате дека одев од една во друга партија, но како што тие правеа линкови со Ѕинго, јас така се тргав од таму.“
Во 2000 година, тој става крај на тој дел од животот.
„Им реков, доста е. Толку години застанувам на чело да ве бранам, ставам глава во торба, имаше страшни притисоци, ќе ме палат, ќе ме селат… Но, ете, ме иритираше криминалот едноставно, ова тука беше парасистем на владеење, а институциите го дозволуваа тоа. И токму затоа не се откажував, но мораше да има момент кога ќе се стави точка на тоа.“
Мојата партија е мојот докторски мантил
По цели 17 години пауза, тој годинава решава повторно да се кандидира за градоначалник на Кратово, но овојпат, како независен кандидат.
„Имаше многу разговори во СДСМ и им кажав, непартиски може, ме знаете кој сум, противникот го знаете, ако сакате поддржете ме. А партиски не, не сум јас за такви рамки, претесни ми се тие рамки. Кога кажав дома дека размислувам да се кандидирам, имав проблеми. Ќерка ми беше противник, велеше, немој, за овие луѓе не вреди, неблагодарни се, нема да те поддржат сега ако не те поддржаа претходно“, раскажува Бојаџиев, но додава дека тој сепак бил сигурен оти ќе ја извојува победата и тоа токму со ваков резултат.
„Најголемиот мотив ми е да ја завршам приказната што ја почнав уште во 1994 година.“
Целата предизборна кампања вели дека го потсетува на една песна од „Рибља чорба“ – „Погледај дом свој анѓеле“.
„Сега ме бараа луѓето, ме молеа и сето тоа ме асоцираше на ‘Погледај дом свој анѓеле’, особено делот кој вели, ‘од тебе очекују спас’. Тоа беше најјакото што ме скрши. Но, јас сум народен човек, партиски бои не ми требаат, интересите се заеднички на сите, сите сакаат спас и слобода.“
Го прашуваме до која партија идеолошки се чувствува поблизок, а тој вели: „До прогресивните, слободарските, сите што гарантираат демократија. Оваа партија сум јас“, покажувајќи на докторскиот мантил.
Институциите нека ги решаваат криминалите
Бојаџиев тврди дека жителите на Кратово за многу брзо време ќе ја видат разликата во квалитетот на живеење.
„Дури сега почнуваме со испорачување решенија, за луѓето да ја видат разликата. За 14-16 години што е правено, сега ќе го испорачаме за година, две и ќе се види разликата.“
Приоритет му е зголемувањето на вработеноста, преку обезбедување барем два поатрактивни инвеститори. Одговорноста е голема, бидејќи, како што вели тој, младите со кои работел во предизборната кампања биле децидни дека „ако изгуби на овие избори, сите се пакуваат и си одат“.
„Затоа и размислувам за поатрактивна гранка која ќе ги собере и задржи интелектуалците, а решение не е да ја трупаме администрацијата.“
Гасификацијата, отворањето на спортските објекти кои сега се под клуч, како и решавање на проблемот со водата за пиење се еден од приоритетите на новиот градоначалник. За тоа што се правело во општината последниве години, како се добивале тендерите, како се делеле вработувањата и за евентуалниот криминал и корупција, Бојаџиев кратко вели, „за тоа си има институции“.
Размислувам за поатрактивна гранка која ќе ги собере и задржи интелектуалците, а решение не е да ја трупаме администрацијата
„Документите ќе бидат отворени и ќе бидат ставени на располагање, сè ќе се чешла, но тоа е стапица во која лесно можеме да паднеме. Ако се посветиме на тоа, нема да можеме да испорачаме ништо од програмата. Дури и на претставниците на Владата им кажав, вие си имате институции, централна власт, сè што ви треба од документи, бујрум, а ние ќе си ја тераме програмата. Нека ги стават институциите во функција, доста спиеја.“
Ја напуштаме докторската канцеларија на новиот градоначалник на која сè уште ѝ е неизвесна судбината, дали наскоро ќе биде испразнета или ќе остане таква каква што е. Седнуваме на познатата кратовска пастрмајлија, а во кафеаната, гледајќи го фотоапаратот, веднаш знаат дека сме новинари и зошто сме тука.
„Изборите ве интересираат, а? Мора да знаете нешто! Бојаџиев победи и со вмровски гласови. Луѓето сакаа промени“, ни вели келнерот додека нè служи.
Зад себе ги оставаме празните излози, убавата природа и полу-мртвото ридско гратче, но остана енергијата во која се наѕира надежда дека овојпат работите ќе бидат подобри и поразлични, како што, впрочем. жителите на Кратово заслужуваат.