Интервјуа

Богдановиќ: Конфискација за дивоградбите во Центар

Политиколог по професија, 32-годишниот кандидат за градоначалник на општина Центар Саша Богдановиќ, актуелен директор на Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ), е мошне самоуверен кога зборува за добивањето на својот прв градоначалнички мандат во една од клучните општини, каде што во 2013 година најмногу се кршеа копјата за градоначалничкото место меѓу тогашната власт и опозиција. Ако досегашниот градоначалник Андреј Жерновски ја доби градоначалничката позиција дури после третиот круг, сега Богдановиќ е убеден дека победата ќе ја добие уште во првиот. Тој вели дека има големи планови за општината и очекува да ги оствари сите клучни проекти зацртани во програмата.

„Во Центар живеам преку 25 години, тука израснав, се школував, тука ги поминав студентските денови и ги стекнав сите работни навики. Пред да станам директор на Паркинзи на Општина Центар, работев како директор на комерција за една хрватска фирма која се бавеше со производство на изолациони материјали“, раскажува тој.

Богдановиќ инаку со пасија зборува за Работнички, клубот на кој е голем фан. Неговата канцеларија во ПОЦ е украсена со амблеми на Работнички, а и дел од неговите проекти се однесуваат на развој на клубот.

„За некои работи сум емотивно врзан, а кога нешто многу сакате, многу добро и го правите“, вели тој.

Причините за кандидирањето за градоначалник тој ги гледа во фактот што од новата позиција многу полесно би можел лично да презема работи и да носи одлуки, да покренува иницијативи и да се спротивставува на неправилности. 

„Тука посебно мислам на урбаната мафија која во последниов период направи хаос, односно го уништи животот на граѓаните, и во овој дел сакам максимално да придонесам за подобар живот во општина Центар“.

Се уништувале цели фамилии за да профитира урбаната мафија

Генералниот проблем во општината Центар Богдановиќ го гледа во тоа што ДУП-овите биле правени само во интерес на инвеститорите и на тогашната владејачка елита

Богдановиќ најавува дека, доколку дојде на градоначалничката позиција, ќе стави мораториум на сè што не е изградено, а има можност да се гради согласно старите Детални урбанистички планови (ДУП), наследени од власта на ВМРО-ДПМНЕ.

Дел од градбите, пак, што веќе имаат градежни дозволи, ќе бидат стопирaни, бидејќи, како што тврди тој, постојат сериозни сознанија дека бил прекршен Законот за градење.

„На неколку локации каде што се градат огромни зданија на згради и објекти сакаме да докажеме дека се стекнати на криминален начин. Тие се веќе изградени и самиот процес на уривање е многу скап, а би се нарушила и безбедноста. За тоа ќе оставиме да одлучат надлежните институции кои имаат одговорност за тоа. Ако нема можност за рушење, ќе гледаме да докажеме дека изградбата е направена на криминален начин и ќе поведеме постапка за конфискација“.

За градбите кои сè уште не се изградени, но постои веројатност дека ќе бидат, би настапил мораториум, односно ќе се спречи изградбата на понатамошните градби, сe додека не се направи детална ревизија на Деталните урбанистички планови.

„Имаме основани сомненија, тврдења, но и докази дека одредени ДУП-ови се донесени вон законските процедури без запазување на одредени параметри, односно во интерес на некој инвеститор, градежна фирма итн. Воедно ќе почнеме нови ДУП-ови, според нови параметри, односно граѓаните ќе си кажат што сакаат и како сакаат да се развива нивното маало, нивната населба и нивната општина. И кога ќе ги донесеме тие ДУП-ови, а преку ревизијата утврдиме се што е незаконски стекнато и направено, мислам дека ќе направиме едно нормализирање на ситуацијата и ќе го попречиме она дивеење што го имавме изминатиов период“.

Генералниот проблем во општината Центар Богдановиќ го гледа во тоа што ДУП-овите биле правени само во интерес на инвеститорите и на тогашната владејачка елита.

„Со демолирањето на општината и со апсењето на Мирослав Шиповиќ не успеавме тоа да го спречиме бидејќи го изгубивме мнозинството во советот, а потоа нели се започнаа одредени градби, дел беа отфрлени но дел веќе беа почнати, но тврдам дека во периодот што претстои ќе слушнете „бомби“ како некои работи се случувале и како се доаѓало до најатрактивните парцели во Центар на еден или двајца луѓе“.

На нашето прашање дали и во периодот што следува повторно ќе слушаме јавно објавени прислушувани разговори поврзани со градежната мафија, тој вели дека иницијалната каписла произлегува од снимените разговори, но дека овојпат сето тоа ќе биде поткрепено со детална документација.

„Ќе има докази, тендерски постапки, лицитации но и сведоци и оштетени лица во одредени постапки. Граѓаните ќе дознаат како се уништувале цели фамилии само за да се протнат нечии интереси. Сето тоа ќе биде доставено до обвинителството“.

Богдановиќ вели дека иако во Центар има делови каде што е потребна урбанизација, во местата каде што има многу стари и запуштени згради, доколку го добие мандатот на граѓаните, нема да дозволи тие да се претворат во пренатрупани делови, односно залепени згради, една до зграда.

Оваа битка, со урбаната мафија, се чини дека е најголемата која сака да ја води Богдановиќ, а тука влегуваат и објектите од Скопје 2014 за кои тој верува дека изобилуваат со неправилности уште од самиот почеток.

Скопје 2014 е злосторничко здружување од инвеститор, министер и градоначалник

Богдановиќ смета дека документацијата за Скопје 2014 треба да биде објавена и ревидирана во целост, од начинот на кој се добивало земјиштето за градба, па сè до сечењето на лентите

Голем број од документите за тоа како се градеше најголемиот луксузен проект на претходната власт, „Скопје 2014“, веќе се обелоденети, а БИРН направи и база на податоци со детална документација и го објави секој договор меѓу институциите и инволвираните фирми и лица, со цел да се дојде до конечната сума за чинењето на овој проект. Во меѓувреме, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) влезе во Државниот архив и Општината Центар и поведе повеќе предистражни и истражни постапки за начинот на кој се градел и договорал проектот „Скопје 2014“. Сепак, Богдановиќ смета дека документацијата за грандизниот проект треба да биде објавена и ревидирана во целост, од начинот на кој се добивало земјиштето за градба, па сè до сечењето на лентите.

„Ние ќе почнеме од самиот почеток, како е донесен ДУП и дали се запазени одредени параметри. Ќе утврдиме дека одредени ДУП-ови и парцели не се донесени согласно законите и така ќе докажеме дека целата постапка од почеток била промашена. Потоа ќе докажеме дека одредени лицитации што ги имало Министерството за транспорт и врски кое тогаш беше во рацете на Миле Јанакиески се направени спротивни на законот и така ќе докажеме дека имало криминално отуѓување на имотот се со цел одредени сопственици да добијат атрактивни земјишта“, вели тој.

Целата поента, додава Богдановиќ е да се докаже дека самата продажба на земјиштето кое го правело Министерството за транспорт и врски е нелегална, односно дека дека некој намерно продал и отуѓил имот само ради лични интереси или интереси на неколку луѓе, за потоа на истиот да никнат новите барокни објекти и споменици во центарот на градот.

„Кога ќе ја докажеме таа постапка и тоа злосторничко здружување меѓу инвеститор, министер, градоначалник и останати лица, ќе може и да докажеме дека станува збор за нелегално стекнување имот и лична корист  и со тоа да се бара конфискација на имотот“.

Конечно ќе го реализираме проектот „Гасификација“

Гасификацијата е една од клучните проекти на кои Богдановиќ ја потпира својата програма. БИРН веќе ја објави базата на податоци „Општини под лупа“ каде што лесно може да се согледа дека овој проект се провлекува низ ветувањата на секој кандидат за градоначалник, но таа останува нереализирана. Богдановиќ делува оптимистички дека доколку тој и Петре Шилегов од СДСМ како кандидат за град Скопје го добијат мандатот, полесно ќе оди и остварувањето на гасификацијата како проект.

„Досега само две општини се гасифицирани односно започнат е процес на гасификација. Тоа се Струмица и Куманово, кои ги раководеа наши градоначалници, односно премиерот Зоран Заев беше градоначалник на Струмица и Зоран Дамјановски на Куманово и тие се стигнати до доста напредна фаза, во изградбата на секундарната и терцијарната мрежа“.

Тој додава дека гасот е поевтин енергенс, од кој бенефит би имале прво граѓаните кои би заштедиле повеќе пари, а би се намалило и загадувањето бидејќи дрвата за греење што се користат во зимската сезона се сметаат за едни од поголемите загадувачи во градот и општините.

„Гасификацијата е голем проект, го започна град Скопје, но Коце Трајановски никогаш не го оствари туку само го ветуваше во секоја програма. Шилегов најави дека ќе го почне одма во 2018 година и дека ќе се направи целата потребна инфраструктура за да се донесе гасот до јавните објекти, школи, градинки а потоа и до крајните корисници, граѓаните. Тоа е процес кој трае, бидејќи треба анализи, студии, ископувања, но спремни сме тоа да го направиме“, вели Богдановиќ.

Немавме добра комуникација со Трајановски

Тој реагира дека за голем дел од работите досега немале комуникација со градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, па затоа се надева на победа на неговата партија и во Центар и во Град Скопје, со цел заеднички да се надминуваат проблемите кои влегуваат во ингеренциите на двете општини.
„Еве со Коце Трајановски не можевме да се разбереме дека надлежноста над паркинзите треба да ги има општина Центар, имаше и петиции и анкети, ама сето тоа беше залудно, тој едноставно воопшто не те прима да разговараш. За жал си имавме работа со фрустрирани и суетни луѓе кои сметаа дека се најдобри и најпаметни и дека се што е против нив треба да биде згазено и уништено“.

Паркинг во Дебар Маало само за станарите

Справувањето со проблемот со паркирање во општина Центар, енергетски фасади, јавно осветлување, како и грижа за животната средина се дел од приоритетните проекти кои Богдановиќ ги наведува во својата програма како клучни, доколку го добие мандатот.

Целта на кандидатот за градоначалник на Центар е да се тргне ЈП Градски паркинг од територијата на општината и надлежноста да падне единствено на општината.

„Сакаме Центар да го направиме малку позатворен, односно улиците пред зградите на луѓето да ги направиме само резидентнти, односно само за станарите и за гости, ако тие сакаат. Нема да носиме никакви одлуки без да ги прашаме станарите. На оние големи паркинзи како тој спроти Нова Македонија или Холидеј Ин ќе им ги зголемиме капацитетите и таму ќе парткираат сите останати, а потоа малку пешки ќе се движат низ Скопје“.

Паркингот кај „Максим Горки“ и поголемиот дел од Дебар Маало исто така ќе биде предвидено само за станарите, а ќе има можност за изнајмување хибридни возила или велосипеди. Богдановиќ ветува дека автомобилите веќе нема да може да се оставаат на пешачки премини и тротоари за да се отвори простор за велосипедски и пешачки патеки.

Со оглед на тоа што општината Центар не располага со многу зелени површини, идејата на кандидатот за градоначалник е на рамните површини на зградите да се направи зазеленување.

„Истотото го планираме и со Шилегов за кровот на ГТЦ, тој да стане модерен парк, односно да се постави урбана опрема и зеленило“.

Богдановиќ важи за голем љубител на животните, па дел од неговите планови е и справувањето со бројот на бездомните кучиња. Тој вели дека сака тие да бидат слободни, а сепак да се издвојат средства за нивна стерилизација и вакцинација.   

„Никој овој проблем не го решаваше трајно. Го имаме стационарот Вардариште, кој е логор за кучиња, во катастрофална состојба, па јас му сугерирав на Шилегов да го сруши до темел и да изгради неколку други. Во Центар, ако ги чипиранме и обележиме сите кучиња, ќе се знае точната бројка и одговорноста за тие животни ќе биде наша. И ако секоја општина го направи тоа, проблемот ќе се реши“, вели тој.

Богдановиќ ветува и поголема транспарентност со новинарите и невладините организации, односно тврди дека јавноста ќе има увид во сè што ќе биде сработено, а воедно ќе се одржуваат и редовни средби со граѓани и новинари за сите отворени прашања.

Но, предизборниот период секогаш е тука за голем број ветувања, па останува да се видат резултатите, прво од изборите, а потоа и од реализациите, за граѓаните да можат да видат што било ветено, а што реално било постигнато на терен.