Големи промени настанаа во медиумскиот простор во земјава, особено кај интернет порталите и телевизиите чија уредувачка политика беше наклонета кон сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Отпуштања, доцнење со плати, најави за нови весници, отворање нови портали како и кадровски промени се само дел од работите кои се случуваат паралелно со промените на власта.
Според информациите на БИРН, со доцнење на платите од по неколку месеци се соочуваат вработените во телевизијата Нова и во Радио Слободна Македонија, додека неделникот Република веќе се затвори. Од друга страна, телевизијата Алфа за која се очекува да биде главниот играч на ВМРО-ДПМНЕ помеѓу националните телевизии, се зајакнува со нови програмски шеми и со нови кадри.
Од веб-порталите блиски до ВМРО-ДПМНЕ со исто темпо работат Курир и Нетпрес.
Во меѓувреме, сведоци сме на отворање нови портали како што се Њусрум и Пост, каде што преминаа дел новинари од затворените весници Дневник, Вест и Утрински весник.
Веб-порталот на „Вечер“ се подели на два дела
Ако ја отворите веб-страницата на весникот „Вечер“, или барем онаа која читателите ја знаеја до пред извесно време, vecer.mk, ќе забележите дека освен содржините, променет е и импресумот. Електронската адреса е на Gmail, а единствено лице впишано во импресумот е Ивона Талевска. Не се наведени други уредници, директор, новинари, нема лектор, техничко лице или маркетинг како што е впрочем практиката на сите сериозни медиуми.
Според нашите информации, откако Талевска си заминала од уредничката позиција во весникот, во август годинава, ја презела веб-страницата чие лого го заштитила, а ја презела и страницата на Фејсбук која има над 120 илјади фанови.
Сегашниот раководител на Вечер, зетот на Бојо Андрески, Бобан Богдановски Андревски кој е директор на весникот, бил принуден да отвори нова веб-страница, vecer.press, со најстарото лого на весникот. Фејсбук страницата има само 19 илјади фанови, во споредба со 120 илјади на страната на Вечер.мк, а во импресумот се набројани сите новинари, уредници и технички лица вработени во весникот.
Па така, сега веб-порталот Вечер е поделен, на Vecer.mk и Vecer.press, со таа разлика што на веб порталот од Ивона Талевска стои и она познатото „прв дознава“, додека кај порталот од весникот Вечер стои само годината на првото објавување на весникот – 1963.
„Се случија некои непожелни ситуации за кои сè уште не ни е јасно како е можно да се настанати. Ние го заштитивме логото уште во 2006 година, а истото во 2014 го сторила и Талевска. Едното е заштитено со слоган, другото без слоган. Така што домејнот ни е преземен, исто како и страницата на Фејсбук. Да се надеваме дека ќе се реши оваа ситуација“, ни изјави Бобан Андрески, додавајќи дека за случајот не покренале судски спор, иако не му е јасно како е можно исто лого да биде заштитено два пати од различни луѓе.
Република остана без неделник, Радио Слободна Македонија без плати
Во најава нов бесплатен дневен весник
Ако едни медиуми згаснуваат или пак го намалуваат кадарот, на повидок се други, нови медиуми, а веќе се отворија и нови портали.
Во најава е отворање на нов дневен весник, во сопственост на странски инвеститори. Фирмата е основана во септември годинава, но сè уште е неизвесно за кога е најавено излегувањето на првиот број на весникот иако се очекува да почне да излегува кон крајот на месецот. Според нашите информации, новиот весник ќе биде бесплатен, а неколку страници ќе бидат и на англиски јазик.
Засега на пазарот постојат три дневни весници, Слободен печат, Вечер и Нова Македонија и два неделници, Фокус и Капитал.
Пред неколку месеци, во август годинава, се затвори неделникот „Република“, а без работа остана претежно техничкиот кадар, како и маркетинг службата на весникот. Овој неделник беше првиот кој во јавноста станат познат како „Република Белизе“ откако истражувањето Медиа Педиа покажа дека сопствеништвото на медиумот кој по својата уредувачка политика е близок до ВМРО-ДПМНЕ, е сместено во даночниот рај каде што се скриени вистинските сопственици.
Минатата година, „Иресине лимитед“, фирмата од Белизе, излезе од сопствеништвото на неделникот и порталот „Република“ и сега газда на медиумот е досегашниот директор Доне Доневски.
Останува да работи веб-порталот Република, кој пак е сместен на иста адреса со Радио Слободна Македонија, веднаш спроти Владата. Ова радио во јавноста стана познато по емисиите што ги водеа повеќе новинари на Сител, потоа професорката Татјана Каракамишева, Миленко Неделковски, Ивица Боцевски и многу други.
Според информациите на БИРН, поради доцнење со платите, од петокот радиото работи само со технички кадар. Ова може да се види и на веб-страницата на радиото, каде што последните вести се од петокот, а времено исклучен е и телефонскиот број што е оставен на страницата.
Сопственик на Радио Слободна Македонија е фирмата НВСП, чиј сопственик е Владислав Стајковиќ. Фирмата НВСП се појавуваше во прислушуваните разговори, кога се слушаше гласот на директорот на УБК Сашо Мијалков како договара милионски провизии со Израелците за набавка на опрема за прислушување. Според аудио снимките на опозицијата, дел од парите требале да легнат на сметката на НВСП.
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не поднесе обвинение против Стајковиќ.
Освен на Радио Слободна Македонија, НВСП е и сопственик на К-три телевизија од Куманово.
Според информациите на БИРН, во незавидна ситуација е и телевизијата Нова, чиј сопственик Сеад Кочан требаше денеска да седне во обвинителна клупа за случајот „Труст“ за незаконски тендер за ископ на јаглен и јаловина во рудникот Суводол кај Битола. Рочиштето се одложи бидејќи одбраната тврдеше дека не ја добила листата на докази кои по службена должност треба да им бидат доставени пред почетокот на главната расправа. Во меѓувреме, вработените во телевизијата се соочуваат со доцнење на платите од 3 месеци, а дел од нив веќе бараат нови работни места.
На пазарот се засилува телевизијата Алфа, додека телевизиите Сител и Канал 5, иако беа жестоки противници на политиките на СДСМ, во последниов период во вестите ја намалуваат критичката реторика и известуваат побалансирано во однос на владејачката структура.