Регион

Нова кампања на Коалицијата за РЕКОМ за собирање потписи за поддршка

Коалицијата на невладини организации кои се залагаат за формирање на Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства и други тешки повреди на човековите права извршени во поранешна Југославија, повторно иницира кампања на Балканот.

 

Собирање на потписи во рамките на кампањата на Коалицијата за РЕКОМ. Фото: РЕКОМ

Пишува: Вања Ѓуриќ, Нови Сад

Коалицијата за РЕКОМ, оваа сабота, на главниот плоштад во Белград, повторно ќе собира потписи за поддршка, во обид да ги натера балканските лидери да се обврзат дека ќе ги решат прашањата во врска со справувањето со военото минато.

Учесниците во кампањата, до 24 мај, ќе собираат потписи и во други градови во сите поранешни југословенски држави, освен во Македонија, заради актуелната политичка криза.

„Сфативме дека повеќе не постои разбирање за или внимание посветено на справувањето со минатото (на Балканот), и дека ова прашање, кое е многу важно за иднината на регионот, се става под тепих“, изјави за БИРН, Анита Митиќ, од Младинската иницијатива за човекови права, која е дел од Коалицијата за РЕКОМ.

Ова е причината зошто Фондот за хуманитарно право, Коалицијата за РЕКОМ и Младинската иницијатива за човекови права, решија повторно да започнат процес за собирање на потписи за поддршка на напорите, да се внесе важноста на формирањето на оваа комисија, во политичката агенда, вели таа.

Овие организации сакаат да ги убедат лидерите од регионот и претставниците на Европската унија да потпишат договор со кој ќе се обврзат дека ќе ја формираат оваа комисија.

Нагласуваат дека на самитот на земјите од Западен Балкан, што ќе се одржи во јули во Трст, ќе побараат од лидерите на земјите од ЗБ, да ги преземат неопходните чекори за основање на РЕКОМ.

Целта на оваа регионална комисија е утврдување на фактите за воените злосторства и другите тешки повреди на човековите права, извршени во поранешна Југославија, од 1 јануари 1991 до 31 декември 2001 година.

Коалицијата за РЕКОМ е основана во 2008 година, а првата кампањата за собирање на потписи беше реализирана во 2011 година.

Собирањето потписи беше организирано во сите поголеми градови на поранешна Југославија, но, исто така, и по електронски пат.

Иницијативата за РЕКОМ има намера да собере еден милион потписи за поддршка, а досега има добиено околу 600.000.

Во последниве неколку месеци, активистите за човекови права, предупредуваа дека повоените процеси на транзициската правда во регионот се во застој.

„Правото да се знае, што се случило во минатото, е целосно напуштено“, изјави во март, на прес-конференција во Белград, Наташа Кандиќ, основач на Фондот за хуманитарно право.