ССК вчера објавија редактирана верзија на одлуката со која се потврдува обвинението против поранешниот косовски претседател, Хашим Тачи, и уште тројца поранешни припадници на ОВК, за злосторства против човештвото и воени злосторства, извршени во војната во Косово, 1998-1999.
Според документот, кој има повеќе од 200 страници, одлуката за потврдување на обвинението е донесена на 16 октомври, од страна на судијата за претходна постапка, Николас Гију.
Тачи поднесе оставка на функцијата претседател на почетокот на ноември. Тој се изјасни за невин по обвинението, заедно со Кадри Весели, лидер на опозициската Демократска партија на Косово и уште двајца поранешни членови на ОВК, денешни политичари, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими.
Во обвинението се вели дека тие биле дел од „заеднички злосторнички потфат“, кој стоел зад воените злосторства и злосторствата против човештвото, извршени најрано од март 1998, до септември 1999 година, и дека тие биле одговорни за близу 100 убиства.
Целта, според обвинението, била да се преземе контрола врз Косово, при што се користеле средства како „незаконско заплашување, малтретирање, насилство и отстранување на оние што се сметале за противници“.
Како високи припадници на ОВК, тие ја имале „одговорноста на претпоставени лица“, се додава во обвинението.
ССК се формирани за да ги гонат злосторствата, наводно, извршени за време и по војната во Косово, кога српските сили убија и протераа албански цивили во бруталната војна против бунтот на ОВК.
Тие беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои стравуваа дека судскиот систем на Косово не е подготвен да постапува во ваквите чувствителни случаи и да ги заштити сведоците.
Во средината на ноември, Специјализираното обвинителство на Косово (СОК) објави документи во кои се тврди дека Тачи и другите се обиделе да влијаат врз потенцијалните сведоци, дури и пред да бидат потврдени нивните обвиненија.
На крајот на ноември, СОК испрати барање до судијата за претходна постапка, да не го одложува почетокот на судењето за 2022 година, како што побара одбраната за време на статусната конференцијата на 18 ноември.
Во меѓувреме, првиот осомничен кој се појави пред судот и се изјасни за невин, Салих Мустафа, поранешен командант на ОВК во североисточно Косово, го чека своето судење во Хаг.
Во Хаг се и водачите на Здружението на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати и Насим Харадинај, кои ССК, со помош на полицијата на ЕУЛЕКС, ги уапсија кон крајот на септември, за наводно попречување на правдата. Тие ја чекаат одлуката на судијата по барањето за потврдување на нивното обвинение. Според зборовите на адвокатот на Здружението, Томе Гаши, СОК веќе поднело обвинение против Гуцати и Харадинај.