Регион

Офицери на ХВО поврзани со егзекуции и силувања

Документите на Хашкиот трибунал откриваат имињата на команданти на бригади на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) поврзани со незаконско притворање, злоупотреба, силување и убиство на затвореници во општината Прозор-Рама,

Повеќе од 50 луѓе, кои на 31 јули 1993 година биле затворени во средното училиште во Прозор-Рама, западна БиХ, биле префрлени на линијата на фронтот, на планинската локација наречена Црни Врх.

Затворениците биле врзани меѓусебе со жица и биле построени, а потоа им било пукано во грб.

„Војниците на ХВО убиваа еден по еден човек, ги убиваа луѓето што беа построени со нас. Ако некој паднеше на земја, тогаш жицата околу вратот ќе се затегнеше и сите паѓавме. Не можевме да стоиме, затоа што не можевме да дишеме“, изјави заштитениот сведок Б.Л., пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг.

Сведокот Б.Л. сведочеше на судењето на шестмината поранешни политички и воени функционери на босанските Хрвати, кои раководеа со самопрогласената Хрватска Република Херцег-Босна (ХРХБ). ХВО беше воена сила на ХРХБ. Нејзините лидери, Јадранко Прлиќ, Слободан Праљак, Бруно Стојиќ, Миливој Петковиќ, Валентин Ќориќ и Берислав Пушиќ, во 2017 година беа прогласени за виновни за злосторства против човештвото и за други воени злосторства над Бошњаците.

Пресудата донесена пред три години, на 29 ноември 2017 година, утврди дека Праљак бил известен дека припадниците на ХВО преместувале и притворале бошњачки цивили во Прозор-Рама, од јули до август 1993 година. За време на изрекувањето на пресудата, Праљак испи отров во судницата и набргу потоа почина.

МКТЈ, исто така, утврди дека Петковиќ спроведувал воени операции во општината Прозор-Рама, во април и јуни 1993 година, додека Ќориќ бил одговорен за грабежи и уништување во општината, извршени во октомври 1992 година.

Пресудата вели дека на 31 јули 1993 година, на Црни Врх биле убиени 11 затвореници, но таа со сигурност не утврдува дали истиот ден, биле убиени уште десет лица, чии тела беа пронајдени на истата локација.

Сведокот Б.Л. нагласи дека војниците на ХВО избркале еден од затворениците и му наредиле да ги отстрани телата. Војниците потоа се повлекле, оставајќи само еден од нив за да ги чува. Затвореникот успеал да го зграпчи војникот и да му ја украде пушката.

„Не знам како успеав да ги одврзам рацете, но со рацете ја тргнав жицата околу вратот“, рече Б.Л.

Првостепената пресуда вели дека затворениците „успеале да се одврзат и да избегаат“. Потоа војниците на ХВО отвориле оган, пукајќи во затворениците што бегале. Меѓу 23 и 27 затвореници, од 50 построени, успеале да избегаат преку линијата на фронтот и да ѝ се приклучат на Армијата на БиХ.

Беќир Кметаш, кој во тоа време имал 28 години, бил еден од затворениците што биле однесени на Црни Врх, на планината Макљен. Тој сè уште се води како исчезнато лице. Неговите посмртни останки сѐ уште не се пронајдени, вели за БИРН неговиот брат, Суљо Кметаш.

„Беше тешко, бидејќи синот на мојот брат се роди ден претходно (пред тој да почине), но тој не успеа да го види. Го одведоа, за следниот ден да го искористат како жив штит“, вели Суљо Кметаш, денес претседател на Здружението на логорски затвореници на Прозор-Рама.

Во пресудата се наведува дека одлуката, затворениците, од средното училиште во Прозор-Рама, да бидат однесени на Црни Врх, била одобрена од Петар Колакушиќ, заменик командант и „оперативен офицер“ на бригадата на ХВО „Рама“.

Воен полицаец избрал 68 затвореници, кои се наоѓале во средното училиште и му ги предал на Илија Фрањиќ, командант на 2-от полк на 6-от баталјон на воената полиција на ХВО. Затворениците потоа со камион биле префрлени на Макљен, недалеку од линијата на фронтот, а 50 од нив биле однесени на Црни Врх, каде биле погубени.

БИРН не успеа да стапи во контакт со Колакушиќ или со Фрањиќ.

Анализата на БИРН на завршените предмети на МКТЈ, поврзани со злосторствата извршени во ХРХБ и Прозор-Рама, како и на документите од доказниот материјал, на изјавите на сведоците и на експертските наоди, идентификуваше имиња на повеќе од десетина лица поврзани со притворањето, злоставувањето, преместувањето и силувањето на затворениците во Прозор-Рама, како и со користењето на затворениците за присилна работа, но и со уништувањето и конфискацијата на имоти.

Прозор прогласен за „етнички чист“ град

Првите напади врз Прозор-Рама и околните села, биле извршени во октомври 1992 година, а продолжиле следната пролет и лето.

Во извештајот на бригадата „Рама“ на ХВО, потпишан од командантот, Јуре Шмит, а доставен до Жељко Шиљег, командант на оперативната зона на северозападна Херцеговина со седиште во Томиславград, од 24 октомври 1992 година, се наведува дека ХВО воспоставила контрола врз Прозор-Рама и Рамското езеро, и дека двете области се „етнички чисти – муслиманското население е приведено или избегало“.

Два неофицијални извори кои го познавале Шмит, за БИРН изјавија дека тој бил убиен во 1993 година. Информацијата беше објавена и на Фејсбук страниците на некои бригади на ХВО. БИРН не беше во можност да добие официјална потврда за ова, ниту пак можеше да стапи во контак со Жељко Шиљег, за да добиеме коментар.

Нападите врз селата околу Прозор-Рама продолжија во пролетта 1993 година.

Фрањиќ, кој присуствувал на состанокот со Шиљег, во извештајот од 18 април 1993 година напишал дека „на 17 април, единица на воената полиција, успешно претресе и исчисти четири муслимански села-Парцани, Парос, Клек и Скробуќани, каде не беше даден особено силен отпор“.

Во пресудата на МКТЈ изречена на шестмината функционери, се вели дека во следните месеци, имотите во селата Скробуќани, Грачаница и Луг, биле запалени, додека шест лица биле убиени во селото Прајина и на планината Толовац, на 19 јули 1993 година.

Прајина била нападната од околу 30 војници на ХВО, вклучително и од припадници на „Киндер водот“, вод на млади борци кои понекогаш носеле униформи на ХВО, а понекогаш цивилна облека. Три лица биле претепани, а потоа убиени, меѓу кои бил и еден неподвижен човек од околу 80 години.

Училиште претворено во воен затвор

Апсењето на мажите во Прозор, кои потоа биле приведени на неколку локации во градот, започнало во средината на 1993 година.

„Според тоа, советот заклучува дека, по наредба на Жељко Шиљег, воената полиција, со помош на војниците на „Киндер Водот“ и СИС (безбедносно- информативната служба) на бригадата „Рама“, во јуни, јули и август 1993 година, во општина Прозор, апсела мажи, муслимани, вклучително и малолетници, стари и болни лица“, се вели во пресудата на МКТЈ.

Според наредбата на Шиљег од 6 јули 1993 година, воената полиција на ХВО и СИС на бригадата „Рама“, требале да ги уапсат и да ги приведат сите мажи, муслимани, на возраст од 16 до 60 години, во општината Прозор-Рама.

Еден од објектите што се користеле за притвор, било и средното училиште во Прозор-Рама.

Во првостепената пресуда изречена на водачите на ХРХБ, се вели дека основањето на центар за притвор во училиштето, почнало на 7 јули 1993 година, по серија наредби на командантот на бригадата „Рама“, Маринко Зеленика, кој Мато Задро го назначил за одговорно лице за центарот. Задро подоцна е назначен за директор на центарот.

Судот утврди дека на Задро, директен претпоставен му бил Лука Маркешиќ, началник на СИС во бригадата „Рама“, кој му издавал упатства и бил постојано информиран за состојбата во училиштето.

Во разговорот за БИРН, Маркешиќ негираше дека Задро бил негов подреден.

„Јас не му бев надреден офицер на Мато Задро. Тој беше именуван од командантот на бригадата и нему му беше подреден“, ни рече Маркешиќ.

Тој додаде дека Задро во меѓувреме починал, но БИРН не успеа да добие официјална потврда за тоа, ниту пак можевме да го контактираме Маринко Зеленика.

Во наредбата на Шиљег за апсење на муслиманите, од 6 јули 1993 година, се наведува дека треба да се избере локација на која ќе бидат префрлени сите затвореници, додека во училиштето Прозор-Рама треба да бидат задржани само воено способните мажи, „кои се неопходни за извршување на технички или физички работи“.

Во пресудата на шестмината функционери се вели дека во текот на ноќта, меѓу 10 и 11 јули, вкупно 237 затвореници биле префрлени од училиштето во Прозор-Рама во затворот во Љубушки и во логорот Дретељ, додека на 16 јули во затворот во Љубушки биле префрлени 155 затвореници.

Речиси еден месец по наредбата на Шиљег, Маркешиќ, во извештајот од 5 август 1993 година, потврдува дека СИС на бригадата „Рама“ и воената полиција на ХВО, привеле муслимани на возраст од 16 до 60 години, како и неколку лица на возраст под 16 и постари од 60 години и дека дел од тие луѓе биле сериозно болни.

Маркешиќ побарал упатства од претседателството на ХВО во Прозор-Рама и од командата на бригадата „Рама“, што да прават со луѓето над 60 и под 16 години, како и со болните, бидејќи тие не биле војници, туку цивили.

Следниот ден, Маркешиќ испратил барање до ХВО во општината Прозор-Рама, до командата на бригадата „Рама“ и до воената и цивилната полиција, барајќи од нив да се справат со овој проблем.

„Ние нема да бидеме одговорни за ништо што може да се случи или се случува, затоа што навремено дадовме информации за секој инцидент“, напишал Маркешиќ во барањето од 6 август.

Маркешиќ за БИРН потврди дека ги напишал овие извештаи, но не сакаше да даде детали.

Потоа, на 14 август 1993 година, новиот командант на бригадата „Рама“, Анте Павловиќ, наредил, лицата помлади од 16 и постари од 60 години, како и тешко болните, да бидат ослободени.

Затвореници гинеле додека копале ровови

Во случајот Херцег-Босна, МКТЈ утврди дека во јули и август 1993 година, воената полиција и војниците на ХВО, вклучително и припадниците на „Киндер водот“, злоставувале затвореници во средното училиште во Прозор-Рама. Некои од нив биле однесени во непозната насока и оттогаш повеќе не се видени.

За припадниците на ХВО се вели дека на 3 август 1993 година, киднапирале петмина затвореници, на ои оттогаш не им се знае трагата, додека шестмина притворени чие ослободување било одобрено на 31 август, биле предадени на воената полиција и оттогаш се водат за исчезнати.

Судот на Босна и Херцеговина го прогласи поранешниот член на ХВО, Никола Мариќ, за виновен за исчезнување на шест лица од средно училиште во Прозор-Рама, а поранешниот припадник на ХВО, Жељко Јукиќ, го осуди на 15 години затвор, за присилно исчезнување на двајца цивили од средното училиште во Прозор -Рама и за учество во тепање, грабеж и присилно преместување на цивилите од општината Прозор-Рама.

Во пресудата на МКТЈ изречена на шестмината поранешни водачи  на ХРХБ, се вели дека затворениците биле користени како работна сила, вклучително и за работи кои не бие многу ризични, за кои затворениците, за да добијат дополнителен оброк, доброволно се пријавувале, но, исто така, тие биле користени и за копање на ровови на фронтот. При тоа, дел од нив биле убиени или ранети или биле физички малтретирани.

Д-р Нијаз Исламовиќ, кој во тоа време работел во здравствениот дом Прозор-Рама, во 1993 година во неколку наврати ги посетил затворениците во училиштето.

Тој за БИРН изјави дека за време на неговата прва посета, бројни затвореници веќе биле одведени да копаат ровови, така што „немаше толку многу затвореници“.

„Кога дојдов по втор пат, веќе имаше затвореници со повреди, со кои тие претежно се здобиле копајќи по Уздол и Мењик“, нагласува Исламовиќ, додавајќи дека подоцна имало сè повеќе затворени и повредени лица со модринки и скршени ребра.

„На почетокот немаше толку многу повредени, тоа беше почеток на тортурата, но подоцна стануваше сè потешко“, се сеќава тој.

Затворенички силувани во „собирните центри“

Кон крајот на јули и почетокот на август 1993 година, бошњачки жени, деца и стари лица од општината Прозор-Рама, биле приведени во Подграѓе, на периферијата на општината, и во селата Лапсуњ и Дуге. Според сведоците, во овие места биле затворени неколку илјади луѓе.

Во првостепената пресуда на МКТЈ изречена на поранешните функционери на Херцег-Босна, се вели дека уапсените биле приведени од војници на ХВО и од воената полиција, под команда на Илија Фрањиќ, со цел да се ослободи сместување за Хрватите кои доаѓале од Бугојно, Коњиц и Горњи Вакуф.

Извештајот на началникот на СИС на бригадата „Рама“, Лука Маркешиќ, од 14 август 1993 година, укажува дека воената полиција на ХВО, под команда на Фрањиќ, го собрала целокупното бошњачко население од општината Прозор-Рама, во три „собирни центри“, во Подграѓе, Дуге и Лапсуњ.

Суљо Кметаш вели дека трите центри всушност биле „концентрациони логори за жени, деца и стари лица“, во кои биле извршени злосторства.

„Така, на 2 август, околу 20 цивили, вклучувајќи го и мојот покоен татко, беа злоставувани пред мојата куќа. Со јаже го врзаа за бандера и го сечеа со ножеви. Во тие денови, тие силуваа многу жени и девојчиња“, вели Кметаш.

Во пресудата стои дека локалното население било изложено на напади, грабежи, вербално и физичко насилство, но и на силување.

Заштитениот сведок Б.Р., кој работел со општинската комисија во градот Бугојно, недалеку од Прозор-Рама, која собирала информации за воените злосторства, изјави дека во јули и август 1993 година, биле силувани приближно 30 Бошњачки од областа Прозор-Рама. Тој изјави дека меѓу сторителите биле Марио Долиќ, наречен Доле и Зоран Ќалиќ, наречен Ѓока.

Исламовиќ истакнува дека знае за најмалку 20 жени кои биле силувани. Тој, но и сведокот, Руди Геритсен, сведочеа дека еден од сторителите бил Марио Долиќ.

„Сестра ми ми раскажа за Марио Долиќ. Триесет луѓе престојувале кај мајка ми, а тој влегувал пијан и им велел да се соблечат“, раскажа Исламовиќ.

Во пресудата се споменуваат и два извештаи од 13 и 14 август, едниот на одделот за одбрана на ХВО, а другиот на СИС на бригадата „Рама“, во кои се наведува дека припадници на воената полиција и на бригадата „Рама“, земале млади затворенички и ги силувале.

„Девојки и жени беа земани од собирните центри во Подграѓе, Лапсуње и Дуга, кои не беа обезбедувани, и беа водени во куќи во кои беа силувани, малтретирани и понижувани“, напишал Маркешиќ во извештајот на СИС од 14 август.

„На пример, голи жени мораaт да ги послужуваат, додека не се согласат да водат љубов, ги тепаат, некои ги стрижат до нула. Се доаѓа и во муслимански куќи каде што ќерките ги соблекуваат пред татковците или обратно“, пишал тој.

Во извештајот што го испратил до управата на СИС, Маркешиќ нагласува дека вакви инциденти се случуваат веќе подолго време и систематски, и дека тој за ова писмено го известил претседателот на ХВО, Илија Јозиќ, како и командантите на бригадата и на воената и цивилната полиција.

Маркешиќ, исто така, доставл извештај од Задро, управникот на затворот, истакнувајќи дека тој има бројни изјави од силувани Бошњачки, додавајќи дека локалните војници и некои воени полицајци се одговорни за сексуалното злоставување, поради што СИС не може да соработува со воената полиција.

Заштитениот сведок Б.К. изјави дека борците на ХВО, кои, поголемиот дел од времето, биле пијани, редовно ноќе доаѓале во Подграѓе и земале жени кои потоа ги силувале на противпожарната станица во Прозор-Рама.

Друг заштитен сведок, Б.П., изјави дека од 2 до 12 август 1993 година, Зоран Ќалиш и Марио Долиќ доаѓале во селото Лапсуњ и ги навредувале и се заканувале дека ќе ги убијат бошњачките жени и деца, кои биле затворени таму.

Таа потенцираше дека среде ноќ, на 10 август 1993 година, од дома ја извадиле двајца војници што таа ги познавала – Љубан Бакетариќ, наречен Љупче и извесен Маријан, кои потоа ја силувале во поле покрај патот.

БИРН не успеа да стапи во контакт со Бакетариќ.

Во 2011 година, Судот на БиХ го ослободи Дарко Долиќ од обвиненијата за злосторства над цивили, вклучително и од обвинението за силување во селата Лапсуњ и Дружиновиќи.

Во пресудата се вели дека Зоран Ќалиш починал, а БИРН не успеа да стапи во контакт со Марио Долиќ.

Обвинителството на Босна и Херцеговина не одговори на прашањето на БИРН, дали се водат истраги за злосторствата извршени од силите на ХВО и од воената полиција во Прозор-Рама.