Обвинителката, Катрина Густафсон, истакна дека барањето на адвокатите на Младиќ, треба да се отфрли, бидејќи не постои гаранција дека поранешниот командант на ВРС ќе се врати во Хаг, ако биде пуштен.
Таа нагласи дека Младиќ ја добива целата потребна медицинска нега во притворот во Шевенинген.
Минатата година, рече обвинителката, беше одбиено слично барање на одбраната на Младиќ, бидејќи „совет не беше убеден дека Младиќ ќе се врати пред Трибуналот, со оглед дека претходно 16 години се наоѓаше во бегство“.
„Младиќ неодамна беше осуден на казна доживотен затвор, што само го зголемува ризикот дека може да избега. Наводите на одбраната на Младиќ, дека гаранциите од Србија ја поништуваат опасноста од бегство, се неосновани“, истакна обвинителката.
Таа додаде дека одбраната во своето барање не прецизира каков третман Младиќ може да добие во Србија, кој не му е достапен во притворската единица.
Описот на точната природа на болеста на Младиќ, не е наведен во поднесокот.
Во почетокот на февруари, одбраната на Младиќ поднесе жалба против одлуката со која беше одбиено барањето, нивниот клиент да биде пуштен на лекување во Србија.
Одбрана, исто така, поднесе барање за укинување на пресудата, со која тој беше осуден на казна доживотен затвор за геноцид во Сребреница и за други злосторства извршени во Босна и Херцеговина и да се наложи прекин на постапката, бидејќи Младиќ покажува знаци на „деменција“.
Хашкиот трибунал го осуди Младиќ на казна доживотен затвор за геноцид во Сребреница, за прогон на Бошњаците и на Хрватите низ БиХ, за тероризирање на граѓаните на Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.
Со истата пресуда, тој беше ослободен од обвинението за геноцид извршен во 1992 година.
Адвокатите на Младиќ уште пред изрекувањето на пресудата се жалеа на здравствената нега што нивниот клиент ја добива во единицата за притвор и бараа посета на српски и на руски лекари, кои би утврдиле дали Младиќ соодветно е лекуван во притворот во Хаг.