Вжештените преписки меѓу обвинителката Вилма Русковска и директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, не личат на ништо, но откриваат дека во приказната со работен наслов „Претрес во УФП“ на некој од нив „треба да му се скрои капата“, обвинителската или директорската.
Инаку, зошто граѓаните секој ден би требало да читаат текстови за тоа што напишал директорот, а што му одговорила обвинителката?
Тема е претресот во Финансиската полиција, а интересот на јавноста е да дознае дали преку оваа институција некој добил награда за противзаконски да влијае врз одредена постапка? Претрес бил правен во многу институции, но не се памети да се кренала толкава џева во јавноста.
„Високата температура“ што искри од писанијата на обвинителката и директорот не може да се сведат на естрадна епистоларија за тоа кој, што и како напишал. Ова е пресериозно за да се толкува само како козерија и правна анегдота.
Пламените јазици што бликаат од неколкудневните писма, го потврдуваат она што новинарите во континуитет го пишуваат, а тоа е дека овие две институции, или барем нивните шефови, се во лична прикриена војна, за која досега, самите говореа „низ заби“.
Оттаму е сосема легитимно прашањето дали нивниот меѓусебен антагонизам што сега и јавно ескалира е на штета на откривањето на криминалот?
Врвот во нивните преписки го достигна предполноќниот апел на Русковска за помош од странските амбасади. Иако е јасно дека европската обвинителка Лаура Ковеси нема, ама баш никакви ингеренции во случајот, уште помалку, пак, странските амбасади, кои не би си дозволиле да прават упад во обвинителството на суверена држава, загрижува фактот што шефицата на најважната институција за гонење на организираниот криминал бара помош од странски држави за да ја води предистрагата.
Тоа значи само едно, дека таа не гледа сојузник во нејзините колеги од државното обвинителство, што во основа е многу опасно. Овој конфликт Русковска – Муареми, за првпат на виделина отвори уште еден конфликт Русковска – Љубомир Јовески. Државниот обвинител наместо да им укаже на обвинителите што открил при надзорот, тој одлучи тоа јавно да сподели, што не е обвинителска пракса.
Излегува дека во моментот јавно сите се против Русковска.
Своевиден аргумент дека обвинителката е на една страна, а другите на другата е еднакво експресната и заштитничка реакција на Здружението на јавните обвинители.
Тие, како еснафско здружение, немаат кредибилитет да говорат за што било, откако ги одмолчеа најсрамните непостапувања на Обвинителството во времето на Никола Груевски, а сега се портретираат како адвокати на Јавното обвинителство. Молскавично пишаа во одбрана на јавниот обвинител Јовески против „надмоќната“ Русковска.
За квалификациите од директорот на Финансиската полиција, пак, кон Русковска која исто така е обвинител – ниту збор.
„Муниција“ во војната „обвинителката наспроти директорот“ е и постара снимка што ѝ ја пуштија на Русковска, во која таа расположено коментира дека „заборавила“ во притвор осомничен за црниот четврток. За таа снимка, јавниот обвинител Јовески не реагира.
Тој реагира формално за процедурата и само за процедурата за претресот во Финансиската полиција, па пишува дека обвинителката буквално го излажала судот?!
За тоа дека очигледно ова е сериозен конфликт, говори и тоа што на веб-страницата на Јавното обвинителство нема една реченица за поднесеното обвинение за пожарот во модуларната болница во Тетово, каде што изгореа 14 луѓе, но затоа има цел „катиљ-ферман“ од соопштение за „пропустите“ на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
И уште повеќе, меѓу јавните обвинители се вртат муабети дека Русковска непримерно „се ујдисала“ со државниот правобранител, кој, исто така, му поднесе кривична пријава на директорот на Финансиската полиција и дека тој нивен договор и дружење почива на емоции, а не на принципите на непристрасно водење истрага, со што практично дополнително ја минираат постапката.
Тимот на Русковска, како што налага законот, ги побарал документите од Финансиската полиција, но не ги добиле. Како што изјави таа, од Финансиската полиција првин им дале образложение дека инспекторите биле на одмор и дека им треба повеќе време. Обвинителката можела да побара да се казни институцијата што нема да им ги достави бараните податоци, но таа одлучила да бара наредба за претрес.
Тоа е обвинителска проценка и никој не може да се меша во истражниот план за тоа што и по кој редослед ќе открива обвинителот.
Она што од обвинителите доаѓа до судиите, многу често е мошне штуро и без образложенија, затоа што Обвинителството се доживува како државен орган кому му се удоволува буквално сѐ. Малку се судии што бараат дополнителна аргументација од обвинителите за да им издадат наредба за претрес или за посебни истражни мерки.
Да, судот не смее да биде само администратор на постапките на Обвинителството.
Но, ставете се во улога на судија што ќе одбие наредба за претрес на обвинител по индиција дека се проверуваат наводи од кривична пријава. Што требало да направи судијата?! Да рече, обвинителке, извинете, не ме убедивте во вашето барање?! Дали тоа судијата го става во ризик да биде доживеан како соучесник кој ја блокира истрагата? За потребата од претрес во Законот за кривична постапка нема степен на основи на сомнение, туку се ценат околностите.
Директорот на Финансиската полиција, пак, секој втор ден јавно се жали дека не била испочитувана процедурата за претрес, поднесе претставка за судијата што ја издал наредбата, а најави и кривични пријави за обвинителите. Но, Муареми не се жалел кај судијата за законитоста на претресот.
А голите факти се едноставни.
Претресот во Финансиската полиција е спроведен врз основа на наредба од надлежен суд.
Како била добиена наредбата, е сосема друго прашање, но тоа е правен акт, на кој, оној кому му се врши претрес, нема право на жалба. Муареми можел да се жали само за тоа како е спроведен претресот, ама не и на наредбата, преку судска контрола над законитоста (член 290 од Законот за кривична постапка на кој самиот се повикува).
Судијата што ја издал наредбата воопшто не морал да се врзува за квалификацијата на правното дело зашто во предистражна постапка, квалификацијата е „работна“ и со неа „царува“ јавниот обвинител.
Во овој случај, сосема беспредметно е прашањето дали обвинителката аргументирано го убедила судијата зошто им треба претрес во Финансиската полиција. Кога веќе ја добила наредбата за претрес, нема сила што ќе може да ja оспори. A наредбата за претрес не смее да биде само „плашење мечка со решето“, како што е пракса во голем дел од случаите кај нас, туку проверка, која ќе открие дали има траги или докази од кривичното дело.
На крајот на краиштата, наместо схоластички расправи за правни процедури, дневни брифинзи, изјави и соопштенија, разврска на овој случај, за кој, јавноста секој ден чита нешто ново, мора да има.
Овој случај, иако е предистрага, веќе стана јавен, и тој не смее да се забошоти, да се завитка во обланди и да остане на ниво војна на две функции и/или дневно-политичка афера.
Едно е сигурно, судирот Русковска – Муареми е војна до крај и едниот од протагонистите ќе мора да биде поразен. За жал во тој процес поразени и пеплосани се и оние бедни осум проценти доверба во правосудството.