Регион

Од ООН побарано да изврши притисок врз Србија заради екстрадиција на тројцата радикали

Претседателот на Хашкиот трибунал побара од Советот за безбедност на ООН да преземе акција, со која конечно ќе се обезбеди апсење на тројцата членови на Српската радикална партија, СРП, од страна на Белград.

Судница на Хашкиот трибунал. Фото: МКТЈ

Претседателот на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), Кармил Агиус, во средата, пред Советот за безбедност на ООН, изјави дека ова тело мора да дејствуваат, за да се спречи неисполнувањето на обврските што Србија ги има кон овој суд за воени злосторства.

Агиус истакна дека Белград не ги исполнил своите обврски во согласност со Статутот на Трибуналот и одбил да ги спроведе налозите за апсење на тројцата членови на СРП, обвинети за непочитување на судот.

Налозите за апсење на Вјерица Радета, Јово Остојиќ и Петар Јојиќ, беа издадени пред речиси две и пол години, а на почетокот на оваа година, Интерпол издаде и црвена потерница по обвинетите.

Агиус нагласи дека во писмото што го испратил на 1 март, официјално го известил Советот за безбедност на ООН дека Србија не ги почитува своите обврски.

„Република Србија нема да ги исполни своите меѓународни обврски, сѐ додека овие налози за апсење и предавање не бидат реализирани”, вели тој во писмото.

„Советот за безбедност има капацитет да одговори на ова прашање и затоа е неопходно да преземе решителни чекори во оваа насока”, додава тој.

Тројцата членови на СРП се обвинети за заплашување на сведоци, на судењето на нивниот лидер, Воислав Шешељ, кој минатата година беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства. Неговиот случај сега е во жалбена постапка.

Србија одби да ги екстрадира во Хаг, повикувајќи се на одлуката што минатата година ја донесе Вишиот суд во Белград, со образложение дека српските власти можат да апсат само лица кои Трибуналот ги бара за воени злосторства, геноцид и злосторства против човештвото.

Српската влада се повика и на безбедносни причини, истакнувајќи дека нивното апсење може да предизвика немири во земјата.

Радета е пратеник во Собранието на Србија, како и нејзиниот лидер, Шешељ

Тројцата радикали изјавија дека никогаш нема доброволно да му се предадат на Хашкиот трибунал, за да се соочат со обвиненијата.

Шешељ, исто така, одби да се врати во Хаг, откако во 2014 година беше привремено ослободен поради лекување. Тој не беше присутен на изрекувањето на пресудата во Хаг.

МКТЈ ќе функционира до крајот на 2017 година.

Агиус пред Советот за безбедност на ООН истакна дека Трибуналот е на пат да ја заврши својата работа, што го вклучува и донесувањето на пресудата во случајот на Ратко Младиќ, кое се очекува во ноември оваа година.