Регион

Брамерц: Националистите во БиХ „ги глорифицираат воените злосторници”

Главниот обвинител на Хашкиот трибунал, Серж Брамерц, го предупреди Советот за безбедност на ООН, дека националистите во Босна и Херцеговина и натаму ја негираат вистината за злосторствата извршени за време на војната во оваа држава, што се водеше во периодот 1992-1995 година

Серж Брамерц. Фото: ОБСЕ

Серж Брамерц, главен обвинител на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) и на Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ), во своето обраќање пред Советот за безбедност на ООН во средата, изјави дека националистите, од различни етнички групи во Босна и Херцеговина, и натаму ги третираат воените злосторници како херои.

„Пораката на негирањето и ревизионизмот е јасна и гласна. Ги признаваме своите жртви, но не и вашите. Вашите воени злосторници, се наши херои“, рече Брамерц.

Тој се осврна на неодамнешната изјава на министерот за образование и култура на босанскиот ентитет, Република Српска, во која се вели дека во овој ентитет ќе бидат забранети учебници кои содржат лекции за геноцидот во Сребреница и за опсадата на Сараево.

„Овие факти ги учат децата во целиот свет, но не и во земјата каде се извршени овие злосторства”, рече Брамерц.

Тој го спомна и концертот на хрватски националистички пејач, Марко Перковиќ Томсон, кој ќе се одржи во четврток вечер во поделениот босански град Мостар, за поддршка на шестмината воени водачи на босанските Хрвати, кои Хашкиот трибунал ги осуди за воени злосторства, а чиј предмет се наоѓа во жалбена постапка.

Брамерц истакна дека негирањето на воените злосторства бара итно справување со ова прашање.

„Кога неодговорните функционери ги користат поделбите, дискриминацијата и омразата, за обезбедување на власт, конфликтите и ѕверствата можат да попримат сопствена логика. Ова беше случај пред две децении, кога започнаа геноцидот и етничкото чистење, но тоа важи и денес“, рече тој.

Истакна дека МКТЈ на крајот од оваа година го завршува својот мандат и дека поради тоа, поважно од кога и да е, е да се одговори на овој предизвик.

„За да се обезбеди мирна иднина мора да постои заедничко прифаќање на минатото”, додаде тој.

Предупреди дека соработката меѓу земјите од поранешна Југославија, кога станува збор за процесирање на воените злосторства, е несоодветна.

„И претходно известував дека регионалната правосудна соработка по прашањата од кривичното правосудство во поранешна Југославија се движи во погрешна насока, а тоа и денес е случај“, заклучи тој.