Регион

Од САД побарано да изврши притисок врз Србија за случајот Битиќи

Семејството на тројцата браќа Битиќи, американски државјани од албанско потекло, кои беа убиени во 1999 година во Србија, бара од американските официјални лица, за време на претстојната посета на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на САД, да извршат притисок, случајот да биде решен.

Пишува: Филип Рудиќ, Белград

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на средба со официјални лица на САД, во текот на својата последна посета на Вашингтон во 2015 година. Фото: Бета

Семејството на тројцата американски државјани од албанско потекло, кои беа убиени од српските сили во 1999 година, бара од американскиот потпретседател, Мајк Пенс, за време на посетата на српскиот претседател, Александар Вучиќ на САД, која треба да се реализира од 16 до 18 јули, да побара решавање на овој случај.

Правен Мадхираџу, правен застапник на семејството Битиќи, за БИРН вели дека тие сакаат Пенс директно да му го постави ова прашање на Вучиќ, со цел „да се обезбеди дека ветувањата дадени на американските официјални лица, ќе се почитуваат повеќе од оние кои се дадени за да се заштити Горан Радосављевиќ”.

Семејството Битиќи смета дека Радосављевиќ, поранешен командант на специјалната полициска единица и на полицискиот центар за обука во Петрово Село, каде што браќата Битиќи биле притворени пред убиството, е главен осомничен.

Радосављевиќ сега е во пензија, но е политички активен како член на Извршниот одбор на владејачката Српска напредна партија на Вучиќ.

Тој беше сослушан во врска со смртта на браќата Битиќи, но обвинение против него не беше подигнато. Негираше каква било вмешаност во овој случај.

„Претседателот Вучиќ има можност да го придвижи случајот напред“, вели Мадхираџу.

Сепак, тој додава дека семејството со голем скептицизам ќе го прифати секое ветување или информација што Вучиќ ќе ја понуди, и оти таков став треба да заземат и американските официјални претставници.

Илија, Агрон и Мехмет Битиќи, се бореле во редовите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), против српските сили. По војната биле уапсени од српската полиција, кога залутале на необележаната гранична линија меѓу Србија и Косово.

Кога ја одлежале казната, додека ја напуштале зградата на затворот во Прокупље, повторно биле уапсени, а потоа однесени во центарот за обука во Петрово Село и затворени во складиште.

Во вечерните часови на 9 јули 1999 година, непознати лица им ги врзале со жица рацете на браќата Битиќи и ги однеле до јама за фрлање отпад, каде биде убиени со истрели во тилот.

Семејството Битиќи потенцира оти Вучиќ постојано ги крши своите ветувања дека случајот ќе биде решен и оти не го информира семејството за напредокот на истрагата.

Тие, исто така, нагласија дека Вучиќ „лажно најавувал ‘нови докази’ пред важни дипломатски пресвртници”, дека не презел веродостојни чекори за поттикнување и заштита на сведоците и оти го ризикувал угледот на Србија, но и својот углед, за да го заштити Радосављевиќ.

Овој случај сѐ уште е главен билатерален проблем меѓу Србија и САД. Во пресрет на посетата на Вучиќ во Вашингтон, американскиот амбасадор во Белград, Кајл Скот, се сретна со новата обвинителка за воени злосторства, со која разговараше за ова прашање.

„Амбасадорот за време на разговорите посебно ја нагласи постоечката загриженост на САД, заради немањето решение во случајот на браќата Битиќи”, соопшти амбасадата на САД, пренесува весникот „Денес“.

„Прашањето за решавање на убиството на браќата Битиќи е тест за подготвеноста на Србија да го прифати она што го направи во Косово”, вели, Душан Јањиќ, од Форумот за етнички односи.

Друго отворено прашање меѓу Белград и Вашингтон е палењето на американската амбасада, за време на немирите што избувнаа во Белград во 2008 година, откако Косово прогласи независност.

Државниот обвинител обвини пет полициски началници, кои беа одговорни за одржување на јавниот ред и мир за време на немирите. Имињата на осомничените и натаму се тајна, бидејќи судот не ги потврди овие обвиненија.

На седум учесници во немирите, моментално им се суди во обновена судска постапка.

Со првостепена одлука тие добија условни казни од 6 до 10 месеци затвор, но Апелацискиот суд во 2016 година ја поништи оваа пресуда.

„Палењето на амбасадата и случајот Битиќи се многу тешки прашања. Можно е (Вучиќ) да даде некакви ветувања (на САД за решавање на овој случај)“, вели Јањиќ.

Објавено и на Балканска транзициска правда