Анализи

Oд што избега Мијалков?

Правда во различни брзини за ексшефот на тајната полиција

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Извесно е дека празно ќе биде столчето за Сашо Мијалков в петок, 26 февруари, во судницата број еден на Кривичниот суд при објавата на пресудата за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“.

Поранешниот шеф на тајната полиција, за разлика од пред две години кога ја слушна пресудата за „Титаник 2“, веројатно е дека нема да чуе во живо дали ќе биде огласен за виновен.

Спроти судиите Владимир Туфегџиќ, Џенета Бектовиќ и тројцата поротници се очекува да се појават само неговите адвокати, како и останатите обвинети и нивните бранители.

Со мали промени во приказната, ова отсуство од изрекувањето на пресудата би било веќе видена епизода: се случи и со неговиот братучед, експремиерот Никола Груевски, кој, иако беше во Скопје, одлучи да не ја чуе пресудата за предметот „Тенк“.

И додека се бара виновник за драмата околу бегството, извесно е дека на Мијалков би му се судело во отсуство за останатите три предмети што се во судот „Трезор“, „Титаник 2“ и „Тортура“.

Ако кон тоа се додадат и истрагите за предметите „Империја“ и „Плацови на Водно“, тогаш вкупната бројка на случаи во кои Мијалков е под кривичен прогон е шест.

Првиот сведок испитан една година по првото рочиште

Максималната затворска казна за прислушувањето за Мијалков е 13 години | Фото: БИРН

Oд сите четири предмети каде што Мијалков е обвинет, првото судење за кое седна на обвинителна клупа беше токму „мајката“ на сите предмети на СЈО, „Таргет-Тврдина“. Датумот на првото рочиште е 22 декември 2017 година.

Но, иако почна прв, судењето одеше бавно. Па така, судот го испитал првиот сведок дури на 6 ноември 2018 година, односно по речиси една година.

Судиите ги одложуваа расправите поради различни причини: изземање судија, раздвојување, па спојување на постапката за Јанкулоска во овој предмет, чекање на решенијата за екстрадицијата на обвинетите бегалци Горан Грујевски и Никола Бошкоски.

Ова судење е едно од оние предмети на СЈО, кое, гледано од денешна перспектива, имаше различна динамика, односно беше побавно на почетокот и се забрзуваше кон самиот крај. За цела 2018 година, вкупно биле закажани десет рочишта, додека во 2020 година, приближно толку имаше само во три месеца, кога судиите закажуваа по неколку рочишта месечно.

Непосредно откако медиумите почнаа гласно да пишуваат дека застарува едно од трите дела за кои тој е обвинет, судот веројатно, сакајќи да не остане дамка во постапувањето дека бил неажурен, ги забрза рочиштата.

Втора пресуда за прислушувањето

За скандалот со прислушувањето, судот веќе ја осуди Елена Џиланова, која призна вина и доби условна казна затвор.

Мијалков в петок може да добие вкупно 13 години затвор ако биде осуден со максимални казни за сите три кривични дела за кои е обвинет.

За него постапката се води со скратени рокови, бидејќи делата за кои е обвинет поединечно се со казни најмногу до пет години затвор.

Настрана од математиките околу можната казна, две прашања остануваат без одговор: дали атмосферата во која со недели во јавноста се шпекулираше за висината на казната за Мијалков и наближувањето на денот на пресудата биле доволен сигнал за поголема претпазливост на органите на прогонот? И колку неговото бегство ќе им влијае на судиите при изрекувањето на пресудата како отежнувачка околност?

Три месеци без рочиште во „Титаник 2“

Нови почетоци во „Тортура“ и „Титаник 2“ | Фото: БИРН

Ако брзините во „Таргет-Тврдина“ оделе бавно, па брзо, во предметот „Титаник 2“, каде што ексшефот на УБК е обвинет дека примил награда за противзаконско влијание врз членовите на ДИК за одлука за прегласување на локалните избори во 2013 година во Струмица оделе обратно.

Тој, по неполна година судење, во март 2019 беше неправосилно осуден за овој предмет. Девет месеци подоцна, Апелација ја укина пресудата и предметот почна одново. Но, една година оттогаш, поточно на 21 декември лани, поради тоа што поминале три месеци без ниедно одржано рочиште, предметот формално по вторпат почнал одново.

Соработникот на Мијалков го уапсија по судење

Тони Јакимовски, поранешниот шеф во кабинетот на Мијалков, беше уапсен по судењето за предметот „Таргет-Тврдина“. Судницата, веднаш штом заврши рочиштето, почна да се полни со полицски „алфи“, кои го уапсија за друг предмет, односно за случајот со злоупотребите на специјалната каса во УБК.

Предметот е на средина, кога треба да се сослушаат сведоците на одбраната. Ова дело за Мијалков застарува за две години, односно во 2023 година.

За ексшефот на УБК, при крај е предметот „Трезор“ за набавка на опремата за следење од Велика Британија, преку фирмата „Финзи“. Таму е обвинет дека ја злоупотребил службената положба и овластување.

Обвинет е и во предметот „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски заедно со петмина полициски „алфи“. Пред речиси еден месец за овој предмет беше испитан еден обвинет.

Овој случај на СЈО почна од почеток поради откажување на поротничка среде судење, поради протек на 60 дена без ниедно одржано рочиште. Следното судење е закажано за почетокот на следната недела.

Притворен, пуштен, притворен, пуштен…

СЈО бараше притвор за Мијалков уште во 2017 | Фото: БИРН

За поранешниот прв човек на сега веќе покојната УБК се бара притвор уште од 2017 година, односно уште од поднесувањето на обвиненијата на СЈО. И тоа токму за предметот со прислушувањето. Но, тогаш судот ги одби барањата.

Една година подоцна, Мијалков во студена ноемвриска ноќ, првпат влезе во притвор за прислушувањето. Истражителите го уапсија вечерта на местото каде што често престојува, хотелот „Мериот“, и го однесоа во затвор. Тоа се случи откако неговиот братучед Никола Груевски објави на Фејсбук дека добил политички азил во Унгарија.

Извори од СЈО за БИРН тврдат дека акцијата била планирана многу внимателно и исклучително доверливо и за неа знаеле само Катица Јанева, обвинителката Лиле Стефанова и неколкумина истражители од згаснатото обвинителство. Тогашната акција за апсење на Мијалков заврши успешно.

Потоа судот му го укина притворот за прислушувањето, но Мијалков не излезе на слобода, туку остана во притвор. Причина беше истрагата во случајот „Империја“. Притворен беше поради опасност од бегство и влијание врз сведоци.

Оваа сага со притворите продолжи и откако тој излезе на слобода благодарение на  мислењето на Врховниот суд.

Со изрекување на пресудата во „Титаник 2“, судот повторно му определи притвор. Тој на тоа се жалеше, па наместо во затвор, судот одлучи да биде во домашен притвор.

Пред да биде одлучено за притворот, Мијалков на судиите им рече дека нема намера да бега и дека проблемите не се решаваат со бегање. „Стилот на моето живеење не е бегањето“, кажа тогаш Мијалков.

Кога поминаа 60 дена излезе и од домашен притвор бидејќи така пропишува Законот за кривична постапка.

Освен обвиненијата, за поранешниот прв човек на УБК има активна истрага во предметот „Империја“, каде што е меѓу тринаесеттемина осомничени, заедно со бизнисмените Орце Камчев, Цветан Панделески и други.

Најновата истрага во која е осомничен Мијалков е за спорната купопродажба на плацовите на Водно, каде што е „во друштво“ на Орце Камчев, која беше отворена лани.

За предметот „Империја“ се чека вештачење, а „Парцелите на Водно“ е во завршна фаза пред обвинение. Мијалков е сослушан и во двете истраги и нема пречка да биде обвинет, но и за овие предмети би му се судело во отсуство.