Регион

Одбележување на годишнината од ослободувањето на Загреб

По повот 75 години од ослободувањето на Загреб БИРН посети места, кои се симболи на антифашистичкиот отпор

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

На 8 мај 1945 година, партизаните, со преминување на реката Сава, влегле во Загреб. Иако повеќето сили лојални на НДХ го напуштиле градот претходниот ден, борбите продолжиле низ целиот град. Со ослободувањето се стави крај на четиригодишното владеење на усташкиот режим.

Класиќ вели дека пред овој датум, партизанскиот лидер, Јосип Броз Тито, и командата на Југословенската армија, очекувале силен отпор од усташите, затоа што Загреб бил центар на НДХ. Но, на 6 мај, усташите и нивниот водач, Анте Павелиќ, решија да се повлечат од Загреб.

„Усташите излегоа од Загреб, исто како што влегоа во него, крадешкум, тајно, бегајќи“, потенцира Класиќ.

Традицијата на палење на големи огнови на местото каде што партизаните ја преминале реката, започна во 1977 година и траеше до крајот на осумдесеттите. До деведесетите, 8 мај се славеше како Ден на градот Загреб, но сега тој ден се слави на друг датум.

Невладината организација, Мрежа на жени антифашисти, од Загреб, ја обнови традицијата на палење на огновите, но годинава, поради пандемијата на корона вирусот, настанот ќе изостане.

Ботаничката градина: комунистите ги нападнаа усташите

Спомен-плочата на оградата на ботаничка градина во Загреб. Фото: БИРН

По создавањето на НДХ, „многу комунисти заминааа во шумите за да организираат вооружен отпор и ги оставика зад себе животите кои, во согласност со законот, ги живееја до тогаш”, истакнува Класиќ.

Тие сакаа Загреб да биде „непокорен град“, објаснува тој, цитирајќи наслов на добро позната ТВ серија за антифашистичкиот отпор во градот, од раните осумдесети години.

„Во секој случај, имаше многу акции: разни форми на диверзија, фрлање бомби, пукање во некои истакнати усташки функционери“, додава Класиќ.

Еден од првите забележителни напади, планиран од студенти и работници, бил оној извршен во близина на ботаничката градина во Загреб.

„Кон средината на денот, на 4 август 1941 година, на ова место, група студенти, скоевци, со бомби нападнаа група студенти, усташи. Во таа пригода, беа убиени и ранети 28 фашисти и предавници“, пишува на спомен-плочата на оградата на ботаничката градина, која денес е во многу лоша состојба и едвај се чита.

Истиот ден, усташките власти објавиле дека се стрелани четворица напаѓачи и дека како иницијатори на нападот на смрт биле осудени 98 Евреи и комунисти, додека следниот ден властите објавиле дека стрелале уште 87 Евреи и комунисти.

Главната пошта: диверзија на телефонските комуникации

Главната пошта во Загреб. Фото: БИРН

Друга важна акција била диверзијата во главната пошта во Загреб, на 14 септември 1941 година – напад организиран од Централниот комитет на Комунистичката партија на Хрватска. Серија експлозии предизвикале сериозни штети на телефонските постројки и неколкучасовен прекин на телефонските комуникации.

„Оваа акција му нанесе сериозен удар на фашистичкиот окупатор и на неговите слуги, го крена духот на народот и ПТТ службениците и ја зацврсти нивната верба во борбата за ослободување“, стои на спомен-плочата подигната во 1961 година, во чест на организаторите на диверзијата, што и денес може да се види во холот на поштата, која се наоѓа на улица Јуришиќева во Загреб.

Илегалната радиостаница: емитување на пораки на отпорот

Спомен-плочата на куќата во улицата Тушканова во Загреб, каде се наоѓала илегалната радиостаница. Фото: БИРН.

Илегалното емитување преку радиостаници, било важен дел од методите на движењето на отпорот. Илегалната радиостаница на Централниот комитет на Комунистичката партија на Хрватска, почнала со емитување на 23 јули 1941 година. Таа била сместена во приватен стан на улицата Тушканова во Загреб.

„Преку оваа радиостаница, во јули 1941 година, беше објавен проглас на Централниот комитет, со кој народите на Југославија се повикуваа да учествуваат во вооружениот отпор“, се вели во натписот на спомен-плочата поставена на куќата.

Оваа е една од ретките плочи кои потсетуваат на активностите на Комунистичката партија, што не се отстранети. Многу важни состаноци на отпорот, што се одржувале во приватни домови, беа одбележани со спомен-плочи, кои во деведесетите беа отстранети.

Споменикот на декемвриските жртви: егзекутирани партизани

Споменикот на декемвриските жртви во Загреб. Фото: БИРН

Класиќ забележува дека усташките власти успеале да неутрализираат бројни комунисти.

„Само 100 членови на (Комунистичката) партијата во градот Загреб, го дочекаа крајот на војната – многумина беа стрелани, многумина затворени. „Оние што имале среќа, можеле да избегаат од Загреб и да заминат во борба за ослободување на територијата“, вели тој.

Големите партизански акции биле проследени со одмазда на усташите, честопати брутална. „Бесењето на заложниците беше јавна практика на усташите“, со цел да се заплаши населението во Загреб, наведува Антифасистички Вјесник, веб-страница посветена на антифашистичкото наследство.

Споменикот на декемвриските жртви во источен Загреб, беше подигнат во знак на сеќавање на 16 антифашисти, кои усташите јавно ги обесиле на 20 декември 1943 година. Нивните тела биле оставени да висат неколку дена како предупредување за другите. Во последните неколку години, споменикот честопати беше мета на вандали, кои по него исцртуваа нацистички симболи.

Класиќ вели дека ставот на Хрватска кон ослободувањето на Загреб и антифашизмот генерално е „последица на она што започна во раните 1990-ти“, за време на војната за независност, кога Југославија и нејзиното комунистичко минато се сметаа за политички отровни.

Дури и денес, хрватското антифашистичко наследство се гледа низ таа призма, потенцира Класиќ и додава: „Илјадници и илјадници млади мажи и жени беа подготвени да го дадат својот живот и го дадоа својот живот за слобода и борба против расизмот, национализмот и омразата – ние денес тие луѓе ги забораваме“.