Регион

Католичката црква во БиХ ќе одржи миса за убиените во Блајбург

Споменик на жртвите од Блајбург Извор: Википедија

Иво Томашевиќ, генерален секретар на Бискупската конференција во БиХ, за БИРН денеска изјави дека мисата за хрватските нацистички сојузнички трупи и цивили, убиени од партизаните на крајот од Втората светска војна, нема да биде откажана, и покрај осудите на политичарите, антифашистичките активисти и на бројни јавни личности.

„Не гледам причина зошто бискупите од Бискупската конференција во Босна и Херцеговина треба да дискутираат околу евентуалното откажување на таа света миса. Црквата секогаш се молела и ќе се моли за покојните и тоа не треба да му пречи никому што има добра волја“, нагласи Томашевиќ за БИРН.

Годишнината на овој настан обично се одбележува на 16 мај во Блајбург, Австрија, но оваа година настанот е откажан, заради ограничувањето за патување, поради пандемијата на коронавирусот. Затоа организаторите решија да одржат комеморации во Сараево и во Загреб.

Комеморацијата во Блајбург е контроверзна затоа што дел од учесници на тој настан, истакнуваат симболи на усташкото движење, кое во Втората светска војна убиваше Евреи, Срби, Роми и антифашисти.

Главниот организатор на комеморацијата е Почесниот блајбуршки вод, невладина организација регистрирана во Австрија, додека Бискупската конференција е коорганизатор на верската служба во Сараево.

Томашевиќ ги отфрли критиките упатени поради учеството на католичката црква во настанот.

„Искрено жалам поради оние кои имаат желба да не вратат во времето на едноумието и еднопартискиот систем, наместо да се дистанцираат од злосторствата извршени во име на која било идеологија“, нагласи тој.

Жељко Комшиќ, хрватски член на Претседателството на БиХ, кого некои босански Хрвати го сметаат за предавник поради неговите антинационалистички позиции, изјави дека го советува кардиналот, Винко Пуљиќ, кој ќе ја предводи службата во катедралата Срце Исусово во Сараево, да се помоли и за душите на невините жртви на воените злосторства.

„Нека се сети на злосторствата на Црната легија на Јуре Францетиќ, на злосторствата на Макс Лубуриќ во Сараево и нека се помоли за душите на илјадниците невини цивили, вклучително и деца, убиени на најбрутален начин во Јасеновац и Доња Градина … и да прифати сам во себе дека тие, за кои тој сака да се помоли во сараевската катедрал, извршија такви злосторства, од кои дури и нивните нацистички господари беа вџашени“, рече Комшиќ.

Во последниве години, симболите на усташкото движење станаа вообичаена појава на овој собир. Австриски и хрватски антифашистички активисти, минатата година протестираа за време на комеморацијата во Блајбург, нарекувајќи го „фашистички собир“.

Министерството за внатрешни работи на Австрија забрани два симбола на хрватското усташко движење, буквата У, која се наоѓа околу сребрена граната од која се појавува црвен пламен и грбот со шаховницата на Независната Држава Хрватска (НДХ), од Втората светска војна.

Католичката црква на Корушка, минатата година го одби барањето на Хрватската бискупска конференција, да одржи миса во Блајбург, бидејќи, како што образложи, овој настан се користи за промоција на националистички идеи.

Југословенската армија, во 1945 година, погуби десетици илјади хрватски војници и цивили, кои бегаа по падот на НДХ, во граничната област на Корушка, Австрија, а нивните телата ги фрли во јами.