Регион

Одбраната на наследството на Тито е антифашистичка должност

Националистичките напади врз Тито и врз партизанското наследство, се директно поврзани со самиот идентитет на националистите, но и со нивното помирување со фашизмот.

Коментар на Феѓа Буриќ

Неодамнешниот предлог, во Сараево да биде преименувана улицата која го носи името на Јосип Броз Тито, е последниот напад врз антифашистичкото наследство во регионот. Пред неколку недели, истото се случуваше и во Загреб, каде наводно левичарскиот градоначалник изјави дека немал друг избор, освен да капитулира пред барањата на некои членови на градскиот совет и да го преименува плоштадот „Маршал Тито“.

Настојувањето, Тито да се избрише од колективното сеќавање на просторот на поранешна Југославија, тече со децении. Пред да ја нападнат Југославија, националистите го нападнаа нејзиниот основач. Во 90-тите години, српските националисти побараа гробот на Тито, кој се наоѓа во Белград, да биде преместен во Хрватска „каде што и припаѓа“.

На ова, хрватските националисти реагираа со големо негодување и ја отфрлија привелегијата Тито да се врати дома, обвинувајќи го за геноцид извршен над хрватската нација, на која тој, всушност, ѝ припаѓаше.

Тогаш, Босанците, а посебно оние во градот Тузла, понудија овој град да биде новото место на кое што Тито ќе почива. Се чини дека и овој пат, Босанците беа најгласни во отпорот за бришење на Тито од колективното сеќавање, токму како што го изразија и својот протест против последниот предлог на еден општински советник во Сараево, за преименување на улицата што го носи името на Тито, по што дел од раководството на овој град, мораше да соопшти дека такви планови, всушност, воопшто и не постоеле.

20 години подоцна, гробот на Тито и натаму е во Куќата на цвеќето во Белград, а неговата Југославија е закопана под стотици илјади тела.

Националистичките напади врз Тито и врз партизанското наследство, се директно поврзани со самиот идентитет на националистите. Оживувањето на постјугословенските национални држави, нужно вклучуваше и помирување со фашистичкото наследство на овие нови национални држави.

Во Србија, Слободан Милошевиќ, својата поранешна Комунистичка партија ја спои со четничките и фашистичките традиции на српската десница. Рехабилитацијата на нацистичкиот, односно фашистичкиот соработник, Милан Недиќ, потоа на Димитрије Љотиќ, како и на четничкиот лидер и фашистички соработник, Дража Михајловиќ, се логична кулминација на режимот на Милошевиќ, дури и по неговиот пад. Овие настојувања продолжија, па дури и ескалираа во времето на Александар Вучиќ.

Во Хрватска, владата на Фрањо Туѓман беше експлицитна во настојувањата да го врати наследството на нацизмот во усташки стил, во ткивото на хрватската нација. Присуството на непоколебливиот усташки аполог, Гојко Сушак, кој, за време на распадот на Југославија, беше главен повереник на Туѓман и министер за одбрана на Хрватска, како израз на државата предводена од ХДЗ, беше очигледен маневар да се постигне оваа цел.

Пречистувањето на учебниците по историја во постјугословенска Хрватска, кое имаше за цел да ги минимизира, но често и да ги избрише ужасните геноцидни акции на усташката Независна Држава Хрватска, НДХ, продолжи и во Хрватска како членка на ЕУ. Поранешниот министер за култура, Златко Хасанбеговиќ, беше на чело на напорите за санирање на крвавото наследство на НДХ.

Во Босна и Херцеговина, најпоколеблива, кога станува збор за сеќавањето на Тито, беше бошњачката елита. Ова е поврзано со проектот на Тито и појавувањето на современиот бошњачки национален идентитет, но, исто така, и со популарноста што Тито и натаму ја ужива кај огромен дел од населението.

Ова е причина зошто предлогот на општинскиот советник на Партијата за демократска акција, СДА, Тарик Даутовиќ, за преименување на улицата што го носи името на Тито, предизвика големо незадоволство, дури и меѓу неговите партиски врсници, кои се чувствуваат обврзани да ја истакнат посветеноста на нивната партија, кон антифашистичките традиции.

Во време кога фашизмот, нацизмот и други видови на елаборации на некои од најомразените и насилни десничарски идеологии, одекнуваат низ цела Европа и наоѓаат ‘удобност’ дури и во Белата куќа, неопходно е да продолжиме да се сеќаваме и да го чествуваме антифашистичкото наследство на поранешна Југославија.

Антифашизмот беше, се разбира, поголем од Јосип Броз. Со сигурност може да се каже дека повеќето партизани кои храбро се бореа со нацистите и нивните домашни соработници, не беа членови на Комунистичката партија на Југославија, КПЈ. Но, подеднакво е важно да се запамети дека без КПЈ и Тито, тешко може да се замисли појавувањето на движењето на отпорот, во услови кога владееле граѓански војни и фашистички терор, што во април 1941 година, го зафати целиот регион.

Тито беше тој, кој што кон крајот на 30-тите, воведе воена дисциплина во крајно фракциската и мала Комунистичка партија на Југославија. Тито беше тој, кој што го насочи вниманието на партијата кон отпорот против нацистите и нивните домашни соработници, во време кога дури и најпрогресивните сили во тогаш окупираната Југославија, го прифатија пристапот „чекај за да се види што ќе се случи“, кон новиот расен поредок на Хитлер.

Тито беше тој, кој што дури и неподготвените членови на партијата ги турнаа во недвосмислен отпор против окупаторот, дури и со големи лични напори. Неспорно е дека Тито беше човек со голема храброст, кој во текот на 1941-1945 година, ја ризикувал дури и личната безбедност, во корист на антифашистичкото движење. Дури и неговите најголеми идеолошки противници, вклучувајќи го и Винстон Черчил, беа импресионирани од неговата храброст. Да, Тито имал помош, главно од Советската Црвена Армија во ослободувањето на Југославија (особено на Белград), но зачудувачки импресивно е како тој, сред брутална граѓанска војна меѓу главните народи на Југославија и под тешката фашистичка чизма на многу посупериорниот непријател, го обединил партизанското движење, кое помеѓу 1941-1943 година, се зголеми од неколку илјади до четвртина милион членови. Веројатно, постигнувањата на Тито беа уште поголеми во мирнодобско време.

Хитлер ја остави Југославија во пепел, а по серија крвави граѓански војни, во кои што најголем број Југословени починаа во меѓусебни напади, Тито создаде нова Југославија. Да, користел методи на сталинистичка репресија (особено пред разединувањето со Сталин во 1948 година), но без тоа, не ќе се спроведеше инспиративната програма за економско и социјално подмладување на социјалистичката Југославија.

Во повоените години, релативно малата Југославија постигна астрономскиот раст на БДП, еден од највисоките во Европа и ја зајакна својата улога на светската сцена, станувајќи непостојана членка на Советот за безбедност на ООН, а подоцна и еден од основачите на Движењето на неврзаните. Првично приморан да се разедини со Сталин, Тито неволно ја прифати последователната умерена либерализација на економскиот и политичкиот живот, но резултатите беа значајни. Земјата се отвори кон Запад, југословенскиот пасош ги отвори границите и за другите граѓани на источно европските комунистички земји, кои можеа само да сонуваат за премин на границите, а успехот на Југославија во спортот беше далеку над нејзината релативна големина и значење.

Во време кога нацистите маршираат по улиците на американските градови, кога некои земји членки на ЕУ стануваат отворено ксенофобични и расистички, а фашистичкото наследство повторно се враќа во образовните програми и во општествениот простор на постјугословенските национални држави, од суштинско значење е да ги потсетиме граѓаните на овие држави и на светот, каква огромна историска личност бил Јосип Броз Тито, како и на придобивките што тој ги даде за антифашизмот во регионот и во Европа. Затоа треба да се бориме, на секој чекор, против бришењето на Тито од нашето колективно сеќавање.

Објавено и на Балканска транзициска правда
Феѓа Буриќ е професор по историја на Универзитетот Белармин во Луисвил, Кентаки, САД.
Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН или на Универзитетот Белармин.