Во овие студени денови, ретко кој ги памети високите јулски температури и улиците полни со луѓе што протестираа, додека внатре во климатизираното Собрание, опозициските пратеници, со продорниот звук на вувузелите, спречуваа да се чуе сѐ што се обидуваа да кажат владините претставници и пратениците од владејачкото мнозинство.
А тоа е сликата за јули 2022, месецот во кој се усвојуваше таканаречениот француски предлог, со кој условно се деблокираа македонските европски интеграции, закочени од официјална Софија.
Доколку се извадат навредливите пораки и епитети, кои не се воздржуваа да ги употребат опозиционерите летоска, дилемите, и тогаш, и денес остануваат исти.
Тие сѐ уште може да се сведат на истото прашање – дали францускиот предлог, официјално веќе усвоен во Собранието, навистина ќе ги деблокира македонските европски интеграции или, пак, ќе биде само кратко забавување пред нови бугарски пречки?
Документите со кои се исцртува начинот на кој Македонија може да напредува кон Унијата, тогаш, со денови се држеа во тајност, а македонската јавност ги дознаваше и преку неретко спинуваните текстови од бугарските медиуми.
Сега, веќе како официјални, се објавени на интернет-страницата на Владата и нема потреба од неофицијални и официјални брифинзи и спинови. И додека терминот „француски предлог“ се чини веќе никој не го споменува, една негова ставка сѐ пофреквентно се користи во јавната дебата – внесувањето на Бугарите во Уставот како услов за продолжување на преговорите со Европската Унија.
Како дојде до францускиот предлог?
По јануарските прегратки и бакнежи што си ги разменија на првата средба премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков, двајцата премиери одбегнаа да го продолжат пристапот на претходниците Зоран Заев и Бојко Борисов, кој беше навидум непосреден, но, сепак, оптоварен со историски и идентитетски прашања.
Новите премиери, во првите месеци одбраа да зборуваат за економски, а не за историски теми, формираа меѓувладини работни групи, кои требаше да работат на економска, образовна и културна соработка.
Но, таквиот пристап траеше малку подолго од авиолинијата Софија – Скопје што ја најавија и ја пуштија како симбол на поврзување меѓу двата главни градови. A авиолинијата функционираше помалку од два месеца.
Додека сѐ уште се правеа анализи што стои зад таквиот економски пристап на Петков, дали е искрен или, пак, само купува време во обид да воспостави ред во други сфери во тамошното општество, во април дискурсот повторно се смени.
Во јуни, Слави Трифонов, лидерот на Има таков народ, партија која беше дел од владината коалиција на Петков, драматично извикувајќи „за Македонија“ најави дека ја напушта владата обвинувајќи за национално предавство. Неколку недели подоцна, владата падна, а по одржаните избори, на кои ГЕРБ повторно има најмногу пратеници, партијата на Трифонов не влезе во новиот парламент.
На истиот стар начин, во бугарското општество стана доминантна темата Македонија. Владините коалициски партнери почнаа да се закануваат со напуштање на коалицијата, се формираа себугарски комитети за македонското прашање, телевизиите секојдневно угостуваа соговорници што го портретираа Петков како предавник на бугарските интереси.
Во обид да им удоволи на таквите радикални гласови, Петков допатува во Македонија, но овојпат не кај својот колега Ковачевски, туку во Битола, на отворањето на клубот на македонските Бугари, „Ванчо Михајлов“. Тоа беше и клучниот момент повторно во сенка да паднат економските теми за сметка на историските.
Тој период, македонското општество се вознемири за клубовите, но дебатата тука за другите теми поврзани со Бугарија беше далеку помирна. Топката за тоа што се случува и кој подготвува предавства се префрли на бугарска страна.
Од таа бука во Софија произлегуваа и повеќето информации за тоа што се случува околу можното решение.
Македонската влада, пак, тогаш одлучи да биде воздржана. Поинакви коментари речиси и да немаше од вообичаеното „кога ќе има нешто ново, ќе кажеме“.
А зад јавната сцена, како што се покажа подоцна, се случувале нови работи, односно се подготвувал францускиот предлог. И за него македонските граѓани дознаваа од бугарските политичари и најчесто од приватната бугарска агенција БГНЕС, која во Бугарија, пак, не е меѓу главните извори на информации.
Во справувањето со тие полуинформации, властите во Скопје беа неуспешни. Истакнувајќи го аргументот дека преговорите не може да се водат јавно затоа што се наштетува на процесот, не ја препознаа информативната војна во која веќе беше влезена Софија, која наштети на довербата во целиот процес.
И додека од таму се лиферуваа информации за договорените документи, често спинувани во корист на бугарската страна, во Македонија се подготвуваше теренот за отпор кон договорот, кој заврши со протести пред и со вувузели внатре во Собранието. Молкот на македонските власти беше само дополнителен аргумент дека договореното е лошо за нас.
Влијание имаа и јавните настапи на поранешниот вицепремиер и министер за надворешни работи, Никола Димитров, кој без ракавици го критикуваше предлогот, нарекувајќи го дебакл на македонската дипломатија.
Во јули, картите мораа да се отворат. Францускиот предлог веќе беше на маса, пред пратениците и подготвен за гласање. Неколкуте брифинзи и консултации што ги одржаа премиерот и министрите не беа доволни да ги убедат противниците и јавноста дека го договориле најдоброто.
Од сега веќе усвоениот документ произлегуваат обврски, а најитна е внесувањето на Бугарите во Уставот, процес со кој треба да се справува владата, a би требало да го заврши до јуни, за да може да се одржи втората Меѓувладина конференција, со која, всушност, и ќе се отвори првиот кластер од преговорите.
Слично како и при договарањето на францускиот предлог, и сега владините претставници имаат ист наратив, односно бараат поддршка од пратениците за влегување на Бугарите во Уставот, ултимативно инсистирајќи на крајно поларизирачкиот дискурс преку кој сите тие што нема да гласаат, ги етикетираат дека се против европската интеграција.
Вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ отиде до таму што во обидот да ја долови важноста на уставните измени рече дека „блокадата првпат е во наши раце“.
„Досега блокадата секогаш беше во Софија, Атина, Париз… Денес е во наши раце и од нас зависи дали ќе застанеме по скринингот на истото место или ќе продолжиме со поглавјата“.
Уставните измени, сепак, се само прв чекор на патот кон ЕУ. Тој впечаток го сподели и претседателот Стево Пендаровски во новогодишното обраќање одговарајќи на дилемите дали може да има гаранции дека тоа ќе биде последното барање во процесот на преговори.
„Никој не може да даде гаранции“ , рече Пендаровски.
Новите бугарски клубови, нови пречки во односите
ечиси паралелно со дебатите, најнапред за францускиот предлог и сега за уставните измени, низ Македонија почнаа да се отвораат нови бугарски клубови со имињата на Иван Михајлов или Цар Борис Трети, на кои општата јавност бурно реагира.
Тоа, заедно со македонските Бугари што ги гледавме на телевизиите со инсистирање дека „сега е моментот да се бараат отстапки од Македонија“, вбризгаа дополнителна зла крв и во онака отровните односи меѓу двата народа, кои како никогаш да не биле полоши од Втората светска војна.
Па, видовме палење, едно пукање, протести и навредливи транспаренти, нешто што официјална Софија веќе грижливо го забележа и го прокнижи во македонското европско досие:
„Констатираме сè поагресивно однесување кон бугарската заедница во Северна Македонија и обид да се ограничат нејзините права“, во нималку завиена форма предупреди службениот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, неодамна.
„Институциите на соседната земја изгледа не ја земаат предвид променетата динамика во билатералните односи и обврските што Северна Македонија ги има преземено кон ЕУ и Бугарија“.
Културен клуб се појави и во Бугарија, на Македонците што живеат таму. Го именуваа по Никола Јонков Вапцаров, поет и револуционер, кој и Бугарите и Македонците го сметаат за свој, чие отворање, исто така, помина со тензии.
Комисијата – можно ли е затишје пред бура?
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања досега често беше камен на сопнување меѓу политичарите од двете земји.
Особено во 2019 и во 2020 година, кога официјална Софија ја воспостави блокадата на македонскиот европски пат, а комисијата беше истакнувана како еден од главните кочничари.
Но, минатата година како да имаше помалку препирки меѓу политичките елити предводени од македонскиот премиер Ковачевски и поранешниот прв човек на бугарската влада, Петков.
И додека на јавната сцена немаше голема меѓудржавна врева за нивната работа, на хартија, во документот именуван како Втор билатерален протокол за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство, двајца државни претставници се обидоа делумно да ѝ го трасираат патот.
Конкретно во протоколот се предвидува таа да има осум до десет состаноци годишно, а членовите добија и охрабрување од владите да „ги интензивираат своите активности и да постигнат јасни резултати“.
Интензитетот на средбите не значи и квалитет во работата, реплицираа дел од членовите во македонскиот тим. Во однос на охрабрувањата, кои може да се сфатат и како политички притисок, ова, всушност, не е првпат да се употребуваат вакви фрази.
Во 2019 година, македонската влада, на пример, усвои и посилен заклучок, барајќи од комисијата „решително да ја забрза својата активност за значајни теми од нашата заедничка историја“, конкретно набројувајќи ги Гоце Делчев, Илинденското востание и други и да настојува да се постигнат реални резултати до крајот на 2019 година.
Годината 2019 помина пред четири години, а комисијата сѐ уште е далеку од завршувањето на темите, како Делчев и Илинденското востание.