Регион

Одземен статус: „Избришаните“ во Словенија и нивната долга борба за правда

Во февруари 1992 година, на илјадници луѓе од поранешните југословенски републики, Словенија ненадејно им ги одзеде дозволите за престој

Пред дваесет и девет години, Мирјана Учакар, открила дека повеќе не е жител на Словенија – поранешната југословенска република во која била родена, израсната, во која го завршила своето образование и во која работела.

Учакар открила и дека одеднаш веќе немала никакви основни права, кои ги уживале другите постојани жители на Словенија.

„Беше страшно, бев скршена … Никаде не одев, се држев подалеку од сè“, вели Учакар за БИРН.

Следувала повеќегодишна борба за добивање на словенечки документи, бидејќи таа живеела во страв дека може да биде депортирана.

Учакар е една од 25.671 државјанин на поранешните југословенски земји, кои Словенија, на 26 февруари 1992 година, откако прогласи независност и ги смени законите, без предупредување ги избриша од регистарот на жители со постојан престој.

Документите што им беа издадени во Словенија, додека тaa сè уште беше дел од Југославија, станаа неважечки и тие го загубија правото на престој. Многумина се најдоа во центарот за странци, чекајќи на депортација.

Со губење на статусот, некои луѓе останаа без работа, затоа што им требаше дозвола за престој за да можат да работат, како и здравственото осигурување, но и други права.

Од 1999 година, беа донесени неколку важни судски одлуки и беа усвоени закони за враќање на правата на таканаречените „избришани“ луѓе. После повеќегодишни кампањи за правда, многумина добија отштета од Словенија, а илјадници добија државјанство или дозвола за престој.

Учакар посочува дека за тоа што се случило на почетокот на 90-тите, денеска ретко се зборува, бидејќи ова прашање се смета за затворено.

„Повеќе не се зборува за ова, од време на време се спомнува како далечна неправда што се случила на почетокот на независноста на Словенија“, вели таа.

Но, дури и денес, некои веруваат дека оваа огромна бирократска неправда е голема дамка врз минатото на Словенија, а активистите велат дека сè уште не добиле соодветно официјално извинување од словенечките власти.

Некои од нив и денес ги чувствуваат последиците од она што се случило во 1992 година, особено оние чии пензии се пониски, бидејќи изгубиле дел од работниот стаж, кој се пресметува во пензијата, поради губење на дозволата за престој.

„Ние што успеавме да добиеме државјанство и пензии, имаме толку малку  години работно искуство, што нашите пензии се мизерни“, нагласува Учакар.

„Самоволни депортации“

Учакар е коосновач на Здружението на избришани жители во Република Словенија и се залага за правата на другите луѓе, кои се најдоа во истиот административен кошмар.

Борбата за правда била долга, тешка и исцрпувачка, што најдобро го илустрира случајот на нејзиниот колега активист, Александар Тодоровиќ, Србин, кој, исто така, го загубил правото на постојан престој и кој извршил самоубиство по долгогодишно активистичко делување.

„Тој беше човек со одлични идеи. Понекогаш удираше со главата во ѕид, само за да го постигне она што го мисли“, се присетува Учакар. „Во тоа време, ние се боревме жестоко (против политичкиот систем).

Тодоровиќ бил еден од најгласните активисти и честопати бил мета на критики на политичарите и десничарите. Учествувал во бројни демонстрации и кампањи, па дури и штрајкувал со глад.

„Тогаш тој полека падна во депресија, се разболе и на крајот изврши самоубиство. Тоа беше пред точно седум години“, истакнува Учакар.

Таа објаснува дека имало луѓе кои поминале полошо од неа, како што се оние што биле депортирани во други земји од поранешна Југославија, честопати без официјални образложенија или правни пресуди.

„Нема податоци за лицата кои беа депортирани. Депортациите беа извршени без ничија одлука – она што се случуваше е дека доаѓаше полиција, ги ставаше во автомобил и ги носеше до границата“, вели таа.

Една од најтрагичните приказни е онаа за Драгомир Петроњиќ – босански Србин, кој, од 1979 година, живеел во Целје, со дозвола за постојан престој. Тој бил депортиран од Словенија во септември 1992 година, прво во Хрватска, а потоа, среде војна, во БиХ.

Семејството на Петроњиќ, кое останало во Словенија, го барало повеќе од една и пол деценија, сè до 2007 година, кога посмртни останки пронајдени во војната во близина на Јајце, биле идентификувани како негови.

„Несакани луѓе“

„Бришењето се случи набргу по распадот на Југославија и во време кога штотуку започнаа крвавитe војни на териториите на државите наследнички“, вели за БИРН, Власта Јалушич, коосновач и виш истражувач на Мировниот институт, невладина организација со седиште во Љубљана.

Патот на Словенија до независност беше најмалку крвав. Војната за независност траеше само десет дена, од 27 јуни до 7 јули 1991. Но, постоеше националистичка нетрпеливост кон другите народи – кон несловенците, „балканците“ или „јужнаците“.

Затоа, многу набудувачи сметаат дека „бришењето“ од 1992 година, не било обична административна грешка, туку систематско и намерно отстранување на она што се сметало за „непожелен“ дел од населението.

„Иако ова не можеше да се докаже од самиот почеток, случајот со избришаните јасно покажува елементи на систематски чин и елементи на таргетирање на препознатлива – иако не хомогена – група на етнички несловенци“, нагласува Јалушич, која работела на ова прашање во 2000 година.

Таа потсетува дека уште во осумдесеттите години, „словенечката политичка елита ги поддржуваше антибалканските и прозападните државни митологии“, кои словенечките политичари ги потврдија во 90-тите години.

Јалушич додава дека она што тогаш почнало да се појавува е „државен мит за некаква апсолутна колективна невиност на нацијата: Словенците никогаш не угнетувале никого и никому не му наштетиле; згора на тоа, низ историјата тие биле жртви на странски народи, тоталитарни режими и така натаму“.

Ова постави темели на верувањето дека Словенија, како нова држава, е ослободена од одговорност за каква било неправда во минатото, дека оние што ја создале се „невини и недопирливи“ и дека „злите работи“ се случувале само во другите држави на поранешна Југославија, за време на нивните војни, вели таа.

Кога Мировниот институтот започнал да работи на истражување за „бришењето“ од 1992 година, разговарајќи со луѓето кои биле директно погодени, Јалушич, како што вели, сфатила „колку сериозни биле прекршувањата“ и колкав бил „обемот на самото кривично дело“, поточно колку луѓе биле погодени и колку сериозно.

„Тие исчезнаа како луѓе, што доведе до нивно непостоење во правото и во општеството. Како што знаеме, нивните документи беа уништени, тие беа принудени да бараат да добијат документи од места на кои никогаш не живееле, ги изгубија своите работни места, станови, пријатели, а понекогаш и семејството и најблиските, можеле да ги загубат и своите животи поради депортацијата на места каде што се водеше војна“, објаснува таа.

„Атмосфера на негирање“

Активисти на „Избришаните“ пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во јули 2011 година. Фото: Борут Крајнц.

Судските случаи покажаа дека се повредени човековите права. Словенечкиот Уставен суд, двапати пресуди дека „бришењето“ било незаконско – во 1999 и во 2003 година, и дека на погодените треба да им се врати статусот на постојан престој, ретроактивно, од датумот на бришење од евиденцијата.

Во 2010 година, словенечкиот парламент усвои законски измени со кои им се овозможи на повеќето луѓе, чии документи беа одземени во 1992 година, да добијат дозвола за постојан престој.

Потоа, во 2014 година, Европскиот суд за човекови права и наложи на Словенија да им плати отштета на шест поранешни југословенски државјани, на кои им беа одземени правата на престој. Истата година, словенечката влада воведе систем за оние кои сакаа да поднесат барање за враќање на статусот.

Од словенечкото Министерство за внатрешни работи за БИРН изјавија дека 12.361 лице, успеало повторно да добие дозвола за престоја, од кои 3.815 добиле дозволи за постојан престој, а 8.546 добиле словенечко државјанство.

Тие додаваат дека биле поднесени вкупно 8.182 барања за отштета.

„Донесени се решенија за 8.062 барања за утврдување на финансиски надомест во управна постапка; одобрени се 5.797 барања, одбиени се 1.988, отфрлени 189, а за 88 барања постапката е прекината“, објаснуваат од Министерството.

„До 31 декември 2020 година, износот на паричен надоместок доделен со конечни решенија во управна постапка, изнесуваше вкупно 26.538.750 евра“, наведува Министерството за внатрешни работи на Словенија.

Некои побарале отштета преку словенечкиот судски систем. Словенечкото државно обвинителство примило 369 такви барања, а уште 153 случаи се во тек.

Сепак, и Учакар и Јалушич посочуваат дека многумина не успеале да ги обноват правата на престој и дека многумина не биле обештетени.

Според Јалушич, сè уште постои атмосфера на негирање – оти словенечката јавност „не е подготвена да ги слушне фактите“ и дека постои „политика на лажење за тоа што се случило“.

Овој проблем беше тема во делата на неколку креативни уметници од регионот, понекогаш предизвикувајќи реакции на шок во јавноста. Така, во 2018 година беше прикажана премиерата на филмот „Избришана“, од авторот и режисерот, Миха Мацини, според неговиот истоимен роман, кој говори за жена која оди во болница да се породи, но открива дека престанала да постои, па нејзиното бебе официјално е прогласено за сираче.

Мацини вели дека откако филмот „Избришана“ бил прикажан на националната телевизија во Словенија, во октомври 2020 година, „словенечкиот министер за внатрешни работи пишуваше за тоа на Твитер два дена по ред, нагласувајќи дека финансирањето на таков филм е срамота за Словенечкиот филмски центар“.

Со оваа тема се занимаваше и хрватскиот театарски режисер, Оливер Фрљиќ, во својата претстава, „Паразитите се меѓу нас – 25.671“. Кога неговата претстава беше изведена во театарот Прешерен во Крањ во 2013 година, медиумите објавија дека некои луѓе во публиката биле шокирани од фактот дека не знаеле за настанот со избришаните, додека други реагирале негативно на приказната.

Словенечките функционери во ретки пригоди се извинија за тоа што се случило.

„Колку што ми е познато, поранешната министерка за внатрешни работи, Катарина Кресал, јавно се извини и изрази сочувство со жртвите. Двајца (поранешни) претседатели на Собранието, Павле Гантар и Милан Брглез, исто така, се извинија“, информира Јалушич.

За жртвите, ова ни одблизу не е доволно, вели таа, додавајќи: „Мислам дека е потребно доследно извинување … од највисоко политичко ниво, ако сакаме да разговараме не само за одредено задоволување на барањата на избришаните, туку и за создавање простор за некакво соочување со она што се случи“.