Регион

Хрватска обвини поранешни српски борци, за убиство на руски новинари

  • 2
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Фотографии на Виктор Ногин и Генадиј Куриној, на нивната комеморација. Фото: Владимир Мукушев.

Хрватското Министерство за внатрешни работи објави дека поднело кривична пријава против две неименувани лица, поранешни припадници на специјалната полициска единица на самопрогласената Српска автономна област (САО) Краина, за убиството на руските новинари, Виктор Ногин и Генадиј Куриној, во септември 1991 година.

Според полициската истрага, на 1 септември 1991 година, двајцата осомничени, на возраст од 26 и 33 години, отвориле оган кон двајцата Руси, во близина на Хрватска Костајница, во регионот Банија, централна Хрватска. Ниту еден од осомничените не се наоѓа во Хрватска и не им е достапен на властите.

Ногин и Куриној, искусни воени репортери на државната телевизија на тогашниот Советски сојуз, возеле низ Бајина, која во тоа време била во центарот на војната, кога разни хрватски и српски трупи, како и паравоени единици, ги држеле под своја контрола селата и патиштата во овој регион.

Група припадници на специјалната полициска единица на САО Краина, меѓу кои и двајцата осомничени, ја окупирале областа околу Хрватска Костајница.

„Во моментот кога од насока на Хрватска Костајница наишло лично возило со дипломатски регистарски таблички, споменатата група отворила оган од пешадиско оружје врз споменатото возило“, се вели во соопштението на хрватското МВР.

Кога возилото застанало, стои во соопштението, припадниците на единицата се приближиле до новинарите, кои сè уште биле живи.

Се додава дека 26-годишниот осомничен „дошол меѓу првите“ и побарал од ранетите новинари да му ги покажат нивните лични документи, односно пасошите и новинарските акредитации. Потоа пукал во нив и ги убил.

На убиството му сведочеле повеќето припадници на специјалната единица, вклучително и тогаш 33-годишниот осомничен човек, кој командувал за време на инцидентот.

„Иако тогаш 33-годишниот осомничен, како фактички командант на теренот, бил должен да го спречи тогаш 26-годишното лице, тој не сторил ништо, туку заедно со припадниците на групата и тогаш 26-годишниот осомничен, презел повеќе дејствија за прикривање на околностите на ова кривично дело“, нагласува хрватското МВР.

Според соопштението, тие потоа ја зеле новинарската опрема на руските новинари и го запалиле автомобилот, чии остатоци, заедно со останките на убиените, ги однеле на локација покрај коритото на реката Суња, во местото Доњи Кукурузари.

„Остатоците од автомобилот беа пронајдени во 1992 година, додека останките на убиените новинари до денес не се пронајдени и тие сè уште се водат како исчезнати“, нагласува МВР на Хрватска.

Рускиот новинар и универзитетски професор, Владимир Мукушев, водеше сопствена долгогодишна истрага за убиството на неговите колеги. Во 2011 година, тој ја објави книгата „Црна мапа – приказна за една новинарска истрага“, за овој случај.

Во март 2017 година, рускиот претседател, Владимир Путин, постхумно ги одликува Ногин и Куриној со државен орден за храброст.