Четири години му требаа на охридското обвинителство да поднесе обвинение за бесправно градење на локалниот советник од ДУИ Нефи Усеини, затоа што тој без одобрение изгради тераса на својот угостителски објект кај познатиот чинар во чаршијата. Во меѓувреме објектот е свечено отворен, и таму се гоштеваа струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, министерот за економија Крешник Бектеши и други видни гости.
Дека одлуките во врска со бесправно изградените објекти не значат многу покажува и случајот со една друга позната дивоградба на охридското крајбрежје – хотелот на плажата во Лагадин, кој, според објаснувањето на охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, пет-шест години се врти во круг, иако општината редовно носи решенија за уривање.
Овие се само два од многуте примери како домашните институции ги исполнуваат „итните“ препораки од УНЕСКО.
Теренските работи за да се заштити статусот на охридскиот регион како светско природно и културно наследство тешко се исполнуваат. По двете реактивни мисии на УНЕСКО во Охрид (2017 и 2020 година), од кои произлегоа долги листи со итни препораки, видлив напредок има, пред сѐ, во деловите каде што се бара да се напушти некоја донесена, но неспроведена одлука, неисполнет план или нереализирана идеја.
Тоа се барања што експертите од УНЕСКО ги поставиле бидејќи процениле дека со остварувањето на тие идеи дополнително би се влошила состојбата во подрачјето во кое и онака има премногу проблеми. Кога се во прашање барањата за решавање на тие проблеми, пак, резултатите се или нецелосни, или воопшто ги нема.
Во меѓувреме, листите со препораки стануваат сѐ подолги, и иако повеќето ја носат назнаката „итно“, стојат во место со години, а дел дури и се повторуваат од еден во друг извештај.
Потпис, печат или кревање рака
Во извештајот од последната реактивна мисија, кој многумина го оценија како најлош што досега бил издаден за Охрид, на 125 страници беа наведени десетици проблеми, а силен акцент се стави на комуналните работи, урбанистичкото планирање, справувањето со отпадот, како и на обезбедувањето дополнителна заштита на чувствителните локалитети во регионот, како Студенчишкото блато.
Ништо од тоа не е постигнато, а во многу области има влошување, велат од иницијативата Охрид СОС, група граѓани и активисти, кои во детали ги следат состојбите во охридскиот регион и нивното (не)совпаѓање со барањата и препораките од УНЕСКО.
Затоа, пак, властите го исполнија тоа за што им треба еден потпис, печат или евентуално кревање рака. Се донесоа одлуки за запирање на постапките за отворање туристички развојни зони Љубаништа 1 и 2. Проектот за Љубаништа 2 беше напуштен од поодамна, а тој за Љубаништа 1 се откажа во јануари минатата година, пред владата да поднесе извештај до Центарот за светско наследство.
Напуштен беше и планот за реконструкција на кејот Македонија, кој Општина Охрид планираше да го прошири кон езерото. Освен УНЕСКО, против оваа идеја реагираа и локалните организации.
„Минатата година се постави метална ограда и информативна табла во близина на хотелот „Милениум палас“, но работите никогаш не почнаа, оградата се отстрани и бекатонските блокови повторно се наместија каде што беа. Имаме информации дека проектот е целосно напуштен, а средствата биле пренаменети“, велат од Охрид СОС.
Ова е продолжение на праксата од претходниот извештај, по реактивната мисија во 2017 година. Тогашната влада, следејќи ги препораките, ги прекина активностите за проширување на патот покрај источниот дел од езерото и за изградба на скијачки центар на планината Галичица и свечено објави дека „го спасила УНЕСКО-статусот на Охрид“, и покрај тоа што остави голем број неисполнети задачи.
За дивоградбите ќе требаат години
Охридскиот регион допрва ќе треба да се справува со долгата листа задачи што веќе пет години се итни, а никако да се исполнат. Една од главните е справувањето со дивоградбите, потенцирана од двете реактивни мисии. Во 2017 година се препорача мораториум за градење додека не се изготват планови и урбанистички решенија, подготвување детален инвентар на дивоградби и уривање на тие што ја загрозуваат природата, особено во делот на националниот парк Галичица.
Колку успешно се спроведоа тие итни препораки покажува тоа што во извештајот од 2020 се бара забрзано уривање на дивоградбите, подготвување инвентар на дивоградби, не само за Охрид (кој изброја околу 500), туку и за Дебарца и за Струга, чиј градоначалник Мерко своевремено тврдеше дека во неговата општина нема ниту една. Се бараше и да се продолжи мораториумот за градење, да се забрани изградбата на трајни објекти во крајбрежјето итн.
„Одлуките за мораториум, дури и кога формално постоеја, беа само фарса бидејќи имаа доволно исклучоци за урбанизацијата непречено да продолжи. И денес интензивно се гради, како во старото градско јадро, така и во другите делови. Дури и во уличката зад дирекцијата на Заводот за заштита на спомениците и музеј Охрид се изградени или се во тек неколку објекти што не се соодветни на местоположбата“, велат од Охрид СОС.
Мерко, по долго инсистирање, доставил список од дивоградби, без информација како ќе се постапи со нив. Поточно, според Охрид СОС, списокот бил направен според поднесените барања за легализација, што значи дека не се опфатени сите бесправно изградени објекти. Слично било и во Охрид, останувале градбите за кои не е поднесено барање, а не биле евидентирани од инспекторите. За Дебарца немало никаква информација.
И фамозниот хотел во Лагадин, кој беше директно споменат во последниот извештај како објект што мора да се отстрани, сѐ уште стои.
„Седум или осум пати општината носела решенија, но сопствениот се жали до второстепената комисија во Министерството за транспорт, која повторно го враќа предметот на одлучување кај нас. Ние повторно ќе одлучиме да се урива, тој повторно ќе се жали и пак се враќаме назад. Ако комисијата ја потврди нашата одлука, веднаш ќе почнеме, но таа ја враќа. Но, мора да има крај и ќе го решиме овој проблем со министерството“, вели градоначалникот Пецаков.
Според Пецаков, за конечно решавање на проблемот со дивото градење ќе бидат потребни години, зашто по изработката на регистар на дивоизградени објекти треба да се направат урбанистичките документи, за да се види кои од нив ќе може да се вклопат, а кои ќе мора да се отстранат.
И, вели, тука се чека поддршка од државата, односно од Агенцијата за планирање на просторот. Сето тоа раѓа сомнежи кај активистите дека се работи да нема решавање на проблемот со дивоградбите.
Студенчишкото блато како симбол на отпорот
Еден од спорните предлози, според нив, е што просторот кај Студенчишкото блато бил предвиден за рекреација, наместо за заштита.
Токму Студенчишкото блато останува една од најболните еколошки теми во регионот. Тоа е местото што, всушност, го предизвика растот на еколошкиот активизам во Охрид, откако се појавија иницијативи таму да се направи марина. Блатото е едно од последните преостанати подрачја од својот тип во околината на езерото и е многу важно за екосистемот, пред сѐ за филтрирањето на водата. Сепак, поради неговата близина до градот и поради користењето на студенчишкиот канал како паркиралиште за бродови, вклучувајќи и луксузни пловила, со години се раѓаат идеи за каналот да се прошири и да се овозможи повеќе пловни објекти да се сместуваат во него. Пораките од УНЕСКО се јасни и во двата извештаи – таквите планови мора целосно да се напуштат.
„Тие планови се напуштени. Всушност, никогаш не постоеле како конкретни планови, само како идеи. Барањето на УНЕСКО е каналот веќе да не се користи за чување бродови и чамци, како сега. Тоа воопшто не е проблем. Но треба прво Агенцијата за планирање на просторот да направи план за управување со крајбрежјето, и тогаш ќе се определи на кои локации би можела да се направи марина и ќе се направи таму“, вели Пецаков, додавајќи дека во предизборната програма предвидел поврзување на блатото со езерото преку канали и ќе го сториме тоа веднаш штом ќе се изгласа законот во Собранието со кој тоа ќе се прогласи за парк на природата.
Од Охрид СОС велат дека блатото е ставено под привремена заштита, но, по јавната расправа одржана пред една година, нема информација до каде е постапката.
„Законот, каков што е, е само формално-правна рамка за уништување, бидејќи со оглед на допуштените активности, заштита ќе биде обезбедена за само 9 отсто од блатото, додека во цели 91 отсто ќе бидат дозволени активности што не спаѓаат во заштита, вклучително и урбанизација во 66 отсто од идното заштитено подрачје“, порачуваат од Охрид СОС.
Веќе се појавија и сопственици на земјиште, кои бараат да им се дозволи да градат објекти во блатото.
Има стравување и дека градбите ќе се вратат на плажите од каде што се отстранија, бидејќи се најавува нивно повторно давање под концесија, под „еколошки“ услови. Пецаков тврди дека градење платформи нема да има, а ќе се најде соодветен начин да се уредат плажите.
И за ѓубрето ќе се чека регионално решение
Меѓу барањата што се повторуваат во двата извештаи, а не се исполнуваат, се и тие за нови решенија за патното и железничко поврзување со Албанија, нов сообраќаен режим во стариот дел на Охрид, како и конечното решавање на проблемот со отпадот. Во 2017 се бараше да се затвори депонијата Буково, а во 2020 се бара да престанат да функционираат трите депонии – Буково, Мауцкер и Струга.
За ова да се случи треба да проработи регионалната депонија за Југозападниот и Пелагонискиот регион. Охридскиот градоначалник објасни дека општините од двата региона треба да формираат заедничко јавно претпријатие, за да може да земат грант од 60 милиони евра од Светска Банка за да се направи депонија по високи стандарди, со седум претоварни станици. Тој вели дека Охрид ќе го заврши својот дел од оваа задача годинава.
Во меѓувреме, додека едни диви депонии се чистат, други се раѓаат и локалните власти секогаш имаат нешто да расчистат и на домашната и на меѓународната јавност да им покажат состојби „пред“ и „потоа“.