Анализи

Охрид и УНЕСКО – ред мерки, ред парапетчиња

  • 6
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Охридскиот регион е редок пример на комбинирано наследство | Фото: БИРН, Г. Трпковски

Роковите за исполнување на препораките од УНЕСКО за заштита на Охрид и на Охридско Езеро се одамна изминати, а досега се исполнети само некои, и тоа, пред сѐ, административните. Дел од активностите се запрени поради пандемијата од корона вирусот, а друг дел допрва треба да почнат.

Во јавноста, која постојано сведочи информации и фотографии за изградени парапетчиња на плажите, ѓубришта покрај езерото или изјави на локални властодршци што „баш ги брига“, се шири впечатокот дека состојбите на теренот се влошуваат.

Од Владата велат дека се обидуваат да направат сѐ што можат, и дека ја разгледуваат идејата да го стават целото подрачје под посилна владина контрола ако локалните власти и понатаму имаат тешкотии или немаат волја да ги решат проблемите.

Уште од 2017 година, Охрид и езерото сe во ризик да бидат ставени на листата  на светско наследство во опасност. На таа листа има 53 локации во светот, главно во безбедносно нестабилни подрачја на Блискиот Исток и во Африка, или на места што се тешко погодени од климатските промени, како Флорида во САД.

Од една страна, промената на статусот може да има позитивни ефекти и да придонесе за поголем ангажман на светската организација и на нејзините стручни тела ИКОМОС (за културното наследство) и ИУЦН (за природното) во заштитата на регионот.

Од друга страна, таа се толкува како неспособност на државата сама да се грижи за светското наследство на својата територија, па владите обично се обидуваат да ги избегнат тие одлуки, како што беше случај на минатогодишната седница на Комитетот за светското наследство што се одржа во Азербејџан.

Поради пандемијата замрзнат и статусот и мерките

Промена на статусот на Охрид годинава речиси сигурно нема да има, затоа што редовната седница на Комитетот за светското наследство, која требаше да се одржи на крајот на јуни во кинескиот град Фужу, е откажана поради состојбата со корона вирусот. Не се знае кога и како ќе се одржи, на интернет-страницата на УНЕСКО пишува дека се прават консултации за евентуалните нови датуми.

Од граѓанската иницијатива Охрид СОС, за БИРН велат дека прашањето за охридскиот регион би требало повторно да се најде на агендата пред делегатите од државите-учеснички, со оглед на тоа како се развивале настаните од минатата година, кога за малку беше избегната промената на статусот, до денес.

„Со оглед на одлуката на Комитетот од минатата година, а и фактот што во јануари во посета на регионот во двете земји беше реактивната мисија на УНЕСКО, нема причина охридскиот регион да не биде на агендата“, велат од Охрид СОС и додаваат дека нашата Влада лобира тоа да не се случи.

Министерот без ресор, Едмонд Адеми, кој беше владин претставник на седницата на Комитетот лани, во разговор за БИРН го отфрли тврдењето дека Владата лобирала да се избегне прашањето за Охрид, додавајќи дека таа нема никаква можност да влијае врз дневниот ред.

„Јас сметам дека прашањето за Охрид треба да се најде на дневен ред и да се констатира прогрес“, вели Адеми, додавајќи дека, иако не се исполнети сите препораки, направено е доволно за светската организација да се увери дека државата работи посветено на решавање на проблемите.

Корона вирусот не ја одложи само одлуката за задржување или промена на статусот на Охрид, туку го запре и спроведувањето на потребните активности. Последен пат кога Владата расправаше за регионот, беше во јануари и во февруари, кога тука беа претставниците на УНЕСКО во реактивна мисија.

Беше констатирано дека е донесен Планот за управување со охридскиот регион од 2020 до 2029 година и беше одлучено да се формираат три работни групи – една за усогласување на режимите за заштита, една за постапување со дивоизградените објекти и една за промена на трасата на железницата. Беше одлучено и да се одвојат нови пари за довршување на колекторот, со кој треба да се спречи излевање на водите од канализациите во езерото.

И тука запреа работите. Адеми вели дека веќе се работело на барање решенија за делницата од автопатот А2 од Струга до Требеништа, со цел тој да не го попречува движењето на живиот свет од двете страни на трасата. Се планира тоа да се направи со подземни тунели широки два метри или со мостови, но поради корона вирусот овие активности се одложени.

Исто така, се направила работна група со албанската железница за преместување на трасата на железничката пруга што треба да биде дел од коридорот 8 и која се планираше да поминува непосредно покрај езерото меѓу Струга и Радожда, во еден од неговите делови каде што природата е најдобро зачувана.

„Има две алтернативни рути, една со 3,5 километри долг тунел и друга со седум километри. Со оглед дека ова е европски коридор, и Европската унија беше вклучена во разговорите за да се најде решение што ќе има најмал ефект врз животната средина. Но, и овие активности запреа поради пандемијата“, додаде Адеми.

Според него, Владата ги исполнува своите обврски, но локалните самоуправи се помалку ажурни. Затоа тој вели дека кога повторно ќе има функционално собрание, ќе предложи законски измени што ќе овозможат централната власт побргу да реагира ако локалната не ги спроведува препораките. И Антикорупциската комисија ѝ препорача на Владата да ги преземе надлежностите од општините Охрид и Струга за да се справи со дивоградбите.

Локалната власт бара државна помош

Езерото е загрозено од различни фактори | Фото: БИРН, Г. Трпковски

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, пак, вели дека локалната самоуправа прави сѐ што може, но дека ѝ треба поголема поддршка.

„Ние имавме само еден градежен инспектор, сега имаме тројца. Но, голем дел од општината, како стариот дел и крајбрежјето, е во надлежност на државата. Тука треба да интервенира Државниот градежен инспекторат, но тие немаат ниту еден инспектор стациониран во Охрид. Земјоделскиот инспекторат има 7-8, бидејќи езерото е под нив, а градежниот нула“, одговори Георгиевски за БИРН.

Тој додава дека дел од обврските што треба да ги спроведе општината, исто така, се заглавени во Владата, особено новиот Генерален урбанистички план на градот (кој нема важечки ГУП веќе пет години). Тој бил подготвен, но заглавен во Министерството за образование, кое треба да даде согласност за средното угостителско училиште да се префрли од сегашната локација во кругот на касарната.

„Очекувам тоа да се реши за околу два месеца, но сѐ ќе зависи од активностите на Владата“, вели Георгиевски.

Една од неговите обврски беше и да го затвори стариот дел од градот за моторен сообраќај. Засега со рампи е регулирано да може да влегуваат само жителите и сопствениците на имоти. За да се воведе целосна забрана, како што е препорачано, треба општината да набави електрични возила со кои ќе ги превезува жителите. Но, поради кризата, таа набавка ќе мора да почека барем до следната година.

Ќе остане да се реши уште управувањето со отпадот и уривањето на дивоградбите, а тие се двете најтешки прашања според градоначалникот.

„Депонијата во Буково не е во заштитената зона, но е директен загадувач. Сепак, за трајното решение треба да се чека државата, за да се направи регионална депонија“, додава тој.

Деградацијата продолжува и среде пандемијата

Многу активности за заштита на градот и езерото мораа да се одложат поради пандемијата на корона вирусот, но активностите со кои се оштетува и се уништува подрачјето не запреа. Иницијативата Охрид СОС, на својата фејсбук-страница го документира секој поголем инцидент. Во изминативе три месеци ги имаше многу.

Во февруари се сечеше шумата во Октиси и месното население излезе на протести, а нуркачите од клубот „Акватек“ го истражуваа Белчишкото блато и открија досега неистражен природен свет, но и фрлени рамки од велосипеди.

Во март, плажата во Љубаништа беше прекриена со пластика и со друг отпад што доаѓа во езерото од Албанија преку реката Черава, а депонија се натрупа и на бреговите на Црн Дрим на излезот од Струга. Најмногу внимание овој месец предизвика одлуката на општинскиот совет на Охрид да продолжат постапките за легализација на дивоградбите, спротивно на препораките дека прво треба да се направи студија како секој дивоизграден објект влијае врз природното и културното наследство, па да се дозволи озаконување само на тие што не предизвикуваат штета на околината.

Во април беа воведени најригорозни ограничувања на движењето, па освен слики со депонии (повторно кај Љубаништа, но и кај населбата Далјан), се појавуваа и фотографии од живиот свет што многу послободно шеташе во урбанизираните делови на крајбрежјето.

Мај беше месецот на парапетчето што се градеше на самиот езерски брег кај Градиште, кое општината набргу го урна откако се соочи со бурни реакции од јавноста, и на изјавата на градоначалникот на струга, Рамиз Мерко, дека „баш му е гајле“ дека го напаѓаат невладините за дивоградбите и дека ќе дозволи уште да се гради. Кај Канео, пак, веќе отстранета платформа од угостителски објект над езерото била вратена.

Не изостанаа ниту депониите, овојпат се појави нова во националниот парк Галичица, каде што веќе било расчистено. И локалитетот Горица повторно станал депонија, на место каде што биле измешани државните и приватните имоти, поради што се појави сомнеж дека местото се пополнува за таму да се гради.

Проблемот со користењето на приватната сопственост на чувствителни локации е силно присутен и на потегот меѓу Струга и Калишта, каде што приватните сопственици ги уништуваат трските меѓу локалниот пат и езерскиот брег, кои се важни за филтрирање на водата.

Ставот на Охрид СОС е дека со толку многу примери за негрижа, заложбите на властите за заштита на регионот се фарса.