Анализи

Оставките – најдоброто од Антикорупциската комисија

Членовите на ДКСК дојдоа на функциите во април 2015 година | Фото: МИА

Многу спорни изјави, по некое соопштение за јавноста од одржана средба или потпишан меморандум, по некој отворен предмет за судир на интереси и многу премолчени корупциски афери остава зад себе актуелниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) откако еден по еден, членовите почнаа да поднесуваат оставки по обелоденувањето на информацијата од страна на порталот „Сакам да кажам“ дека членовите земале пари за патни трошоци со лажни налози.

Сузана Таскова Аџикотарева и Најдо Спасевски се единствените членови од ДКСК кои сè уште немаат подготвено или поднесено оставки од функциите. БИРН дознава дека во текот на утрешниот ден до Собранието своите оставки ќе ги поднесат членовите Фарије Алиу, Жаклина Дамческа и Сејди Халили. Оставка веќе поднесе поранешниот претседател на комисијата Горан Миленков, а оставката ја подготвил и актуелниот претседател на Игор Тантуровски.

Извори од комисијата за БИРН брифираат дека во последниот период биле под голем притисок од страна на власта, па „биле принудени да поднесат оставки“.

„Притисокот од власта беше преголем, па затоа бевме доведени до овој чекор. Денеска требаше да одржиме седница, но таа не се одржа поради немање кворум. Не е точно дека не сме работеле ништо како што се презентираше во јавноста“, вели за БИРН член на комисијата.

По констатирањето на оставките, Собранието треба да избере нов состав на Антикорупциската комисија. Законот за спречување на корупцијата предвидува дека членовите на Државната комисија ги именува Собранието со мандат од четири години со право на уште едно именување. Членовите на ДКСК се избираат со просто мнозинство во Собранието, а единствените услови што ги бара законот се да се државјани на Република Македонија со завршено високо образование од областа на правните и финансиски работи и антикорупцијата, да уживаат углед во вршењето на функцијата и да имаат најмалку осум години работно искуство.

Дали челното место во Антикорупциска ќе му се препушти на ВМРО-ДПМНЕ?

„Претседателот на ДКСК, да тоа е тој човек кој никој во Македонија не го знае, бидејќи комисијата практично веќе и да не постои, ќе биде на предлог на најголемата опозициска партија. Зошто? Заради контрола и отчетност, па нека мислат и министри и директори, нека знаат дека нема заштита од страна на Антикорупциската комисија“.

Ваква изјава на јавна трибина даде Радмила Шеќеринска од СДСМ на средба со граѓаните. Оваа изјава е ставена на Јутјуб каналот на СДСМ на 7 октомври 2015 година, но неизвесно останува дали партијата која е сега на власт ќе си остане на зборот и навистина челното место ќе и го предаде на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.  

„И тоа е дел од разговорите меѓу политичките партии и наскоро би имало решение“, изјави за БИРН портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.

Реформите во Антикорупциската комисија веќе долго време се заговараат во јавноста, особено во делот дека Македонија има најстар закон во областа против корупцијата и дека оваа институција треба да биде целосно независна.  

Во последниве 10 години, оваа комисија како да живее во комплетен мрак. Членовите на Антикорупциската комисија ги премолчеа „бомбите“ кои ги објавуваше тогашната опозициска СДСМ, не отворија ниту еден поголем случај на корупција, а ако ја отворите нивната веб-страница, ќе најдете само информации за средби, трибини, меморандуми за соработка и по некој отворен предмет за судир на интереси. Комисијата комплетно се затвори и во делот на комуникација со јавноста, па новинарите често реагираа дека назначениот портпарол на институцијата никогаш не крева слушалка за да одговори на новинарско прашање.

Последната прес-конференција на Антикорупциската комисија беше одржана во април минатата година | Фото: МИА

Една од ретките прес-конференции на ДКСК | Фото: МИА

Членовите на ДКСК не ги објавуваа ниту своите анкетни листови за имотната состојба. Во 2016 година, БИРН повеќе од 2 месеци се обидуваше да добие информација од институцијата колкави плати земаат членовите и што содржат нивните анкетни листови за имотната состојба, но комисијата заклучи дека нивните анкетни листови не биле од јавен интерес. Дури по интервенцијата од Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, членовите ги објавија своите анкетни листови на нивната веб-страница.

Долго запаметена ќе остане и изјавата на поранешниот претседател на комисијата, Горан Миленков, дадена во април 2016 година, која се однесуваше на анкетниот лист за имотната состојба на Никола Груевски по неговото заминување од функцијата.

„Најљубезно ве замолувам ова прашање да го затвориме за век и векови, амин“, рече тој.

Минатата година, во октомври, Транспаренси Интернешнл Македонија и МЦМС одржаа конференција на тема унапредување на работата на Антикорупциската комисија.  

„Прво треба да се обезбеди механизам што ќе направи во Комисијата да работат луѓе со интегритет кои што ќе бидат ослободени од какви било влијанија, вклучително и политички влијанија. Понатаму, имаше проблем во спроведувањето на Законот за спречување на корупцијата, недостатоци во капацитетот на самата институција за спроведување на одредбите од законите за спречување на судир на интереси. Постоеше селективност во работењето, недоволна независност на Комисијата и сите тие прашања треба да се разгледаат повторно“, изјави тогаш претседателката на Транспаренси Интернешнл Македонија, Слаѓана Тасева.