Анализи

Постизборните победи на ДУИ против Владата

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Заев му даде оправдување на вицепремиерот Османи зашто сам одлучил да не патува во Босна | Фото: Влада на РМ

Мирослав Богдановски добиваше пофалби како в.д. директор на Државниот инспекторат за животна средина, откако почна да ги лови загадувачите со дронови, ја казни „Дрисла“ и беше во постојан контакт со јавноста. Богдановски се заблагодари на поддршката, истакнувајќи дека му е особено драго што во денешно време еден директор на државна институција добива такви коментари од луѓе што воопшто не ги познава.

По половина година тој веќе не е директор на инспекторатот, затоа што според политичкиот пазар ова место му припаѓа на Фејзула Спахија од ДУИ. Голем број активисти за почиста животна средина го изразуваат своето разочарување од оваа кадровска политика.

Но, тоа е само едно од поголем број кадровски решенија што ДУИ ги предложи, СДСМ ги прифати, а граѓаните ги критикуваа. Со назначувањето на поранешниот директор на „Македонски пошти“, Рафиз Алити, за нов директор на „Га-Ма“ и со информациите дека Лазар Еленовски е избран за специјален пратеник во НАТО по предлог на ДУИ, во јавноста е доминантно уверувањето дека СДСМ напросто не знае да му рече „не“ на помалиот партнер. Дури и тогаш кога знае дека критиките за донесената одлука  ќе стигнат на нивна, а не на адресата на ДУИ.

Иако и од двете партии децидно негираат дека постои изместена субординација во коалицијата, досега имаше поголем број кадровски и други одлуки што во јавноста беа оценувани како показател дека ДУИ има привилегиран статус во владејачката коалиција.

Пред само една недела, кога вицепремиерот Бујар Османи одлучи да не патува на состанок за Западен Балкан во Бања Лука, затоа што не било покането Косово и покрај коментарите дека е недозволиво Османи самиот, по свое лично убедување, да одлучува каде ќе ја претставува државата, а каде не, премиерот Зоран Заев застана во негова одбрана.

Со изјавата дека „веројатно поради солидарноста на шесте земји од Западен Балкан, потпретседателот на Владата донел таква одлука“, Заев потврди дека Владата нема ништо со таа одлука, и не виде проблем во тоа.

Само неколку дена претходно, Транспарентност Интернешнл Македонија откри дека ДУИ се финансирала од државни институции. Организацијата забележала дека како донатори на партијата се појавуваат „Аеродроми на Македонија“, „Македонска пошта“ и „Македонски железници“. Нема реакција за тоа од коалицискиот партнер.

Нееднаков пазар

Уште со коалицискиот договор интегративците издејствуваа со најмалубројната парламентарна  група што некогаш ја имале да го дадат претседателот на Собранието, Талат Џафери, а потоа во Владата  ДУИ почна да наметнува кадри кои СДСМ ги прифаќаше и покрај јавните критики, како назначувањето на Садула Дураку, поврзан со затворањето на Липковската брана во 2001 година, за министер за животна средина.

Резултатите  на локалните избори покажаа дека „пазарот“ отиде во корист на ДУИ.  Бројките покажуваат дека поддршката на СДСМ беше клучна при изборот на Арифи во Тетово, Мерко во Струга  и Ганиу во Чаир, додека поддршката на ДУИ на Шилегов  се покажа како добредојдена за победа во прв круг, но не и пресудна за градоначалничкото столче.

Соработката на изборите со ДУИ СДСМ ја плати со излегувањето на Зиjадин Села од коалицијата, иако вратата ни сега ниту тогаш за негово враќање не беше комплетно затворена. Но ДУИ ја има поддршката од СДСМ во борбата против партијата на Села на повеќе фронтови. Алијансата за Албанците беше партијата што на локалните избори имаше најголем раст во бројот на гласовите во однос на парламентарните. Се приближија на триесетина илјади гласа до ДУИ, која ја сметаат за свој директен конкурент. Но, сојузот на двете партии протрив Села стана видлив уште во вториот круг на изборите во Струга, а се официјализираше со формирањето на мнозинството во Општина Гостивар меѓу СДСМ и ДУИ, кои му го блокираат буџетот на градоначалникот Арбен Таравари.

Партиите тврдат дека се еднакви партнери, но јавноста често забележува нерамноправен однос | Фото: Влада на РМ

Партиите негираат дека постои нееднаквост

БИРН побара коментар за коалициските односи од пратеникот на ДУИ Артан Груби, кој одговори само со смс-порака – „одлични се“. Прашан дали се доволно одлични за ДУИ да може да го предлага Лазар Еленовски за владин претставник во НАТО, Груби одговори дека „тоа е веќе второ прашање“ и не продолжи со комуникацијата. Координаторот на пратеничката група Ејуп Алими исто така не коментираше.

Но, потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири одговори на прашањата на БИРН во врска со односите меѓу коалициските партнери.

„Апсолутно тврдам дека немаме никакви односи на подреденост или надреденост во коалицијата. Партијата на Еленовски е дел од нашата коалиција, така што тоа не беше само одлука на ДУИ“, рече Зекири.

Од ДУИ пак тврдат дека Еленовски е нивни кадар и „нивни предлог“.

Во врска со различните кадровски решенија што беа критикувани, Зекири вели дека оној што решил да ги назначи, веројатно оценил дека тие се способни за функциите.

„Кадровските решенија на ДУИ се работа на ДУИ. За ниту еден од нив не се водела некоја истрага, за да биде спорен“, одговори Зекири.

Ахмети преку оваа позиција се обидува да покаже кај албанските гласачи дека тие се факторот во Владата

Сефер Тахири

Ова е различно од тоа како се постапи со Зијадин Села, на кого СДСМ не му овозможи самостојно да избере нов министер за здравство и да остане во владината коалиција. Но Зекири не се согласува со тезите дека со овој и со други потези, СДСМ ѝ помага на ДУИ да ја зацврсти својата позиција на политичката сцена пред другите партии на Албанците.

„Нема потреба СДСМ да му помага на ДУИ. Моето лично мислење е дека, за жал, албанската опозиција самата ѝ помогна на ДУИ да ја зацврсти својата положба. Ја пропуштија шансата за да направат нешто повеќе, па затоа сега имаме две партии БЕСА, а не е сјајно и во Алијансата“, вели потпретседателот на СДСМ.

Залудно е да се очекува принципиелност од ДУИ

Политичкиот аналитичар и поранешен пратеник Исмет Рамадани вели за БИРН дека ДУИ се обидува максимално да ја искористи својата позиција во Владата, бидејќи нејзиното водство и членство е свесно за минливоста на политичката сцена, особено што по 13-годишна доминација партијата доби противници со кои тешко се избори.

„ДУИ пробува да продолжи да го прави тоа што е карактеристично за неа, да игра клиентелистички. Имаат големо искуство, долги години се на власт, имаат луѓе во администрацијата, луѓе со различни интереси, и секој од нив носи одреден круг гласови што би им биле доволни секогаш да бидат дел од владејачката коалиција. Нив не им е важно кој ќе ја предводи таа коалиција. Дури и со сегашната бројка од 10 пратеници, местото во Владата им е гарантирано“, објаснува тој.

Нормално дека Заев со тоа ризикува со создавање незадоволство кај многумина, но другиот ризик му е да му се распадне коалицијата, па го избира помалиот

Петар Арсовски

Според досегашното искуство, политичката сцена на партиите на Албанците во Македонија се покажа како понестабилна од т.н. македонски блок каде што никој не успеа да ја скрши доминацијата на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Рамадани смета дека причина за тоа е што партиите на Албанците што биле на власт малку успевале да ги исполнат очекувањата на гласачите, кои поради тоа полесно се одлучувале да им дадат шанса на нови политички движења и иницијативи. ДУИ како сосема нова партија дојде на власт во 2002 година, а во последниве два изборни циклуси се соочи со сериозна конкуренција од БЕСА и од Алијансата за Албанците. Според Рамадани, тие сега се обидуваат на секаков начин да ги искористат позициите што ги имаат во своја корист.

„Очигледно е дека ДУИ се добро позиционирани во овој владин состав и успеале да се изборат за самостојно да носат одлуки, особено за кадровските политики, и да не мора да се грижат за квалитетот на кадрите што ги нудат“, вели Рамадани.

Аналитичарот Сефер Тахири вели дека ДУИ како партија од која зависи парламентарното мнозинство  очекувано влече потези чија цел е да го подигне нивниот рејтинг, што драстично беше нарушен на последните избори.

Партиите на Албанците што биле на власт малку успеваат да ги исполнат очекувањата на гласачите, кои поради тоа полесно се одлучуваат да им дадат шанса на нови политички движења и иницијативи

Исмет Рамадани

„Очекувам дека тие ќе продолжат да се однесуваат така сѐ додека е ваков парламентарниот состав и залудно ќе биде да се очекува дека би се однесувале принципиелно. Во моментов таква е состојбата,  СДСМ зависи од ДУИ. Партијата има поинакво минато од времето кога ВМРО-ДПМНЕ не зависеше од неа. Затоа Ахмети преку оваа позиција се обидува да покаже кај албанските гласачи дека тие се факторот во Владата“, додава Тахири.

Тој смета дека тоа се покажало и со излегувањето на Алијансата за Албанците од Владата, што според него не било одлука на премиерот Заев, туку закана од ДУИ откако Села го обвинил дека учествувал во обидот за негова политичка ликвидација на 27 април.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, пак, не ги опишува односите во Владата како класична надреденост, но вели дека ДУИ има удобна позиција за да излегува со своите барања што Заев мора да ги прифаќа за да не му се распадне коалицијата.

„Нормално дека Заев со тоа ризикува со создавање незадоволство кај многумина, но другиот ризик му е да му се распадне коалицијата, па го избира помалиот“, заклучува Арсовски.