Актуелно

Тројца антикорупционери го обелоденија имотот

Претседателот на Антикорупциската комисија Горан Миленков и членовите Фарије Алиу и Игор Тантуровски го објавија својот имот на веб-страницата на комисијата, иако до пред десетина дена, тврдеа дека станува збор за „личен податок заштитен со закон“. На веб-страницата на ДКСК не е објавен имотот на уште четворица антикорупционери.

Дел од членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата обелоденија колкав имот поседуваат. На веб – страницата на комисијата, одненадеж се појавија имотите на претседателот Горан Миленков и членовите Фарије Алиу и Игор Тантуровски.

дкск

До пред десетина дена, членовите на Антикорупциската комисија одбиваа да соопштат во јавноста колкав имот поседуваат и со тоа беа единствените именувани функционери чиј анкетен лист за имотната состојба не беше јавно достапен. БИРН повеќе од 2.5 месеци се обидуваше преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер да ги добие анкетните листови од антикорупционерите, но одговорот гласеше дека станува збор за „личен податок заштитен со закон“.

Одговорот што БИРН го доби од Антикорупциската комисија пред 2 недели, кога сакавме да дознаеме што содржат анкетните листови за имотната состојба на членовите

Одговорот што БИРН го доби од Антикорупциската комисија пред 2 недели, кога сакавме да дознаеме што содржат анкетните листови за имотната состојба на членовите

Ненадејната промена во однос на обелоденувањето на имотот дојде по последната прес-конференција на комисијата, во која претседателот Горан Миленков зборуваше за анкетниот лист на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Миленков, со арогантен однос кон новинарските екипи, тврдеше дека не може да сфати зошто јавноста би се интересила за неговиот или пак за имотниот лист на Груевски.

Законот за спречување на корупцијата предвидува секој избран или именуван функционер да поднесе анкетен лист за имотната состојба до комисијата, 30 дена откако ќе стапи на функцијата и 30 дена откако ќе си замине. Се пријавува и секоја дополнителна промена во имотот што настанала во меѓувреме. Членовите на Антикорупциската комисија се именувани функционери од страна на Собранието.

Претседателот Миленков има имот од над 220 илјади евра

Иако Антикорупциската комисија брои 7 членови (Горан Миленков, Фарије Алиу, Игор Тантуровски, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили), до денеска, на веб-страницата на ДКСК беше објавен имотот само на тројца.

Според објавените податоци, претседателот на комисијата, Миленков има заеднички имот со сопругата од два стана во Скопје и еден во Охрид. Становите во Скопје Миленков ги купил во 2004 година, а станот во Охрид е купен годинава.

Миленков поседува и 3 возила, трактор и чамец. Неизвесно е зошто претседателот на комисијата би купил трактор, кога во анкетниот лист не е наведено дека поседува земјоделско земјиште.

Тој минатата година зел и кредит од 106.300 евра.

Вкупниот имот на Миленков, ако не се пресметува кредитот, вреди околу 220 илјади евра.

Миленков (1)

Членот на Антикорупциската комисија, Фарије Алиу во својот анкетен лист нема наведено колкава е вредноста на имотот што го поседува. Таа пријавила дека нејзиниот сопруг има куѓа, стан, деловен простор и двор во Гостивар, но за овој имот не ја пријавила вредноста. Според анкетниот лист, Алиу, освен девизната штедна книшка на која има 350 евра, нема имот на свое име.

Алиу

Вредноста на имотот не ја пријавил ниту членот на комисијата Игор Тантуровски. Според анкетниот лист, тој има четири станови, од кои два се во Скопје, еден во Охрид и еден во Белград, имот кој во поголем дел е стекнат со наследство.Тантуровски пријавил дека зема кирија од издавање два стана, а има и кредит од околу 30 илјади евра.

Тантуровски

Останува неизвесно зошто четворица членови од ДКСК не го објавиле анкетниот лист за имотната состојба на веб-страницата на комисијата, а нејасно е и што го премисли претседателот Горан Миленков да го постави својот анкетен лист на увид пред јавноста, кога до пред нецели 2 недели преку официјален допис тврдеше дека станува збор за личен податок.

Во македонските закони не е регулирано ниту кој би постапувал доколку се утврди дека одреден член на комисијата се стекнал со имот кој е несразмерно поголем од буџетската плата, бидејќи Антикорупциската комисија е таа што поведува постапки за овие прашања. Во случајов, антикорупционерите би требало да си поведат постапка сами против себе, во случај на постоење несразмерно зголемен имот на одреден член на комисијата.