Интервјуа

Острени: ДУИ е вазал на ВМРО-ДПМНЕ

Гзим Острени вели дека Демократската унија за интегранција ги заменила демократските принципи со корумпирани практики, поради што тој решил да застане на чело на нов политички субјект „Унитети“.

Gzim-Ostreni-by-SJM-(4)

„Унитети“ не планира да му даде гласови ниту на Ахмети ниту на Муса Џафери / Фото: БИРН

По долга политичка неактивност, Гзим Острени е повторно во фокусот на политичките случувања во Република Македонија. Поранешниот висок функционер на Демократската унија за интеграција, десна рака на Али Ахмети, неодамна ја напушти својата матична партија и ја формираше новата граѓанска опција која го носи името „Унитети“.

Со него се сретнавме во едно скопско кафуле по наш избор. Спроти нас седи човек кој не ја крие разочараноста кога говори за сегашната состојба на неговата поранешна партија.

„Кога почувствував дека не се исполнуваат идеалите и причините поради кои ние се боревме во 2001 и до 2006, заклучив дека е потребно да се креира нова партија. Исто така констатирав дека мојата матична партија нема капацитет да се реорганизира и дека го има изгубено чувството за развој на демократијата во Македонија.“

„ДУИ е вазал на ВМРО-ДПМНЕ. За ДПА не би ни сакал да разговарам, нивниот претседател самиот рече дека до смрт му е верен на Сашо Мијалков“, остар е во оценките Острени и најавува дека новата партија „Унитети” ќе се базира на граѓански концепт и на идејата дека сите граѓани треба да бидат еднакви.

Тој е разочаран од спроведувањето на Рамковниот договор, од криминалите кои се поврзуваат со Владата во која партиципира ДУИ и од притисоците со кои вели дека се соочуваат граѓаните.

Сепак, вели дека му е мило што дел од вистината излегла на виделина преку „бомбите” на Заев.

„Ние сме многу среќни што Заев ги откри во јавноста сите тие манипулации и криминали кои се случувале во нашето општество.“

Gzim Ostreni by SJM (7)

Луѓето не разбираат дека ние тоа го направивме од љубов кон оваа земја, вели поранешниот командант на ОНА зборувајќи за конфликтот во 2001 / Фото: БИРН

Овој искусен политичар и бивш началник на генералштабот на ОНА, инаку социолог по вокација, вели дека ги поминал последниве неколку години подалеку од политиката, затоа што бил посветен на науката и пишувањето.

Жал му е што неговата книга „ОНА, причини, војна и мир во Македонија“ која содржи негови сведоштва и официјални документи од конфликтот, Министерството за култура не сакало да ја преведе на македонски јазик, а тој смета дека „е важно да ја прочитаат Македонците“.

По потпишувањето на Охридскиот договор, Острени станува клучен фактор во формирањето на Демократската унија за интеграција и ја презема функцијата на генерален секретар на партијата. Kако кандидат на ДУИ на претседателските избори во 2004 освојува солидни 134.000 гласови и долго време во јавноста се доживува како десна рака на Ахмети.

Со ваков политички багаж, овој некогашен генерал решава да застане на чело на нов политички субјект. Го прашавме: „Зошто токму сега?“, а тој ни кажа дека ситуацијата го диктира моментот.

„Ситуацијата во државата не оди напред туку регресира, нашиот меѓународен имиџ опаѓа, и состојбата е генерално слаба. Токму поради ова, оценивме дека се појави потреба да се појавиме како политичка опција која ќе биде централно левичарска, односно, либерал демократска.“

gzim-ostreni-tc

Притисокот ќе биде огромен врз граѓанинот се додека не стигне до кутијата. Но, кога ќе стигне таму, повеќе нема притисоци, вели Острени за претстојните избори / Фото: БИРН

Острени вели дека неговата поранешна сопартијка Ермира Мехмети била во право кога неодамна изјави дека високи кадри на ДУИ се крајно дискредитирани и корумпирани. „Во ‘Унитети’ има место и за членовите на ДУИ“, вели Острени, но не и за „колективни трансфери“.

„Секој кај нас ќе биде третиран како граѓанин кој сака да се зачлени, а не како функционер кој бил таму (ДУИ), па сега сака да продолжи кај нас. Тоа не би било добро, особено ако е поврзан со негативности како мито, корупција, неморал и слично.“

Острени е енергичен кога ги отфрла како шпекулации тврдењата дека новата партија има скриена агенда, дека „Унитети“ се формира да го амортизира незадовоството кај Албанците од ДУИ, а потоа во постизборните пазарења да му ги врати гласовите на Ахмети.

„Ниту јас, ниту Али Ахмети, не сме адолесценти. Тоа се дезинформации и ‘Унитети’ конкретно се спротивставува на нивните политики, и не планираме да им дадеме гласови ниту на Ахмети ниту на Муса Џафери. За нив не би коментирал, иако едниот е прилично проминентен во јавноста за неговите криминогени активности. Едноставно немам коментар, бидејќи тоа е проста будалштина.“

Острени цврсто тврди дека воениот багаж нема да му пречи во застапувањето на граѓанскиот концепт во политиката, затоа што, како што вели, активностите на ОНА секогаш имале демократска основа.

„Кога седнавме во Охрид, ги утврдивме точките и се промени Уставот на Република Македонија, ОНА веднаш се разоружа. Луѓето не разбираат дека ние тоа го направивме од љубов кон оваа земја. Доколку некој ги узурпира правата на Македонците овде, зарем нема Македонците да се борат? Зошто тогаш имаме војска? Зарем не си ја сакаат својата земја? И јас ја сакам! Јас не сакам да живеам во оваа заостаната држава денес, сакам да живеам во европска Македонија, како што му доликува на еден човек во 21 век.“

Острени вели дека Македонија ја доживува како своја единствена татковина која со задоволство ја дели со сите останати етнички заедници, но дека е разочаран од насоката во која одат меѓуетничките односи.

„Јас не ни сонував дека ќе живеам во држава каде што некој ќе им посакува смрт на сите Албанци, како што тоа се прави по фудбалските натпревари… Ова е мој дом. Каде да одам јас? Не може така!“

Одговорноста за постојаното подгревање на меѓуетничките тензии ја гледа ја владејачките елити.

„ВМРО ДПМНЕ бара гласови од своите симпатизери за да ја маргинализира ДУИ. Али Ахмети пак, бара гласови за да може да му врши притисок на ВМРО ДПМНЕ. Фактички, наместо двете страни да соработуваат во однос на имплементирањето на уставните промени и точките од Охридскиот договор за да се подобрат меѓуетничките односи и да се негува хармонија, тие самите подгреваат тензии.“

Скептик е во однос на меѓупартиските преговори во Пржино и регуларноста на изборите во април. Околу актуелните препирки за пакетот изборни измени, вели оти е само „замачкување на очите на јавноста дека се прават некои реформи.“

„Повторно ќе имаме луѓе од Пустец, луѓе од Албанија, од каде било, бидејќи имаат лични карти, тоа се луѓе кои веќе се на листата. Тоа е најлесен фалсификат, бидејќи никој не им бара детали. А каде се починатите, никој не ги чисти? Вие новинарите се трудите, но не можете сами да се борите против државниот апарат.“

Неговата надеж е во „ храброста на гласачите“.

„Притисокот ќе биде огромен врз граѓанинот сѐ додека не стигне до кутијата. Но, кога ќе стигне таму, повеќе нема притисоци. И токму во тој момент, сметам дека граѓаните, во знак на револт, ќе гласаат според своите желби, а не според притисоците.“

Острени вели дека Македонија нема многу време за да направи позитивен пресврт и дека приклучувањето кон ЕУ и НАТО треба да бидат резултат на нашите внатрешни политики.

„Ние не можеме веќе да чекаме. Владата тоа не го гледа, тие имаат магла пред очите. Албанците се ориентирани кон евро-атланските интеграции и тоа е позитивно. Сите етнички групи, всушност, го сакаат тоа. А што правиме ние? Сосема спротивното“ вели тој.