Регион

Осуда за кампањата против косовски активист

Шкелзен Гаши. Фото: Zeri.info

Повеќе од 40 граѓански организации од Косово, издадоа денес заедничко соопштение во кое се вели дека на Шкелзен Гаши „му биле упатени закани и навреди од најлош вид, од страна на пошироката јавност, но и од многу личности и политичари, вклучувајќи го и претседателот Хашим Тачи“.

Гаши беше отпуштен во април оваа година, од тогашниот премиер, Албин Курти, по реакциите во јавноста на изјавата на Гаши, дека одредени борци на ОВК извршиле злосторства.

Во соопштението на граѓанските организации се истакнува дека претседателот Тачи го обвинил Гаши оти го дал овој коментар затоа што ја мрази ОВК, „намерно погрешно интерпретирајќи“ го она што Гаши го кажал.

Според невладините организации, станува збор за „јавен линч“, што докажува дека дури и 21 година по војната, „кај нас, сè уште е исклучително опасно да се отвораат дискусии за воените злосторства … во општество во кое културата на неказнивост се вкоренила“.

Гаши за БИРН изјави дека коментарите на Тачи предизвикале дополнителни реакции против него.

„Никогаш не сум рекол дека ОВК е терористичка група, ниту, пак, некогаш сум кажал дека нејзините припадници се злосторници. Сакам уште еднаш да го повторам она што го кажав – дека поединци во рамките на ОВК, вклучително и некои лица на високи позиции, биле вклучени во злосторства, особено по војната“, нагласи тој.

Сами Луштаку, поранешен градоначалник на Србица/Скендерај, кој ја предводи Демократската партија на Косово во овој град, го опиша Гаши како „удбаш“ и човек кој „ја мрази ОВК и се обидува да ја криминализира“, а со тоа и како личност која „го мрази Косово“.

Куштрим Колиќи, шеф на приштинската невладина организација Интегра, која во својата работа се фокусира на мирот, справувањето со минатото и човековите права, вели дека кампањата против Гаши е „предупредување за секоја сериозна идеја или иницијатива, која има намера да се занимава со минатото на вистински начин“.

Спорот околу коментарите на Гаши, доаѓа во време кога специјалниот суд на Косово (Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово) се подготвува годинава да ги поднесе првите обвиненија за злосторства извршени од припадниците на ОВК, за време и по војната 1998-1999 година.