Регион

Поранешен затвор за политички затвореници во Косово, ќе стане музеј

Злогласниот затвор во Приштина, ќе биде пренаменет во музеј, посветен на страдањето на некогашните политички затвореници

Тинејџерот, Бујар Зенели, ноќта на 2 ноември 1984 година, бил донесен во затворот во Приштина.

„Имав 17 години кога бев уапсен и тортурата започна уште првата вечер. Ме уапсија за субверзивна пропаганда против државата“, вели Зенели за БИРН, кој во тоа време бил средношколец.

„Од самиот почеток трпев голема тортура. Зимата беше остра, условите основни и секојдневно се соочувавме со тортура. Оттогаш за мене овој затвор е симбол на бруталност“, нагласува тој.

Овој затвор во центарот на Приштина, е изграден во 1951 година, за време на комунизмот, и во времето кога Косово беше дел од Југославија беше користен за затворање на политичките затвореници, како Зенели. Затворен е во 2016 година, по постојаните поплаки за лошите услови во него.

Но, минатата недела косовската влада одлучи повторно да го отвори. Овој пат за посетители, бидејќи затворот ќе биде претворен во музеј. Владата задолжи тим од Министерството за култура, во кој се вклучени и експерти за културно наследство, да спроведе анализа и да го подготви објектот за повторно отворање.

Јил Ругова, заменик министер за култура во заминување, за БИРН вели дека музејот, кога ќе биде готов, ќе го чува сеќавањето на илјадниците политички затвореници.

„Затворот, во сегашнава состојба, официјално ќе биде отворен за јавноста на 12 јуни, на денот на ослободувањето на Косово во 1999 година. Планираме, во текот на годината, да ги подготвиме сите основи за музејот“, информира тој.

„Затворот го изгради и тој е реликвија на бруталноста на министерот за внатрешни работи и шеф на тајната полиција, Александар Ранковиќ, човек озлогласен за угнетување на Албанците – бруталност што траеше до 1999 година и за време на Слободан Милошевиќ“, додава Ругова.

Ранковиќ беше шеф на Разузнавачката заедница (ОЗНА) во Југославија помеѓу 1944 и 1946 година, а потоа, до 1966, министер за внатрешни работи и потпретседател на државата. Тој беше обвинет за прогон на луѓе и незаконско притворање без судење, како и дека бил одговорен за илјадници егзекуции.

Различни извештаи детално го опишуваат малтретирањето на Албанците во затворот во Приштина.

Така, во својот извештај од 1997 година, Амнести Интернешнл (АИ) пишува дека Бесник Рестелица, 30-годишен маж уапсен под обвинение за тероризам, бидејќи, наводно, бил припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), починал во ќелија во овој затвор во февруари 1997 година. Југословенските власти соопштиле дека тој извршил самоубиство, но албанската страна го отфрлија ова објаснување, тврдејќи дека тој починал или како резултат на тортурата или се самоубил поради физичкото злоставување што го трпел.

Амнести Интернешнл заклучи дека „неколку фактори укажуваат дека по апсењето, тој бил сериозно малтретиран“ и дека тоа било дел од „долгогодишниот и конзистентен образец на злоставување на Албанците обвинети за политички престапи“.

Поранешните затвореници ќе бидат консултирани за поставките

Ќелија во затворот во Приштина. Фото: Министерство за култура.

Ругова објаснува дека надлежните, на создавањето на музејот, ќе работат заедно со Институтот за историја, со Факултетот по историја на Универзитетот во Приштина и со Институтот за истражување на злосторствата, кој наскоро треба да биде формиран, но дека ќе бидат консултирани и  меѓународни експерти.

„Што се однесува до внатрешниот простор, експонатите и другите предмети, решенија ќе се носат во соработка со политичките затвореници, кои поминале одредено време зад ѕидовите на овој затвор и преживеале тортура“, информира Ругова.

Идејата затворот да се претвори во музеј потекнува од Здружението на политички затвореници на Косово.

Хидајет Хисени, претседател на Здружението, смета дека музејот треба да има јасна цел:  „Да го чува сеќавањето и да го документира страдањето на илјадниците затвореници и нивната борба против српскиот режим. На овој начин, овој затвор-музеј ќе им помогне на сите генерации да ја гледаат слободата поинаку“, истакна Хисени за БИРН.

„Овој музеј ќе претставува отпор во име на слободата и демократијата и ќе биде посветен на сите оние кои ги ризикуваа своите животи во текот на годините на континуирано угнетување“, додаде тој.

Поранешната политичка затвореничка, Наиме Шерифи, вели дека, и покрај фактот што претежно во овој затвор затворениците биле мажи, музејот треба да ја вклучи и историјата на многуте жени кои биле затворени од политички причини.

„Поминав само две ноќи таму во 1985 година, а потоа бев префрлена на друго место Тоа беше кошмар. Денес, оваа зграда треба да служи како колективно сеќавање за идните генерации“, нагласи Шерифи за БИРН, која била студентка кога била затворена за субверзивна пропаганда против југословенската држава.

„Досега, малку се знаеше за жените, политички затвореници. Овој затвор треба да им даде посебно место на бројните жени кои беа затворени и мачени, особено после 80-тите. Тоа е единствениот начин целосно да се објасни она што се случуваше зад неговите решетки“, заклучува таа.