Интервјуа

Осум години Тајм.мк: Не седиме пред компјутер да редиме вести

Најпосетуваниот агрегатор на вести Тајм.мк, деновиве го прослави осмиот роденден. Со „таткото“ на Тајм, професорот по информатички науки, Игор Трајковски, разговаравме за сите предизвици низ кои поминал за да создаде производ преку кој македонските граѓани ќе бидат запознаени со сите вести, давајќи им можност да бираат од кого ќе се информираат, да направат споредба и да оформат свои мислења за актуелните настани.

Игор Трајковски, основачот на Тајм.мк | Фото: БИРН

Игор Трајковски, основачот на Тајм.мк | Фото: БИРН

Од еден обичен експеримент за лична употреба, агрегаторот на вести Тајм.мк, прерасна во една од најпосетуваните веб-страници во земјава, со над 300.000 посети во текот на денот. На осмиот роденден на Тајм.мк, разговаравме со неговиот основач, професорот по компјутерски науки Игор Трајковски, кој со голема гордост зборува за своето „чедо“.

Во текот на овие осум години се случија големи турбуленции на медиумската сцена, а Трајковски, иако не е дел од неа, претрпе голем број притисоци и фактички се запозна со сите проблеми низ кои минува новинарската фела.

Човечкиот фактор не се меша во „Тајм“

Во 2008 година, кога ја добил идејата да направи агрегатор на вести, земајќи го како урнек Google News, тој, освен желбата да биде објективно информиран за настаните, немал никаков допир со медиумите.

„Живеев надвор од Македонија, а ме интересираше што се случува во земјата и ми требаше еден таков сервис, да имам сè на едно место. Читав на интернет еден весник, па друг весник, ама така гледав само што е битно за тој еден медиум, а не општо и објективно. Затоа и го направив Тајм, за првично да можам јас да го користам“, вели тој.

Ако Тајм.мк треба да се објасни во една реченица, тогаш тоа би било дека станува збор за софтвер кој на одреден временски период (во случајот на две минути) ги посетува сите портали и гледа дали има нови линкови и нови вести. Понатаму, од линковите се вадат текстуалните делови и се групираат според темата што ја обработуваат. Сето тоа се прави автоматски.

„Човечка рака тука не се меша“, кратко објаснува Трајковски.

Понатаму, текстовите се рангираат и тука постојат одредени правила на игра. За Тајм.мк, постојат четири принципи.

1. Колку повеќе информации има за еден настан, толку тој настан е поважен.

2. Понови вести се поважни од постари вести.

3. Диверзитет на вести – ако има повеќе различни медиуми кои пишуваат за одреден настан, тој е поважен.

4. Важно е кој медиум го пишува тоа, односно колкав процент од вестите што ги генерира медиумот повлекува и други да се „залепат“ на темата.

И сето ова го прави програмата. Трајковски вели дека често е „офлајн“, не седи пред компјутер за да реди вести.

„Понекогаш сме го оставале со месеци, да не го чепнеме, самиот си работи. Единствено треба набљудување да се види што се случува со системот, да се подобрува, да се додаваат нови медиуми.“

Слободната зона на интернетот

„Често велам дека најдобра мотивација за правење нови работи е кога правиш производи на кои ти си првиот корисник“, вели Трајковски

„Често велам дека најдобра мотивација за правење нови работи е кога правиш производи на кои ти си првиот корисник“, вели Трајковски

Пред осум одини, Трајковски работел од дома, без фирма, без сервери. Сега, Тајм.мк има свои канцеларии во центарот на Скопје, тројца вработени и четворица практиканти, лични сервери, хардвер и софтвер. На средината на работните простории поставен е голем монитор на кој се следат посетите на агрегаторот. Бројките постојано се менуваат, во одреден дел од денот растат, потоа паѓаат, но сепак, просекот од стотици илјади посетители дневно останува.

Последниве години, Тајм.мк разви и верзии на албански, бугарски, српски, хрватски, словенечки и босански, користејќи ги линковите од медиумите во земјите. Во овој осумгодишен период, имаше многу обиди да се направат копии на слични агреготори на вести, кои, според Трајковски, не го загрозија неговиот рејтинг. Тајм не беше имун ниту на притисоци од дел од газдите на медиумите.

„Имаше одредена група на медиуми кои најверојатно сакаа да му наштетат на успехот на Тајм и пробаа да излезат, дури и со нелогични барања, дека е забрането пренесување на линкови, што е незамисливо во време на интернет. Тие поднесоа барање за да ги тргнеме, но после одредено време, самите побараа да ги вратиме назад, бидејќи имаа значителен пад на читаноста поради тоа.“

Трајковски беше обвинуван и дека форсира одредени медиуми на сметка на други, а на прашањето дали и зошто е тоа така, тој кратко одговара:

„Секој да може да си го персонализира својот Тајм. Но, бројките покажуваат дека самите читатели сакаат да го читаат Тајм ваков каков што е затоа што од 300.000 посетители што ги имаме секој ден, само 11 до 15 илјади ја користат персонализираната верзија. Но, доколку некој сака некои медуми да ги тргне, некои да ги ослабне, а други да ги засили, може да го направи тоа и да си користи верзија на Тајм каква што сака“.

Тој вели дека нема потреба од напади кон агрегаторите, затоа што читателите ја даваат оценката – ако не го добиваат тоа што им треба или имаат недостиг од вести какви што сакаат да читаат, имаат слобода да посетат друг агрегатор на вести.

„Интернетот е слободна зона, може секој да направи веб сајт, за разлика од телевизиите кои имаат национални концесии и не може секој да уклучи предавател дома и да формира своја телевизија. Таму има смисла да се бара рамноправна застапеност, затоа што некој ти дава лиценца. Овде имаш избор и имаш слобода, а читателите сами ја даваат оценката.“

Статистиките на Тајм покажуваат дека посетителите најмногу сакаат да читаат дневна политика и спорт, односно фудбал. Посетите на страниците за спортот се попосетени дури и од вестите за економијата.

Сепак, најголем „бум“ направи дополнителниот сервис за „топ твитови“, со што се даде значителен придонес и за Твитер заедницата. Топ твитовите се посетени од 1,2 милиони посетители месечно.

„Особено кога има бурни настани во текот на денот, дали се протести или некоја несреќа, твитерџиите се многу побрзи од самите медиуми, пуштаат фотографии и сведоштва, лични изјави и со тоа се зголемува информираноста кај луѓето.“

Сличен проект сега Тајм развива и за најчитани Фејсбук статуси.

Во време кога бизнис климата во земјава не е на најзавидно ниво, а голем број информатичари ја напуштаат Македонија, го прашуваме Трајковски која е неговата порака до младите кои сакаат да започнат свој бизнис, особено во делот на информатичката технологија.

„Често велам дека најдобра мотивација за правење нови работи е кога правиш производи на кои ти си првиот корисник. Првично, да направиш нешто што ти би го користел, а потоа другите. И, се разбира, треба голема упорност, а богами и среќа“, вели тој.