Интервјуа

Георгиевски: Ако не се реформира, ВМРО-ДПМНЕ може да експлодира!

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Колку и однадвор да изгледа монолитна, на ВМРО-ДПМНЕ може да ѝ се случи таква експлозија, по што од неа нема да остане ништо. Тешко ќе се извлече од таквата ситуација, ако не промени нешто“, вели поранешниот лидер на партијата, Љубчо Георгиевски, во пресрет на нејзиниот 26-ти роденден.

„Освен што остана името, направен е комплетен ревизионистички пристап на сѐ што значи идеја на ВМРО“, оценува Љубчо Георгиевски во интервјуто за БИРН / Фото: Томислав Георгиев

На 17 јуни ВМРО-ДПМНЕ одбележува 26 години од основањето на оваа водечка партија на десницата во Македонија. Роденденот го дочекува во време на еднодецениска доминација во власта, но и со длабоки оштетувања врз партискиот имиџ предизвикани од шрапнелите на опозициските „бомби“, детонирани минатата година.

Ретко кој од денешната партиска гарнитура може да посведочи за денот кога се одржало основачкото собрание на партијата во тогашниот Дом на младите „25 Мај“ во Скопје, свечено отворено со македонската химна во изведба на Јонче Христовски и Зоран Марковски. Од оние што тогаш седеа во салата, повеќето денес не се во ВМРО-ДПМНЕ.

Еден од нив е и првиот претседател на партијата, Љубчо Георгиевски, кој денес ја предводи Народната партија со истиот историски предзнак. Интригантно и по малку шеретски се насмевнува на прашањето дали денес ја препознава партијата на чие чело застана пред 26 години.

„Четврт век е доволен период која било партија да претрпи сопствена еволуција, реформа, па дури и ревизија на почетниот концепт. Некои промени треба да се прифатат во рамките на нормалното. Но, за жал, ако треба да зборувам за идеологија, тешко е да ја препознаам идејата од пред 25 години, а камоли во контекст на историското ВМРО. Има толку многу разлика, што можам да кажам дека освен што остана името, направен е комплетен ревизионистички пристап на сѐ што значи идеја на ВМРО“, оценува Георгиевски.

Слично како и историското ВМРО, така и ДПМНЕ го следеа бројни расколи по кои ткивото се делеше на разни партии со ист предзнак. Ако искуството на расколите се проектира врз сегашноста, прашањето е кој би бил идентификуван како денешен Тодор Александров, а кој како Иван (Ванчо) Михајлов. Георгиевски смета дека е тешко да се прават такви споредби со минатото.

„Расколот во македонското ткиво е својствен и за левицата и за десницата.

Но, тешко можат да се прават паралели со минатото, затоа што актуелните политички состојби имаат толку оригиналности и специфики, кои тешко можете да ги најдете дури и во цела Европа. Од тој аспект, како што бившите комунисти во еден момент сфатија дека нивното име е надминато и се трансформираа во социјалдемократи, така дојде време сите партии со предзнак ВМРО договорно да се откажат од него, ако сакаат да ѝ помогнат на таа идеја, бидејќи, како што поминува времето, тоа име сѐ повеќе ќе се компромитира“, вели тој.

Неопходни промени во ВМРО-ДПМНЕ

Промените кои ја сменија насоката на партијата, не ги врзува со познатите настани од „Панорама“ (2004 година) туку со неговото повлекување од функцијата во 2002 година.

„Решив да се повлечам од лидерската позиција, затоа што проценив дека тешко ќе можам да се борам со македонската медиумска јавност и со меѓународниот став кон мене. Направив саможртва, која подоцна никој не ја ценеше“, се потсетува Георгиевски.

Дојде време сите партии со предзнак ВМРО договорно да се откажат од него, ако сакаат да ѝ помогнат на таа идеја, бидејќи, како што поминува времето, тоа име сѐ повеќе ќе се компромитира / Фото: Томислав Георгиев

Но, „мангупите“ во партиските редови, кои тогаш не го почитувале неговото саможртвување, денес се наоѓаат во уште покомпликувана ситуација.

„Денешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ има добар пример во мојата постапка – со оставката на функцијата. Бидејќи, како и да ги гледате работите, ВМРО-ДПМНЕ денес е во многу критична и тешка состојба. Колку и партијата однадвор да изгледа монолитна, може да ѝ се случи таква експлозија, по што од неа ништо нема да остане. Ќе навлезе во тотално распаѓање. Балканот е полн со такви примери. Партијата тешко ќе се извлече од таквата ситуација, ако не промени нешто“, смета бившиот лидер на ВМРО- ДПМНЕ.

Не посочува имиња на лица кои би можеле да ја реформираат и предводат партијата.

„Тешко ми е да издвојувам имиња. Самата политика може да произведе и препорача добри личности“, вели тој.

Но, пред повеќе од една деценија не се воздржа да типува на Никола Груевски како негов наследник на лидерската позиција.

„И тогаш кога застанав зад Груевски, многумина воопшто не гледаа лидер во него. Но, еве, се покажа дека сум погодил со изборот. Ако целта на една партија е да ги добие изборите, тој тоа успешно го правеше изминатите години“, вели бившиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Ни правда, ни промени!

Георгиевски, кој заедно со Киро Глигоров во 2000 година влезе во Гинисовата книга на рекорди како пример за државнички двоец од најмлад премиер и највозрасен претседател, денес е загрижен за друг, неславен рекорд – должината на политичката криза во Македонија. Стравува дека, како што одминува времето, така состојбата ќе се радикализира, бидејќи е сведена на борба на живот и смрт.

„Јас постојано се обидувам да зборувам за некаква ‘средина’. Затоа и се залагав за идејата за договорна законска амнестија. Таква шанса имаше и со одлуката на Иванов за аболиција. Предлагавме, кој сака да биде аболиран, во наредните десет години да не се занимава со политика. Преку тоа гледав можност да се дојде до смирување на тензиите и до брзо решение. Но, на тоа се спротивставија многу луѓе од опозициски настроената јавност. Еве, сега тие нека кажат, како мислат да ја урнат власта?“ прашува Георгиевски.

Вели дека тој не гледа друга можност, а како „чудна“ ја оценува и позицијата на меѓународната заедница.

Долго време ‘заеднички именител’ на тамошниот збир од разни структури беше што подолго да се биде на власт, а сега е – како да се зачуваат кожата и слободата, вели Георгиевски за ВМРО-ДПМНЕ / Фото: Томислав Георгиев

„Ако од меѓународната заедница сметаат дека тежината на ‘бомбите’ е толку тешка, тогаш можеа во првиот месец на клучните луѓе од власта да им дадат јасна порака дека треба да заминат. Спротивно од тоа, тие направија преговарачки формат што по дефиниција е спасоносно решение за ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, според мои информации, дел од највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ кај високи дипломати на европски земји дури и отворено го поставиле прашањето дали треба да заминат, но не добиле никаков одговор. Секако, оставам резерва дека можеби ова е само партиски спин“, вели Георгиевски.

На забелешката дека јавноста инистира на правна, а не само на политичка разрешница на индициите за криминал, тој смета дека реално не постои таква можност.

„СЈО може да покрене многу обвинителни акти, но во најмала рака, тие ќе завршат со ослободителни пресуди, бидејќи судот покажува неверојатна кооперативност со власта. А судот ќе стане уште покооперативен, ако во меѓувреме се спроведат избори и ако според рејтинзите, повторно победи ВМРО-ДПМНЕ, без оглед дали ќе добие помалку пратеници. Потоа повторно ќе формира влада со ДУИ, со која има ‘железна коалиција’ и ќе минуваат години и години, во кои ниту ќе има промени, ниту правда. Најмалку во наредните три години“, прогнозира тој.

И по ваквиот став, кој најдиректно ја акцентира потребата од формирање независно судско одделение што ќе ги процесуира предметите на СЈО, Георгиевски смета дека тоа не е можно, од едноставна причина: „Власта нема да го дозволи тоа“.

Тогаш, како Македонија ќе излезе од кризата? Според него, решението е меѓународната заедница да понуди „концепт за севкупна демократизација на земјата“. Но, нема одговор како тој концепт би бил спроведен, кога веќе го имаме примерот со Договорот од Пржино, кој наиде на огромни опструкции.

„Јасно е дека имаме проблем со демократскиот капацитет. Демократија се прави со демократи. Можеби решението е во комплетна промена на раководствата на ‘големата четворка’ кои треба да бидат заменети со нови лица, бидејќи овие се премногу закопани во ровови“, смета Георгиевски.

Во пакетот решенија за излез од кризата, смета дека треба да се вкалкулира и решение на спорот за името.

„Тоа треба да го постигне преодна или коалициска влада, со консензус и со добиен мандат за решавање на тоа прашање. Ако не се направат конкретни чекори, Македонија ќе биде уште поназад отколку што е сега – уште подалеку од можноста за евроатлантски интеграции, ќе биде економски драматично ослабната и демографски испразнета“.

Не сакам да сум во нивна кожа

Разговорот го завршуваме со поводот со кој го започнавме – роденденот на ВМРО-ДПМНЕ. За 26 години, сменети се многу нешта, па и комуникацијата. Од неговиот најтесен тим, денес во ДПМНЕ се останати двајца: Антонио Милошоски и Влатко Ѓорчев. Нема одговор кога тие биле поискрени – тогаш или сега?

„Не знам“, вели низ насмевка. Во изминатиот период никој од партијата не му се јавил заради совет или какви било разговори околу кризата и актуелните состојби. Последен пат имал комуникација со Никола Груевски по петкратното убиство кај Смилковско Езеро.

Оттогаш поминаа четири години. Сепак, не е целосно заборавен. Ликот на Георгиевски, кој пред повеќе од една деценија беше ретуширан, односно бришен од фотографиите кои сведочеа за клучни настани во партијата и државата, одеднаш „воскресна“ во уметничка креација, во техника масло на платно, на ѕидовите на најобезбедуваната зграда во Македонија – седиштето на владејачката партија. Георгиевски не е многу изненаден од тој чин.

„Изгледа дека нарачале многу слики, па на некоја морало да се појавам и јас. Претпоставувам дека е така, бидејќи не ме сметаат за непријател кој може да ги загрози. Повеќе ме гледаат како ‘историја’, отколку како реална закана“, заклучува тој.

На ДПМНЕ денес гледа како кон „стара љубов, со голема емоција, но и со голема дистанца“. Ги негира тврдењата дека ВМРО-Народна речиси била пред потпишување договор за изборна соработка со ДПМНЕ, доколку не се одложеа изборите за 24 април. Тврди и дека нема изворни информации што се случува сега во неговата бивша партија.

„Но, од процесите што ги гледам во јавноста, претпоставувам дека многу од членовите се наоѓаат во едно внатрешно преиспитување. Да не беше стравот од СДСМ, дека ако дојде на власт ќе брка и разрешува, овој процес ќе одеше побрзо и порадикално. Сега стравот од она што ги очекува утре, е тој што ги држи во каква-таква кохезија. Тие се под огромен стрес. Ја плаќаат цената на тоталитарниот систем што го воведоа, а требаше целосно да го заборавиме. Долго време ‘заеднички именител’ на тамошниот збир од разни структури беше што подолго да се биде на власт, а сега е – како да се зачуваат кожата и слободата. Тие одамна направија дистанца од мене, а денес пак, јас не сакам да сум во нивна кожа“, вели Георгиевски.