За стотина поранешни обвинети функционери, 6 септември 2023 година беше вистински празник. Два дена пред прославата на независноста, ним собранието им изгласа застарување на кривичните дела во судски случаи, за кои над глава им висеа затворски казни.
Тоа им го овозможија пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ и ДУИ. Ги изгласаа измените на Кривичниот законик, со кои се декриминализира искористувањето на службената положба.
Со стискање на копчето „за“, го избришаа посебниот став од Кривичниот законик, со кој се казнуваше злоупотребата на службената положба, кога има штета врз буџетот.
Ако до тогаш делата застаруваа за 40 години, со ланските измени застаруваат за 10. Се намалија и казните за злосторничко здружување и за несовесно работење во службата.
Една година подоцна, судиите само констатираат застарени предмети, а обвинителите ги преиначуваат обвиненијата или ги повлекуваат.
Така застареa предметот за масовното прислушување „Таргет“, за набавката на опрема за поранешното УБК, „Трезор“, Моќник“, „Топлик“, „Продуцент“, а му направи проблеми на предметот „Талир“ за незаконската градба на белата палата, како и на други случаи.
Трошоците за таквите пропаднати предмети се исплаќаат од буџетот, иако во законот пишуваше дека измените нема да имаат буџетско влијание.
Измените правно „минираа“ и други случаи, како на пример, оној за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и останатите обвинети, кој, поради измените на Кривичниот законик, почна одново.
Викторија Аврамовска-Мадиќ, поранешната заменичка на министерот за правда, Кренар Лога, уверуваше дека со изменетиот Кривичен законик, судиите ќе судат побрзо, бидејќи роковите за застарување на случаите се пократки.
Но, наместо побрзо судење, сведочиме на инстант-застарување. На новинарско прашање како биле скроени измените, Аврамовска-Мадиќ рече дека измените ги пишувала дактилографката „по нејзин налог“.
Тие измени не го опфатија перењето пари, но создадоа правни дупки, со кои паѓа и ова дело.
Во јули пресудено – во ноември застарено
Полициски инспектор сакал да си легализира автомобил што бил криумчарен. Во јули лани бил осуден на условна затворска казна. Четири месеци подоцна, само што стигнала пресудата пред второстепениот суд, по измените на Кривичниот законик, судиите констатирале дека случајот застарел.
Тетовски директор на јавното комунално претпријатие бил осуден на условна казна затвор зашто склучил годишен тендер со фирма за собирање отпад и миење и чистење улици, иако понудата не била прифатлива.
Фирмата што го добила тендерот била без вработени и немала механизација, и ги користела ресурсите на комуналното претпријатие. Директорот во пресудата бил задолжен да го обесштети претпријатието со 490 илјади евра.
Европската комисија, во извештајот за владеењето на правото од оваа година наведе дека измените на Кривичниот законик негативно влијаат врз справувањето со корупцијата.
Но, и во овој случај, наместо пари во буџетот, се трошат пари од буџетот. Кога предметот дошол во Апелација, петтемина апелациски судии немале избор, освен да донесат одбивателна пресуда, а на обвинетите им се досудени трошоци за постапката.
Во вакви случаи, застарувањето беше извесно, само беше прашање на денови.
Но, на ред почнаа да доаѓаат и такви предмети, во кои злоупотребата на службената положба е врзана со перењето пари.
А бидејќи едното дело застарува, заедно со него не може да се гони ниту второто.
Ако нема искористување на положбата – нема ниту перење пари
„Без докажување на предикативното дело не е остварено битието на делото перење пари.“
Оваа кратка реченица, која неодамна ја напишале скопските апелациски судии во две одлуки, „тежи“ милиони евра, а е важна затоа што го отвора патот за неможност да се гони перењето пари.
Пред измените на Кривичниот законик, членот за злоупотреба на службената положба регулираше три дејствија – пречекорување, искористување и неизвршување на службено дејствие. Со измените, пратениците го избришаа искористувањето како дејствие, а токму по него беа обвинувани најголем дел од функционерите.
Според Кривичниот законик, за да постои перење пари, претходно тие пари треба да се стекнати на незаконски начин преку некое кривично дело (т.н. претходно дело). Но, ако тоа дело е искористување на службената положба, со измените во Кривичниот законик, повеќе не може да се гони кривично.
А штом некој не може да се гони дека ја искористил службената положба, не може да се гони ниту за перење пари.
Двете одлуки на скопска Апелација се однесуваат на предметите „Рашковски“ и „Империја“ за бизнисменот Зоранчо Митровски. Тие предмети паднаа токму поради измените на Кривичниот законик.
Апелациските судии Ѓоко Ристов, Зоран Димитриевски, Тања Милева, Гордана Сајковска, Јусуф Ајрулахи, Татјана Дуковска и Александра Ристеска, во одлуките образложуваат дека поради законските измени за злоупотребата на службената положба, не може да постои ниту перење пари, а овој став, како што пишуваат, е во согласност со судската пракса.
Побаравме стручно мислење од професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Александра Деаноска-Трендафилова, која со години предава казнено право. Таа е на линија со образложенијата на апелациските судии.
Деаноска-Трендафилова нагласува дека тоа што од членот за злоупотреба на службената положба и овластување во Кривичниот законик е избришано „искористувањето“, значи дека државата го декриминализирала oва кривично дејствие и тоа „сосема неоправдано“.
Таа елаборира дека законот нуди опции за гонење за перење пари доколку има правни пречки, но овде станува збор за „декриминализација на едно од досегашните дејствија на извршување во основниот облик на злоупотребата“.
„Пречки за гонење, на пример, се застареноста на кривичното дело, амнестија, помилување и слично, но не и декриминализацијата“, вели професорката.
Нагласува дека со декриминализацијата не станува збор за „пречка за гонење, туку едноставно нема казниво дело“.
Освен тоа, судот, како што вели таа, по службена должност е должен да води сметка за постоењето на подоцнежен поблаг закон за сторителот.
„Тоа веројатно е причина зошто судиите толкуваат дека во таков случај не може да постои ниту перење пари“.
Смета дека ваквите законски решенија треба под итно да бидат изменети и конечно, во ваквите случаи, правото да биде во функција на правдата.
Дарко Аврамовски, од Коалицијата Сите за правично судење, вели дека судиите имаат две опции.
Едната е да одлучат „дали во моментот кога лицето ги пуштило во оптек парите, тие биле стекнати со кривично дело (тоа сѐ уште не било декриминализирано)“, или да одлучат дека „декриминализацијата на искористувањето на службената положба значи и легалност на стекнатиот имот“.
Во вториот случај, тоа би значело неможност за понатамошен прогон за перење пари и за конфискација на нелегално стекнатиот имот.
Во меѓувреме, додека судовите ги „пеплосуваат“ обвиненијата како застарени или како проблематични, се смени власта, а новиот лидер на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче оцени дека згрешиле со измените на Кривичниот законик.
На чело на Министерството за правда во јуни дојде новиот министер Игор Филков, кој веќе во јули организираше брифинг со новинарите. Меѓу неколкуте прашања поврзани со секторот правда, најави дека ќе формира нова работна група, која ќе работи на измени на постојниот Кривичен законик, токму за спорните делови.
Само неколку месеци порано, неговиот претходник Кренар Лога испрати целосно нов Кривичен законик до Секретаријатот за европски прашања, кој требаше документот да го препрати до Европската комисија на мислење.
Што содржи таа верзија на Кривичниот законик во делот за злоупотреба на службената положба од Министерството за правда не одговорија, правдајќи се дека станува збор за нацрт-закон, за кој ќе има јавна расправа.