Намерата 25-годишнината од масакрот, извршен над повеќе од 7.000 Бошњаци од Сребреница од страна на силите на босанските Срби, на 11 јули да се одбележи со голем број учесници во Мировниот марш и масовно присуство на погребот на новоидентификуваните жртви, поради неодамнешното зголемување на заразени со корона вирусот во Босна и Херцеговина, нема да се реализира во планираниот обем.
„Планиравме да имаме најмалку 10.000 учесници во Мировниот марш и 100.000 луѓе да присуствуваат на погребот во Поточари (во Меморијалниот центар кај Сребреница)“, вели за БИРН, Мунир Хабибовиќ, претседател на поткомитетот за организација на Мировниот марш.
„Сепак, настаните околу корона вирусот ги пореметија нашите планови и организацискиот комитет не може да донесе никакви одлуки, затоа што не знаеме какви мерки ќе бидат во сила“, истакна Хабибовиќ.
Институтот за исчезнати лица на БиХ, објави дека осум жртви на Сребреница, кои биле идентификувани изминатата година, ќе бидат погребани на претстојаната комеморација.
Хамдија Фејзиќ, претседател на организацискиот комитет за одбележување на 25-годишнината, истакна дека организаторите „ќе се обидат да се придржуваат“ кон сите официјални ограничувања што во моментов се на сила, иако, како што додаде, тоа ќе биде тешка задача.
„Ќе апелираме што е можно помалку луѓе да присуствуваат на погребот. Ќе се обидеме да го искористиме просторот достапен за да го задржиме растојанието меѓу учесниците“, изјави Фејзиќ за БИРН.
Тој посочи дека луѓето што сакаат да присуствуваат на комеморацијата, би било подобро, наместо на лице место, да го следат преносот во живо на комеморацијата на јавниот сервис на БиХ, БХРТ.
На почетокот на оваа година, покани за присуство на комеморацијата беа испратени до шефовите на државите и премиерите на сите земји кои го признаа масакрот во Сребреница како геноцид, во согласност со меѓународните судски пресуди, но сè уште нема знак колкумина ќе присуствуваат.
Нермин Аливуковиќ, советник за административни работи во општина Сребреница, вели дека оние што го откажале присуството поради пандемијата „ќе можат да испратат видеопорака“.
Пандемијата на корона вирусот го забави и процесирањето на предметите поврзани со Сребреница, а беше одложена и презентацијата на жалбите на првостепената пресуда со која поранешниот воен командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, беше осуден за геноцид во Сребреница и за други воени злосторства.
Досега, за злосторствата во Сребреница, Хашкиот трибунал и судовите на Балканот осудија вкупно 47 лица на повеќе од 700 години затвор, плус четири доживотни казни.
Сепак, во врска со Сребреница, од последното одбележување на годишнината на геноцидот во јули 2019 година, Судот на БиХ нема донесено нова пресуда.
Пред овој суд започна само едно ново судење, она на Миломир Савчиќ, претседател на Боречката организација на Република Српска (БОРС), кој е обвинет за помагање на геноцидот во јули 1995 година. Тој се изјасни за невин.