Јавноста е со денови вознемирена од трагичната сообраќајна несреќа на скопскиот булевар Партизански одреди, каде што загина 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино, откако беше прегазена на пешачки премин. Револтот поттикна протести и барања за промени во системот, со кои ќе се стави крај на дивеењето по улиците. За жал, ова не е прв случај кога сообраќајките, особено прегазувањето пешаци, предизвикуваат такви реакции. Според последните достапни податоци од Министерството за внатрешни работи, во 2022 година во сообраќајни несреќи загинале 124 луѓе, а во 2023, пак, 127. Бројот на тешко повредените во 2023 година е 926, а претходната 858.
Кругот обично се врти на ист начин: трагедија, револт, па ветување за промени. И Министерството за внатрешни работи, и повеќе партии во Собранието, деновиве можеа да се слушнат како ветуваат иницијативи за подобрување на безбедноста во сообраќајот. Но, позначајни промени на ова поле не се случиле уште од 2014 година, кога максималната брзина во населените места се намали од 60 на 50 километри на час. И таа промена дојде како реакција на трагични настани. Штетата од сообраќајките МВР ја проценува на десет милиони евра годишно, а според методологија на Светската банка, таа е проценета на два отсто од Бруто-домашниот производ, или околу 300 милиони евра.
А решенија има. Пред две години, експертска група што работи во рамките на Министерството за транспорт и врски (сегашно Министерство за транспорт) подготви документ наречен „Извештај за преглед на капацитет за управување со безбедност на патишта и соодветен акциски план“. Во него се предлагаат повеќе мерки, како формирање Агенција за безбедност во сообраќајот и реорганизирање на системот за да се намалат штетите и последиците. За оваа тема разговаравме со Даниел Плавески, сообраќаен инженер со 17-годишно искуство, кој е еден од експертите во единицата за имплементација на овој проект.
БИРН: Темата за безбедноста во сообраќајот, за жал, станува актуелна само по големи трагедии. Како се чувствувате поради тоа како експерти, и дали и во институциите се интензивира работата во тие случаи?
Павлески: Во институциите секогаш се работи, независно дали тоа е видливо. Темата за безбедноста во сообраќајот е жива материја. За жал, често имаме сообраќајни несреќи, некогаш со жртви, некогаш со тешки телесни повреди, па и темата е често актуелна. Она што треба да го разбереме е дека не можеме да очекуваме сообраќајните незгоди еден ден да престанат. Тоа не успеало во ниту една држава. Но, може да се делува на последиците, да се избегнат или да се намалат тешките повреди и смртните случаи. Има држави во Европа и во други делови од светот што си поставија за цел „визија нула“, односно да имаат нула жртви во сообраќајот. Значи сообраќајки секогаш ќе има, но тие не треба да завршуваат со тешки последици. Очекувам наскоро извештајот што го подготвивме да се усвои, и потоа да почне да се постапува по него. Со тоа треба да се подобри безбедноста. Тој треба да помогне и за новата Национална стратегија за безбедност во сообраќајот, за која веќе има формирано координативно тело. Последниот таков документ ни е за периодот 2015-2020 година, така што во моментов немаме стратегија што е актуелна.
БИРН: Во документот се предлага формирање Агенција за безбедност во сообраќајот, единствена национална база на податоци, локални совети и друга реорганизација на системот. Како поточно ова треба да придонесе за подобра безбедност на патиштата?
Павлески: Јас сметам дека постоењето на едно тело кое што цело време ќе биде посветено само на безбедноста во сообраќајот ќе даде ефект. Тоа ќе има задача да ги координира сите институции, да финансира истражувања и друго. Неопходно е да постои такво тело, без разлика дали ќе биде агенција, дирекција или нешто друго, тело на кое што сообраќајот ќе му биде единствената задача. Сега има многу институции што се вклучени, од кои најмалку седум-осум се клучни, а има и други. Тука се министерствата за внатрешни работи, за транспорт, за финансии, институциите задолжени за возилата, општините и градот Скопје што се задолжени за локалните патишта и улици. Сите тие се вклучени, но имаат и други обврски, затоа треба тело што ќе биде насочено само кон сообраќајот и ќе ги координира сите, во врска со стандардите за возилата, состојбата на патиштата, сообраќајните правила итн.
БИРН: Според експертската анализа, штетата од сообраќајните несреќи на годишно ниво изнесува два отсто од БДП, што е околу 300 милиони евра. Како е можно сумата да биде толку висока и што сè влегува во пресметката?
Павлески: Сумата звучи високо, но тоа е реалноста. Таа сума од два отсто е само за трошоците што се резултат на несреќите со тешки телесни повреди и со загинати. Ако се земат и другите, може да стигне и до два ипол отсто. Ова се пресметува според методологија од Светската банка, и тука влегуваат многу индиректни трошоци што никој не ги гледа. Не само штетите на возилата или на инфраструктурата, туку и трошоците на службите за итни интервенции, како брзата помош или противпожарната единица, кои мора да дојдат на местото. Тука се и трошоците за семејствата кога ќе изгубат некој близок, за погребот. А во оваа пресметка влегуваат и средствата што државата ги губи според тоа колку чини човечкиот живот. Тоа е сложена формула за која се користи метод од Светската банка, бидејќи нашата држава се уште нема официјална методологија за тоа. Се пресметува колку еден човек што загинал, особено ако станува збор за младо лице, ќе создал економска вредност, ќе работел, трошел, плаќал даноци, ако го доживеел нормалниот животен век, или колку на истиот начин се губи кога некој ќе доживее тешка телесна повреда. Веројатно најголема ставка во пресметката е загубата на човекот како економски чинител.