Истражувањa

„Печуркарата“ во Свети Николе „мувлоса“ предвреме

Холандскиот инвеститор во матичната земја бил обвинет за затајување данок во време кога тој ја договарал инвестицијата во Македонија

Проектот беше амбициозно промовиран од тогашниот премиер Никола Груевски и од Зоран Тасев, градоначалник на Свети Николе / Фото: Влада на РМ

Проектот беше амбициозно промовиран од тогашниот премиер Никола Груевски и од Зоран Тасев, градоначалник на Свети Николе / Фото: Влада на РМ

На само шест километри од Свети Николе, во Овчеполието, во запустена и изолирана локација зјае огромна метална конструкција. Оградена е и под катанец речиси две години, откако на 2 февруари 2014 година свечено беше поставен камен-темелник на фабрика за производство на печурки. Местото се чини идеално за производство на здрава храна. На околу петстотини метри поминува регионалниот пат Велес – Штип. Во непосредна близина има и железничка пруга.

Овој дел од Овче Поле нуди многу можности, но како да нема к’смет да привлече сериозен инвеститор. Напротив, како што сведочат мештаните, се редат празни зборови и лажни проекти – ветениот економскиот бум исчезнува како меур од сапуница во истиот миг со претставувањето на инвеститорот. Светиниколчани сѐ уште со горчина зборуваат за големата измама со индискиот бизнисмен Субрата Рој, а по него се појави нов, промовиран од тогашниот премиер Никола Груевски и од Зоран Тасев, градоначалник на Свети Николе.

Холанѓанецот Теодорус ван Кампен, разбуди нова надеж кај жителите на Свети Николе, ветувајќи инвестиција тешка 25 милиони евра во модерна фабрика за производство на печурки, а Груевски најави дури 450 работни места. Со оглед на големината на странската инвестиција, општината Свети Николе, како што ни потврди градоначалникот Тасев, донела одлука инвеститорот комплетно да го ослободи од комуналните давачки.

Инвеститорот обвинет за шеф на „организирана криминална група“

Во Свети Николе каде што 450 луѓе чекаат вработување, никој од надлежните нема информација зошто е стопирана изградбата на фабриката за печурки. Ниту пак, се знае дали холандскиот инвеститор, евентуално се премислил. Јасен одговор не добивме ниту од државата, ниту од локалната самоуправа, ниту од инвеститорот со кого посредно се обидовме да контактираме.

Наспроти сите уверувања дека фабриката ќе биде изградена, металната конструкција подигната на шест киломери од Свети Николе сведочи дека на тоа место веќе подолго време никој не инвестира / Фото: С. Митреска

Наспроти сите уверувања дека фабриката ќе биде изградена, металната конструкција подигната на шест киломери од Свети Николе сведочи дека на тоа место веќе подолго време никој не инвестира / Фото: С. Митреска

Но, според пишувања на холандски новинари, проблемот можеби лежи во тоа што Теодорус Ван Кампен се соочува(л) со тешки обвиненија во сопствената земја. Бил гонет за даночна измама во вредност од околу 10 милиони евра. Државата му запленила фабрика, зграда и приватен авион. Холандските даночници, како што пишуваат медиумите, успеале да повратат околу еден милион евра.

„Тео К. (63 години) е првоосомничен во мега-истражување на обвинителството поради даночна измама од најмалку 10 милиони евра. Неговиот имот се одзема“, се вели во информациите што ги пренел холандскиот интернет портал „Follow the money“.

Во Свети Николе каде што 450 луѓе чекаат вработување, никој од надлежните нема информација зошто е стопирана изградбата на фабриката за печурки

Според написите, Тео ван Кампен бил еден од главните во организирана криминална група за производство на печурки во Холандија. Според истражните органи, организираната група предводена од Кампен, наместо во Холандија, печурките што се нуделе на домашниот пазар ги произведувала во Полска, а за таа намена била ангажирана евтина работна сила – работници на црно од Бугарија.

Во нашето истражување дојдовме до податок и дека Ван Кампен имал фирма и во Полска и во Велика Британија, која ја отворил во 2008 година, а ја затворил во 2009 година. Освен за затајување данок, холандските истражни органи го товареле Кампен и за злоупотреби со студентски стипендии.

Стефан Вермулен, холандски новинар што го следел случајот, во статија објавена во интернет порталот „Follow the money“, во која пренесува информации од судењето на организираната група предводена од Кампен, вели дека во судницата биле присутни и дел од оштетените стипендисти. Нашиот колега, Вермулен, во изјава за БИРН посочува дека компанијата на Тео ван Кампен отворена во Холандија била длабоко вмешана во валканиот бизнис со печурки:

„Тео ван Кампен – и неговата компанија ЕФТ – беа главните осомничени во истрагата од страна на холандските јавни обвинители во големи измами во европскиот бизнис со печурки. Во текот на летото 2009 година, тој беше уапсен, заедно со уште неколку други осомничени, а Министерството за правда одзеде дел од неговиот приватен имот, вклучувајќи го и неговиот приватен авион. До крајот на 2009 година властите го обвинија за даночна измама од 10 милиони евра. Вкупно, даночната измама дури може да биде и поголема, со оглед на тоа што барањето од 10 милиони се однесува само со неговите активности меѓу 2003 и 2005“ – вели Вермулен.

Тој додава дека е можно Ван Кампен и да избегал од земјата, бидејќи не завршил во затвор, барем не по 2011 година.

„Кога јас ја објавив мојата приказна за тоа во мај 2011 година, Ван Кампен не беше во затвор, и случајот против него сѐ уште не беше во судот. Никој, вклучително и холандските власти, не знаеја каде е тој во тоа време. Извори се сомневаа дека тој би можел да биде во Полска, но јас не знам дали тоа е точно. Оттогаш, Ван Кампен не беше во затвор, но барањето за даночна измама сѐ уште може да биде отворено“, вели Вермулен за БИРН.

Договорите со Груевски биле уште во 2011 година

Периодот (2011 година), во кој Ван Кампен бил недостапен за холандските органи се совпаѓа со неговиот престој во Македонија и првичните договори за инвестирање во кабинетот на премиерот Никола Груевски:

„Пред три години, господине премиер, во вашата канцеларија ви дадов ветување, а ветувањето е сега тука“, изјави инвеститорот Теодорус ван Кампен на свеченото поставување камен темелник на фабриката на 2 февруари 2014 година. Холанѓанецот во прво време планираше да вложи 3,5 милиони евра, а во текот на наредните пет години уште околу 20 милиони евра.

„Пред три години, господине премиер, во вашата канцеларија ви дадов ветување, а ветувањето е сега тука“, изјави инвеститорот Теодорус ван Кампен на свеченото поставување камен темелник на фабриката на 2 февруари 2014 година / Фото: Влада на РМ

„Пред три години, господине премиер, во вашата канцеларија ви дадов ветување, а ветувањето е сега тука“, изјави инвеститорот Теодорус ван Кампен на свеченото поставување камен темелник на фабриката на 2 февруари 2014 година / Фото: Влада на РМ

На свечениот чин со лопатите присуствуваше и премиерот Груевски, објавуваќи дека ќе бидат отворени нови работни места – на почеток за околу 30 луѓе, а за неколку години дури за 450 невработени од општината.

„Тоа ќе го заживее регионот и ќе донесе придобивки како за нововработените и за нивните семејства, така и за другите македонски компании кои би соработувале со новата фабрика. Република Македонија со севкупната бизнис-клима, со сето она што го направивме во изминатиот период… станува сѐ позабележителна и поатрактивна држава за странски инвестиции“, изјави Груевски.

Никој не знае зошто пропаѓа ветената инвестиција од 25 милиони евра

Холандскиот инвеститор Теодорус ван Кампен во „големиот“ македонскиот бизнис (25 милиони ветени евра) влезе на мала легална врата преку две компании и двете регистрирани со седиште во Тетово.

Со влог од 5.000 евра, Ван Кампен ја отворил фирмата „И и Д Балкан ДООЕЛ Тетово“, три години пред да биде удрен камен-темелникот на фабриката. Но, истиот ден тој отвора уште една фирма на истата адреса во Тетово – „Трговско друштво Европски институт за сертификација“. Приоритетна дејност на компанијата, И и Д Балкан ДООЕЛ, според изводот од Централниот регистар на Република Македонија, не е производство туку трговија на големо. Сето ова се случувало во периодот во кој „исчезнал“ од неговата земја, според новинарот Вермулен.

Тео ван Кампен и неговата компанија ЕФТ беа главните осомничени во истрагата од страна на холандските јавни обвинители во големи измами во европскиот бизнис со печурки, вели холандскиот новинар Стефан Вермулен

Потоа купил земјиште во Свети Николе, а градоначалникот Тасев тврди дека навреме го платил и дека на државата не ѝ должи ни денар. Според зборовите на Тасев, холандскиот инвеститор покажувал сериозна заинтересираност за бизнисот што го почнал, но, како што рековме, нема конкретен одговор зошто работите стојат во место речиси две години:

„Немам информации што се случува со инвеститорот. Знам само дека има некои недоразбирања со матичната држава, наводно поради тоа што сакал да го пресели капиталот во друга земја. Тој нема долгови кон општината, земјиштето на кое почна да се гради печуркарата е целосно платено. Холандскиот инвеститор, дури и докупуваше земјиште“, изјави градоначалникот Тасев, додаваќи дека засега нема најави оти инвеститорот се повлекува од Македонија, со оглед на тоа што во Свети Николе функционира канцеларија на фирмата.

Но, при нашиот обид преку неговата фирма да дознаеме повеќе за проблемите, наидовме на „некомпетентност“.

„Не сум компетентна да давам изјави, ќе го информирам сопственикот во Холандија за вашиот интерес и за новинарските прашања“, кратко ни одговори Билјана Кралева Солтирова, вработена во И и Д Балкан ДООЕЛ Тетово, на нашето прашање кои се причините за застојот во градежните работи на печуркарата и во реализацијата на инвестицијата.

Неколку дена откако воспоставивме контакт со вработената во компанијата, во краток телефонски разговор разбравме дека го информирала сопственикот преку мејл, но дека нема повратна информација дали ќе одговори на нашите прашања.

Кога по две недели од нашиот втор контакт сакавме да провериме дали стасало образложението за застојот на инвестицијата од Холандија, од друго лице ни беше речено дека Солтирова ќе биде отсутна во наредните честириесет дена, но дека ќе биде информирана за нашиот повик. Одговор од И и Д Балкан ДООЕЛ Тетово сѐ уште нема.

Владата вели прашајте ја општината

Зошто холандската инвестиција, промовирана од премиерот Никола Груевски е во застој, прашавме и во Агенцијата за странски инвестиции, каде што ни објаснија дека, сепак, таа информација ќе треба да ја обезбедиме од општината Свети Николе со оглед на тоа што во проектот „Инвестирајте во Македонија“ не е вклучена само таа институција туку и локалната самоуправа.

Наспроти сите уверувања дека фабриката ќе биде изградена, металната конструкција подигната на шест киломери од Свети Николе сведочи дека на тоа место веќе подолго време никој не инвестира.

Всушност, во изјавата на градоначалникот Тасев дадена на свеченоста на која беа удрени темелите на фабриката, како да е содржана сета иронија на промашената холандска инвестиција:

„Ова е само уште еден пример за тоа што работи Владата предводена од премиерот Никола Груевски со креирањето поволни услови за привлекување странски инвестиции. Локалната самоуправа има свој придонес за тоа што се случува овде денеска“ (Зоран Тасев, 2 февруари 2014 година).

Тасев: Ни кажа дека имотот му е замрзнат!

На нашето прашање дали му е познато со какви обвиненија бил соочен холандскиот инвеститор Ван Кампен во матичната земја и дека му е одземен имот поради затајување данок, градоначалникот Тасев вели:

„Фрозен (Frozen). Тој збор го употреби инвеститорот, така што имотот му е замрзнат, не му е одземен, нема законска основа за такво нешто“.

Оваа изјава на Тасев, без сомневање, покажува дека локалната власт, а секако тогаш можеме разумно да претпоставиме дека и централната, т.е. Владата, знаеле дека инвеститорот има проблеми со законот во земјата од каде што доаѓа.

Тасев и покрај сѐ, верува дека фабриката за печурки нема да биде случај на промашена инвестиција. Тој се повикува на купопродажниот договор со Ван Кампен, каде што имало клаузула според која локалната власт има право да бара инвеститорот да ги плати комуналните давачки (300 денари по метар квадратен), од кои претходно бил ослободен.

„Земјиштето немаме право да му го одземеме според ниту еден закон. Но, имаме право да го активираме решението за наплата на комуналиите во случај да не се реализира инвестицијата. Сепак, крајниот рок за изградба на печуркарата е 2016 година“, вели градоначалникот Тасев.

Но, евентуалното присилно плаќање на комуналии тешко може да се смета како надомест за нереализираното, а секако, најмалку може да биде утеха за стотиците семејства кои се надевале дека ќе стекнат сигурни приходи со вработувањата на нивните блиски.

„Малку ли беше Субрата Рој”?

Инвестициски бум. Вработувања. Преродба во Свети Николе. Овие три магични пароли кои беа дел од предизборниот арсенал на ВМРО – ДПМНЕ во предвремените парламентарни избори, кога всушност дојде и ветувањето за големата фабрика за печурки, а кои никако да бидат претворени во дела, им е добро познат „филм“ на жителите на Свети Николе.

Тоа ни го потврдуваат и од локалниот огранок на опозициската СДСМ, чии советници неколку пати прашувале за случајот.

„Главен работодавец во Свети Николе останува само општината, односно владејачката партија“ – вели Зоран Наков, претседател на општинската организација на СДСМ, додавајќи дека „Свети Николе, по двете крупни лаги со кои е изневерена надежта, е на ‘смрттна постела’“.

Сепак се чини дека им е најтешко на оние од Црнилиште, село четири километри оддалечено од металната карабина на несудената фабрика за печурки, зашто тие на своја кожа се чувствуваат двојно измамени.

„Малку ли беше Субрата Рој? Му дадоа едно чудо земјиште, дел од таа земја го опфаќа атарот на Црнилиште“, со лутина и со гестикулации на неверување сведочи Блаже Јованов (45 г.), жител на Црнилиште, татко на две деца.

Јованов не работи, а ниту неговата сопруга. Како и неговите соселани живее буквално од милоста на Бога – „ако даде Господ ќе има род и некој денар за леб“:

„Не верував дека ќе се изгради фабриката за печурки. Тоа ветување дојде по промашувањето со Субрата Рој и немав повеќе доверба дека на нашиот крај ќе му се случи нешто добро, иако добивав уверувања дека ќе бидам вработен во печуркарата“, вели Јованов.

Изгубената доверба и надеж, сиромаштијата и безработицата, се најчесто единствената причина за иселување на месното население – но, не само од запустениот крај, туку од земјата.