Истражувањa

Канабисот загубен меѓу законот, лекарите и популизмот

Ако на почетокот срамежливо се зборуваше за легализација на маслото од канабис, експресно стигнавме до предлог закон. Употребата на маслото ќе се легализира, но останува нејасно дали предложениот текст на законот е вистинско решение. Едно е сигурно, луѓето кои посегнуваат кон маслото како лек, немаат намера да се откажат од него

„Во болница повеќе не сакам да влезам. Маслото од канабис и правилната исхрана се мојот лек и ќе ги користам до крајот на животот. Маслото мора да биде легализирано во медицински цели. Јас мислам дека и здрави луѓе треба да го користат, а не само болни“, ни рече при првата средба 30-годишниот Даниел Здравков од Радовиш.

Тој е речиси парализиран како последица од три автоимуни болести, Бехтеров синдром, Улцерозен колитис и Полиартритис.

Даниел Здравков сега, речиси парализиран како последица од три автоимуни болести и пред три години кога бил сосема здраво момче / Фото: Фејсбук профил на Здравков

Даниел Здравков сега, речиси парализиран како последица од три автоимуни болести и пред три години кога бил сосема здраво момче / Фото: Фејсбук профил на Здравков

Со него се сретнавме во бањата „Цар Самоил“ во Струмица, каде што престојот сам си го плаќа. Во една мала соба, со неговиот најдобар пријател се обидува да закрепне и да застане на нозе. Изморен е од програмата на физикалната терапија која сам ја составил, но е полн со надеж дека повторно ќе води нормален живот.

Пред три години тој бил сосема здраво момче, фудбалер и мислел што понатаму во животот. Болестите го заковале за кревет. Сепак, од него зрачи надеж. Нè изненади кога ни рече: „Среќен сум што се разболев“. Кога виде дека сме зачудени од оваа изјава, тој продолжи:

„Болестите ми ги отворија очите. Сега знам што е вредно во животот. Завршив со оние прашања – зошто баш јас? Сега сум психички силен, а за неколку години гарантирам дека ќе трчам, нема да одам“, вели Даниел.

Маслото почнал да го користи сосема случајно, откако претходно пиел купишта лекови кои не дале никаков ефект. Ефeктите ги почувствувал веднаш. Болките и вкоченоста на телото и екстремитетите се намалиле, а сонот и енергијата се вратиле. По неколку месеци сам станал од креветот.

Парите биле главната пречка редовно да го користи маслото. Го набавувал од Албанија за сума од 1.800 до 2.600 евра месечно, но набрзо веќе немале пари да купуваат. Тогаш, мајка му Зуица ги презела работите во свои раце – научила како се прави маслото и почнала сама да го произведува. Од почетокот користеле див канабис, од околината на градот каде што неконтролирано расте. Така, терапијата продолжила.

Братот заглавил во затвор, во обид да помогне

Мелен канабис подготвен за правење масло / Фото: О. Чанчаревиќ

Мелен канабис подготвен за правење масло / Фото: О. Чанчаревиќ

„Некаде пред три години, враќајќи се од пат, го видов полужив. Тогаш сфатив дека мора да се прекине терапијата и да се смени лекот. Не можеше да спие, на секои 10 минути се будеше. Имаше 46 килограми. Не можеше да стане, а требаше десетина пати во ноќта да оди во тоалет. На почетокот на 2013 година неговите другари прв пат му донесоа масло од канабис. Веднаш имаше подобрување“ – појаснува мајката.

Цела година ова семејство на контролите криело дека користат масло од канабис и дека Даниел не ја пие препишаната терапија. „А, сепак, докторите се чудеа на резултатите“, вели Зуица.

Сакајќи да му помогнат на Даниел, таа и неговиот брат Петар, решиле да засадат дваесетина стебла канабис во домот на нивниот татко, за да можат да прават масло. Но, тој потег ги чинел скапо. Петар е сега во затвор и издржува едногодишна казна.

Мајката на Даниел е децидна дека канабисот мора да се легализира во медицински цели.

Најтешко болните – најчести пациенти

„Знаеме дека маслото од канабис го употребуваат пациентите, но тие најчесто не ни признаваат“, тврди директорот на Клиниката за онкологија и радиотерапија, д-р Милан Ристевски.

Тој не е сигурен колку маслото може да вроди со плод, но, сепак, како што вели, надежта кај човекот не смее да се убие.

„Проблемот е што за него не постојат многу истражувања и сеопфатни студии, но лично сметам дека што побрзо се воспостави контрола, тоа подобро. Вака, не знаеме што пијат, од каде го набавуваат и како го произведуваат. Затоа, мој личен став е дека треба контрола, бидејќи само така ќе ги знаеме точните ефекти што ги дава маслото од канабис при лекувањето“, вели Ристевски.

Бројката на заболени од малигни заболувања во земјава сè повеќе расте, па оттаму е јасно дека граѓаните преминуваат и кон зголемена употреба на алтернативни мерки на лекување.

„Годинава очекуваме бројот на заболени од малигни заболувања да порасне за 10 проценти во однос на 2003 година“, вели Ристевски.


Македонија има канабис за извоз
Дивиот канабис кој расте на голем дел од територијата на Македонија е одличен за производство на масло од канабис, покажале резултатите на испитувањата кои ги спровеле двајца научници со семиња од овој тип на канабис. „Резултатите беа феноменални. Процентот на ЦБД во растението е идеален за производство на масло. Испитувањата ги извршивме на локација во Скопје која што не можам и не смеам да ја откријам“, вели Филип Достовски.

Според Светската здравствена организација (СЗО), во 2013 година во Македонија од малигни неоплазми починале 3.640 лица, а бројот е зголемен за 9,4 отсто во однос на 2003 година, кога биле регистрирани 3.484 починати лица како последица на малигни болести.

Во моментов, во Македонија, токму болните од малигни неоплазми, најчесто се пациентите кои се одлучуваат да ја применат терапијата со масло од канабис и се откажуваат од традиционалната фармацевтска медицина.

Лековитоста на маслото од канабис, засега сѐ уште се докажува и во светски рамки. Кај нашите соседи во поблискиот регион, како што се Словенија и Хрватска, тоа е веќе легализирано за одредени типови болести – во Словенија од 2015 г., а во Хрватска од март годинава.

Испитувањата покажуваат дека канабисот има позитивни ефекти врз низа болести како сида, канцер, мултиплекс склероза, аутизам, анксиозност и голем број автоимуни болести. Меѓутоа, проблемот е во фактот што денешната фармацевтска медицина не ги признава тие резултати. Барем не официјално, иако зад испитувањата стојат врвни имиња во медицината како чешкиот научник Лумир Хануш, кој во моментот е ангажиран од Универзитето во Ерусалим, Израел да ги испитува ефектите од употребата на маслото од канабис. Тој веќе ги има објавено своите досегашни наоди.

Ова ни го потврдува и граѓанскиот активист Филип Достовски. Тој досега има организирано две дебати во Скопје околу легализацијата, на кои присуствувал токму научникот Хануш и Канаѓанецот Рик Симпсон, најгласниот поборник за легализација во светски рамки.

„Потврда за ефикасност е тешко да се најде. Пацинетот кој се лекувал со масло не се враќа назад во болница, а и да се врати и да каже каква терапија применувал, тоа не се внесува во официјалната документација, барем не кај нас. Затоа немаме никакви податоци околу степенот на употреба и ефикасноста при лекувањето“, објаснува Достовски, кој отворено ја поддржува легализацијата за употреба во медицински цели.

„Проблемот е и во профитот. Лековите им носат милијарди долари на големите компании“, додава тој, појаснувајќи дека голем дел од пациентите би се откажале од скапите лекови, особено за тешките болести, и би се потпреле на маслото од канабис, доколку им бидат предочени резултатите од испитувањата или пак, им биде дадена можноста за избор.

Употребата на маслото од канабис во Македонија е јавна тајна. Стотици, па и илјадници луѓе секојдневно го користат борејќи се со своите тешки болести. Некои го купуваат, некои пак, сами го произведуваат. Како да се направи масло може секој да научи многу лесно, бидејќи начинот за производство е достапен на интернет и отворено се споделува на социјалните мрежи и форумите.

За жал, тие мора да внимаваат да не дојдат во судир со законот, кој предвидува сериозни и долгогодишни затворски казни. МВР, според официјалните информации, досега нема запленето масло од канабис – тоа прашање останало „тајна“ за МВР, иако тајната веќе е добро познат факт.

Власта, променлива во ставот како и времето

Пресвртот по прашањето на легализација на употребата на маслото од канабис во медицински цели се случи кон крајот на минатата година, кога Владата и министерот за здравство, Никола Тодоров, помпезно најавија дека забрзано се изготвува закон токму по ова прашање и дека до крајот на март, годинава, ќе биде усвоен.

Експертите повикани на дебата ги образложија своите ставови и искуства кои потврдија дека маслото може да биде лек, а во најмала рака дополнителна терапија. Меѓутоа, остана нејасно, зошто тоа не го кажале многу порано.

Со предложениот закон се планира на пазарот да се најдат три типа производи. Првиот е масло од коноп кое во себе содржи не повеќе од 0,2 отсто THC. Вториот тип, маслото за медицински цели, ќе има поголем процент од 0,2 отсто на THC и тоа ќе се издава во аптека како магистрален лек со точно одреден начин на издавање, слично како што се издаваат и другите наркотици. Ќе има евиденција во книга за наркотици, со земање податоци на пациентот кој го користи, лекарот кој го препишува, индикацијата за која се дава. Третата група препарати кои ќе се најдат на македонскиот пазар се оние кои се веќе регистрирани на база на коноп и се на пазарот во Европа.


ФДА е против, СЗО неутрална
Американската Управа за храна и лекови (ФДА) ја нема одобрено употребата на канабис во медицински цели, барем не законски и официјално, иако во дваесет и три држави во САД тоа е дозволено. Според американскиот Национален институт за ракупотребата на канабис дава позитивни резултати, повикувајќи се на научните испитувања врз глувци кои покажале дека супстанциите THC и CBD ги уништуваат клетките со тумор. Светската здравствена организација (СЗО) пак, засега има неутрален став и ги посочува позитивните и негативните ефекти од употребата на канабис.

Ако јавноста беше поделена околу ставот дали со овој закон навистина сака да им се помогне на тешко болните или пак, е популистички потез за собирање гласови на претстојните избори, по изготвувањето на законот за нашите соговорници им стана јасно – популизмот е причината поради која маслото ќе биде легализирано.

„Со 0,2 отсто THC во маслото не може да се помогне никому. Испитувањата спроведени во повеќе држави во светот покажаа дека за успешно лекување е потребно количината на THC и CBD, односно тетрахидроканабиол и канабидиол, да бидат барем педесетина пати повисоки во маслото кое ќе им се продава на пациентите. Маслата кои се продаваат во странство содржат меѓу 10 и 32 отсто THC или CBD во зависност од болеста за која се користат. Ова масло нема никому да помогне, освен можеби на политичарите и нивната борба за собирање гласови за избори“, дециден е Достоeвски.

Граѓани од повеќе од десетина градови во државата носат канабис кај скопјанец кој произведува масло / Фото: Аndreas Rodriguez / Flickr

Граѓани од повеќе од десетина градови во државата носат канабис кај скопјанец кој произведува масло / Фото: Аndreas Rodriguez / Flickr

Скопјанец чиј идентитет нема да го објавиме од разбирливи причини, произведува масло за повеќе од десетина луѓе од повеќе градови во државата. Тие го набавуваат канабисот и му го носат за да го направи маслото, а тој пак, мал дел задржува за себе, бидејќи и тој е заболен од канцер.

„Масло со 0,2 отсто THC или CBD е глупост. Таа доза не е доволна ниту за глушец. Маслото кое јас го произведувам секогаш има над 10 отсто од овие компоненти во содржината. Зависи само од кој тип канабис го правам, индика или сатива. Сега многу лесно може да се набават семки за двата типа. Тоа е квалитетен канабис и квалитетно масло. Ова што го предлага власта е измама за богатење“.

Невладината ХОПС прва излезе во јавноста со својот став околу Законот, кој е на добар пат да биде усвоен.

„Законот е добра основа за старт, меѓутоа е далеку од она што треба да биде. Тој не нуди можност луѓето сами да одгледуваат канабис за сопствени потреби, а нуди можност исклучиво и само на правни лица да одгледуваат канабис. Тие се обврзани да инвестираат прилично голема сума пари (соодветно, маслото ќе биде скапо – н.з.), па така законот нема да ги задоволува потребите на сите пациенти кои ќе имаат потреба да го користат канабисот“, вели Деков.


Што е THC, а што CBD
THC и CBD се двете активни состојки на канабисот. Во зависност од типот на канабисот, индика, сатива или индустриски кој се користи за производство на текстил, преовладува едната компонента. Тетрахидроканабинол, или THC е главната психоактивна супстанција во растението канабис. Главната функција на THC во канабисот е да го штити растението од штетници, но и од штетни зрачења поради високата апсорпција на УВ зраци. Во мозокот на човекот се поврзува со специфични канабидоидни рецептори, го зголемува апетитот и ја намалува мачнината. Канабидиол или CBD, е едно од 85-те активни соединиение во растението канабис. CBD е еден од клучните фитокабиноиди во растението и достига до 40 отсто во неговиот екстракт. Се смета дека има поширока медицинска употреба од THC. Канабидиолот се наоѓа во европската база на податоци на состојки во козметиката и се користи како антиоксиданс, за заштита и хидратација на кожата. Маслото каде што е доминантен процентот на CBD има смирувачко дејство, додека во маслата со поголем процент на THC имаат спротивен ефект, му даваат енергија на пациентот.

Тој реагира и бидејќи законот не предвидува за кои состојби и болести ќе се применува канабисот, во кои форми, начинот на употреба и местата каде што би можел да се купи. Здруженијата „Зелена алтернатива“ и „Канабис Клуб“ кои се залагаат за легализација и декриминализација на канабисот во Македонија, бараат поседувањето, одгледувањето и рекреативното користење на канабисот да се декриминализираат.

„Секој пациент кој ќе изрази желба за лекување со канабис, а е влезен во групата состојби за кои постојат индиции дека тој може да им помогне, може да избере да се лекува со него. Листата на индицирани болести месечно да се евалуира и проширува. Лекарот треба редовно да ја следи состојбата на пациентот и за тоа да го известува органот во Министерство за здравство, со цел да се соберат корисни податоци за дејството на канабисот на одредени состојби“ – наведуваат од здруженијата.

„Ги оставив онколозите да веруваат во чуда“

Четириесет и двегодишниот скопјанец Игор Димитровски, боледува од рак на лимфните жлезди. Тој не е прв во семејството кој заболел од канцер. Неговиот татко починал од рак на панкреас и покрај тоа што се обидел да го лечи со маслото.

„Ракот беше веќе во подоцонежен стадиум. Овој тип канцер е речиси невозможно да се победи. Се обидов со маслото, но веќе беше доцна. Татко ми набрзо почина, но до последен момент не осети болка. Нѐ напушти достоинствено“, раскажува Игор.

И Игор боледува од редок вид канцер кој е реверзибилен, односно може да се јави повторно. Се обидел со хемотерапија, за која вели дека за малку ќе го убиела.

„Мојот тип рак е еден од најопасните, бидејќи не може да се уништи. На почетокот се лекував традиционално со зрачење и со хемотерапија. Овој третман ми одмогна. Бев речиси мртов, ми беше полошо отколку пред да почнам со зрачењето. Затоа почнав со маслото. Го следев методот на Рик Симпсон“, вели тој.

Маслото кое го употребувал го набавувал од Словенија, а резулатите биле вчудовидувачки. По само неколку месеци тој можел нормално да функционира, да работи и да живее како и сите останати. По една и пол година употреба, биопсијата покажала дека во неговото тело нема повеќе клетки канцер.

„Биопсијата ми ја направија во Скопје. Лекарскиот тим не можеше да поверува. Секако, јас не им кажав како се лечев, ги оставив да веруваат дека чуда можат да се случат“, вели Игор.

Во Македонија набрзо ќе биде легализирана употребата на канабис во медицински цели, но засега останува горчливото чувство дека причините се, всушност, микс од желба за профит на поединци и популизам, додека вистинската намера да им се помогне на оние на кои навистина им е потребна помош – не се гледа.