Интервјуа

Петар Гошев: Јавниот долг расте галопирачки

Во интервју за БИРН, поранешниот гувернер на НБРМ, Петар Гошев, вели дека САД, Велика Британија и Германија, со воздржаното гласање во Светската банка, и испраќаат порака на власта дека знаат оти јавните пари ги троши за свои лични и партиски цели. Гошев, исто така, предупредува дека јавниот долг продолжува да расте галопирачки, а најавените уставни измени со кои ќе се ограничат дефицитот на 3% и јавниот долг на 60% од БДП ги смета за уште една „манипулација на Груевски во неуморната битка за креирање перцепции“.

Владата издаде 7-годишна должничка хартија од вредност во износ од 500 милиони евра, купенa за 467,5 милиони евра (значи со премија за ризик од 4,25%) и номинална камата од 3,975%, што сè заедно произведува ефективна камата до доспевање од 5,1% - Петар Гошев | Фото: Роберт Атанасовски

Петар Гошев

БИРН: Каква порака испраќа и што е причината за воздржаното гласање на САД, Велика Британија и Германија во врска со кредитот за Македонија од СБ?

Гошев: Пораката е јасна. Ништо не треба да се чита  меѓу редови. Едноставно и соопштуваат на Владата на Република Македонија дека знаат дека таа не води транспарентна буџетска политика во согласност со меѓународните стандарди и дека нема рационален, ефективен и ефикасен менаџмент со јавните пари. Преведено на јазикот на „обичните“ граѓани, порачуваат дека власта мами, мати, злоупотребува, манипулира, се расфрла и употребува јавни пари за свои лични, поединечни и партиски цели, наспроти нивната (на јавните пари) функција – за добро на сите граѓани во општеството, бидејќи тие пари се од таа најширока јавност и треба да бидат за таа најширока јавност.

БИРН: Дали објаснувањето за воздржаното гласање може да биде сигнал дека власта би можела да има проблеми при неопходното задолжување надвор следната година?

Гошев: Дефинитивно, да! Трите наведени држави кои и соопштуваат на Владата дека не води транспарентна политика во доменот на јавните финансии и дека не управува домаќински со парите на граѓаните, тоа и го соопштуваат и како поединечни државни ентитети и како конститутивни ентитети на најзначајните меѓународни финансиски институции, како дел од глобалната финансиска архитекрура. И, тоа, секако, е опомена, жолт картон: „ако продолжите така, ние нема да бидеме подготвени да го финансираме тоа што го правите“.

Всушност, оваа опомена не е единствената. Јавноста не е запознаена каква дискусија е водена на Бордот на Меѓународниот Монетарен Фонд во 2011 година, кога македонската влада ги злоупотреби 220 милиони евра од кредитната линија на ММФ во износ од 480 милиони, кога речиси сите извршни директори на Бордот ја критикуваа македонската влада како партнер кој не ги исполнува преземените обврски. Исто така, минатата и оваа година претставниците на ММФ и на Светската банка за време на посетите на Македонија ни` соопштија на сите, вистина со еден езотеричен јазик, но сосема јасен, дека Македонија треба да забави со темпото на задолжување, дека  треба  да води транспарентна политика во доменот на јавните финансии и дека треба да ја промени структурата на јавниот долг во смисла на зголемување на домашната компонента.

Но, за разлика од вербалните опомени кои и беа упатувани на владата до скоро, сега настапува период на конкретна материјализација на опомените. Имено, министерот за финансии на почетокот на летото соопшти, сигурно не по свој избор, дека Владата „за наредната“ година ќе позајмува и од меѓународниот финансиски пазар, преку нова емисија државни обврзници. Всушност, на владата и беше јасно дека „дупката“ во буџетот од најмалку 1.000.000.000 евра (разлика меѓу очекуваните годишни даночни приходи и расходи) нема да може да ја пополни на досегашниот начин, од досегашните извори, и дека оние кои и ги поделија првите жолти картони, всушност и порачаа: „ако сакате да продолжите на истот начин на водење на јавните финансии, позајмете од меѓународните финансиски пазари. И, деновиве, како што видовме, тоа се случи. Но, со тоа, евидентно е, Македонија почна да плаќа повисока цена за позајмувања. Имено, Владата издаде 7-годишна должничка хартија од вредност во износ од 500 милиони евра, купене за 467,5 милиони евра (значи со премија за ризик од 4,25%) и номинална камата од 3,975%, што се заедно произведува ефективна камата до доспевање од 5,1%. Или поконкретно, Владата  прими 467,5 милион евра, но на крајот на 7-годишниот период граѓаните на Македонија ќе платат за тоа над 670 милиони евра. И, како што прават сите балкански држави, славејќи ги поразите како победи, таа и овојпат прогласи „победа“: „успеала“ да не задолжи по историски најниска цена за македнонска државна обврзница.

Срамен театар, срамни обиди за измама и кретенизација на својот народ. Во меѓувреме: некои од нас и велеа дека ќе мора да пристапи кон ребаланс на буџетот, бидејќи уште во првата половина од годината  речиси целиот годишен дефицит го потроши за „купување“ на последните избори. Таа велеше не, нема да врши ребаланс, нема да го зголемува проектираниот дефицит, а новата еврообвраница и треба исклучиво за идногодишните обврски. И повторно за се ја излажа домашната и меѓународната јавност: и пристапи кон ребаланс, и го зголеми дефицитот, и призна дека од новото задолжување ќе покрива овогодишни долгови. На тој начин продолжува галопирачкиот раст на јавниот долг на Македонија, со сите ризици и проблеми кои наскоро ќе испливаат во „старо-ново балканско руво“.

БИРН: Колку одржување на актуелното ниво на кредитниот рејтинг, во услови кога догодина мора да најде една милијрда евра, може да биде и е мотив за премиерот Никола Груевски да ја санира политичката криза во земјава и да ја зачува препораката за почеток на пристапните преговори со ЕУ?

(најверојатно фали слика)

Гошев: Јас не ги знам сите скриени мотиви на Груевски. Не сакам да гатам. Но, ако внимателно следиме што говори Груевски и што прави, а патем што говори и како ја „месе“ јавноста неговата пешадија составена од разни курири во функција на лакмуси и кретенизација на стотиците илјади гладни, жедни и на разни начини обесчестени (во рамките на заробениот медиумски простор), не е тешко да се заклучи дека тој и неговата дружина бесрамно лажат – досега недоживеано во македонската политика; дека најчесто неговите лични каприци се поважни од неговата прикаска – „сè за доброто на Македонија“; дека создавањето перцепција (за што веќе има потрошено стотици милиони евра) му е далеку поважна преокупација отколку менувањето на грдата стварност; дека е тој опседнат со личен проект, а не со проект на граѓаните на Македонија; дека вози истовремено најмалку по два коловоза кои водат во спротивна насока – еден кон ЕУ, а друг подалеку од неа.

Да не е така, јас длабоко верувам дека ние – Македонија – немаше да ја изгубиме предноста пред другите држави од соседството, наспроти „разликите во врска со нашето име“ што ги имаме со Грција, да ја употребам таа идиотска кованица смислена од нашата импотентна политика и дипломатија. Затоа, не мислам дека тој сака вистински да ја реши политичката криза. Како и за се, сака да глуми, да продава рогови во вреќа. Тој е во перманентна војна со демократијата и стабилноста на земјата.

Да не беше така, немаше да бидеме во перманентна политичка криза, туку ќе се градеше вистински демократско општество. Да не се пак во прашање геостратешките интереси на тоа што колоквијално го нарекуваме „Западот“, одамна ќе ја видевме „способноста“ на Груевски за „дриблање“ на тој „запад“. Да заклучам: за наша среќа, „западот“ се уште ни бара изговор како да не не „откачи“. Постојано мижи пред парохијалните итроштини на Груевски.

БИРН: Како ги коментирате најавените уставни измени заради ограничување на јавниот долг до 60% од БДП и на буџетскиот дефицит до 3% од БДП во контекст на претходните прашања?

Гошев: Тоа е уште една убава креација за манипулација на тимот на Груевски во неуморната битка за создавање перцепции. Навидум, тој има аргументи за тоа. За време на последната финансиска и економска криза неколку држави, вклучително и една традиционално и беспреседантно дисциплинирана Германија, посегнаа по уставни ограничувања во „слободата“ за задолжување. Меѓутоа, кај Груевски и неговата дружина, како што реков, мотивите што се соопштуваат и стварните, битно се разликуваат. Еве неколку прашања како прилог за дебатата – што ја нема – а кои можеби можат да ни разјаснат нешто.

Прво, како тоа, одненадеж, на најрасипничката влада во 70-годишната историја на Македонија и текна да воведува уставни ограничувања во областа на задолжувањето на државата? Дали конечно разбра дека никој од професионалната домашна и меѓународна јавност не верува во нејзино одговорно водење на јавните финансии, па со овој трик треба да го промени тоа?

Второ, дали последните предупредувања од меѓународните кредитори и водечки меѓународни финансииски институции, кои веќе започнаа да материјализираат дел од своите забелешли со тоа што ја „испратија“ Владата да позајмува од меѓународните финансиски пазари, а со тоа и да се задолжува по повисоки камати, со оваа иницијатива треба да бидат подлажани, барем уште некое време, да продолжат со досегашната поддршка под досегашните услови, за да може нашата влада комотно да стигне до тие 60% долг од БДП, „без да се сетат Власите“, за да го заврши својот идиотски проект „ренесанса на Античка Македонија“ и „ренесанса и просветлување на својата фамилијарна лоза“?

Трето, зошто соопштените ограничувања треба да важат од 2017 година? Дали дотогаш планираат јавниот долг да го искачат на 60% од БДП, а потоа да отпловат со новите натоварени галии?

Четврто, кој рекол и кој измерил дека границата на долг од 60% од БДП, безбедна за некои држави, е истовремено граница која гарантира стабилност на јавните финансии на Македонија, имајќи ги предвид карактеристиките на македонската економија? Чуму служат оние бројни емпириски факти истражени од врвни светски економисти кои говорат дека во долгата историја на јавните финансии на државите во светот голем број од нив банкротирале со состојба на јавен долг далеку под таа граница?

Петто, зошто служат лекциите од економија кои сугерираат водење антициклични  економски политики, што подразбира: во добри времиња (економски полети) да се создаваат резерви (буџетски вишоци), а во лоши времиња (економски кризи) да се користат буџетски стимули (буџетски дефицити). Како овие магистри, промовирани во Македонската академија на науките и уметностите, измериле дека во некоја исклучителна шок-ситација на економијата, буџетскиот стимул од 3% во некоја година би бил доволен  да го попречи најлошото сценарио, односно да амортизира некој тешко оштетувачки шок врз економијата и општеството во целина?

Шесто, дали критичната граница на јавен долг од 60% од БДП достигната од една неодговорна власт како постоечката, е јамка за бесење на некоја наредна гарнитура која случајно би ја презела власта во некој момент на најдолното ниво од бизнис-циклусот, состојба која логично бара буџетски стимул, а интригантиве го потрошиле просторот и плус уставно го ограничиле?

Сè на сè, одговорна, чесна, стручна, посветена 24/7-влада не би преземала такви мерки. На таква влада не и е потребен таков вид ограничувања. Ниту еден устав не заштитил ниту едно општество од неодговорна власт, ако целото општество не е способно да се спротивстави. Историјата е полна со такви примери. Но, на една блеферска, манипулативна, алчна власт и такви маневри и се потребни.

Всушност, сè е во духот на  општествени договори запишани на „палома“ хартија. Затоа и оваа „уставна палома“, освен на домашната јавност, ќе и се сервира и на т.н. меѓународна заедница, на која и е битна „стабилноста“, но не и демократијата. А, „стабилноста“ без демократија, неодамна пливаше, повторно, по скопските улици но сега надоградено и по улиците на повеќе градови во Македонија и надвор, во соседството.

Претходно: САД, Велика Британија и Германија со критики за владината фискална политика