Регион

Плавшиќ хоспитализирана поради корона вирус

Билјана Плавшиќ  се лекува од Ковид-19 во болницата „Драгиша Мишовиќ“ во Белград, а нејзината состојба е сериозна, изјави член на семејството, за агенцијата СРНА.

„Таа е во болница веќе три дена. Ги има сите симптоми, семејството ја однесе во болница и по испитувањата беше одлучено да биде хоспитализирана“, изјави неименуван член на семејството.

Тој додаде дека Плавшиќ била примена во болница со првични знаци на пневмонија, но дека не била на респиратор.

Плавшиќ е единствената жена обвинета и осудена од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

Таа беше обвинета за геноцид, соучество во геноцид, истребување, убиства, намерно лишување од живот и други злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.

Таа склучи спогодба со Хашкиот трибунал во 2003 година и беше осудена на 11 години затвор за воени злосторства. Таа беше ослободена во октомври 2009 година, откако издржа две третини од казната.

И покрај тоа што Плавшиќ ја призна вината, по издржувањето на казната и враќањето во Белград, таа изјави дека е невина и дека ја признала вината со цел да добие поблага казна.

Плавшиќ е втор највисок функционер на РС, кој беше осуден од Хашкиот трибунал, инфициран со корона вирусот.

Во септември 2020 година, Момчило Краишник, поранешен претседател на Собранието на РС, почина од компликации предизвикани од корона вирусот.

Тој, во март 2009 година, беше осуден на 20 години затвор, за злосторства против човештвото против несрпското население, кои опфакаат истребување, убиства, прогонство, депортација и присилно преместување.

Во септември 2013 година, кога беше ослободен, по враќањето во РС беше пречекан како херој.