Анализи

Победата на ДУИ во сенка на БЕСА и СДСМ

Во парламентот за разлика од претходниот состав, бројот на столчињата резервирани за албанскиот политички број е драстично намален. Од 120 пратеници, 10 ќе има ДУИ, БЕСА ќе има 5, Движењето за реформи- ДПА ќе има 3, а ДПА 2 мандати.

Помалиот број на мандати за партиите на Албанците пред сѐ се должи на изборниот модел, односно на несразмерната поделба на изборните единици, при што изборната единица 6, во која се концентрирани Албанците има 5% повеќе граѓани над дозволената законска маргина од 5 %.

СДСМ продира кај албанското тело

133478752

Гласот за СДСМ е глас кој ги казнува политиките на власта, но и знак на незадоволство кон новите политички партии на Албанците, кои не успеваа да го одржат компактното албанско избирачко тело / Фото: МИА

На овие избори партиите на Албанците собрале вкупно 210.847 гласови, додека на последните парламентарни избори тие имале 237. 000 гласови, што значи сега, иако излезноста е за 5 % поголема, имаат 27 847 гласови помалку,

Се претпоставува дека овој квантум на гласови е во контото на СДСМ, феномен кој се случил за прв пат во современата историја на Македонија. Речиси нема населено место каде што СДСМ не добил гласови на Албанците. Во Дебар, каде што Албанците се мнозинство, СДСМ добил 1.170 гласови, додека за ДУИ гласале 1.015.

Во Тетово СДСМ освоил 7.700 гласови, а во Гостивар 8.200. Во општина Боговиње, која е општина населена со Албанци, СДСМ добил 1.044, а во Желино 377 гласови. Во општина Сарај, која е општина со 95% албанско население, СДСМ добил 2.973  гласови.

СДСМ освоил убедлива победа во Арачиново, освојувајќи 2.052 гласа, наспроти ДУИ, која освоила 1.456. Станува збор за населба која во текот на 2001 беше прогласена за слободна зона од страна на поранешната милитарна организација ОНА.

Гласот за СДСМ е глас кој ги казнува политиките на власта, особено на ДУИ во заедништво со ВМРО-ДПМНЕ; тој е знак на незадоволство и кон новите политички партии на Албанците, кои не успеваа да го одржат компактното албанско избирачко тело.

Дел од гласовите дадени за СДСМ е резултат и на политиките кои ги промовираше Заев, особено во делот на зголемувањето на платите и намалувањето на даноците, но и на целокупната политичка понуда која се промовира како надетничка, односно граѓанска.

Пирова победа за ДУИ

Од минтингот на ДУИ во Мала речица / Фото: МИА

По ваквите резултати, многу е веројатно ДУИ да не биде дел од сценариото за формирање влада со ВМРО- ДПМНЕ, која би имала 61 пратеник. Од минтингот на ДУИ во Мала речица / Фото: МИА

За Демократската унија за интеграција гласале 86. 812, односно 7,30 %, додека на минатите избори за оваа партија гласале 153.646 гласови, односно 13,71 %. На што се должи овој слаб резултат?

Пред сѐ на учеството на оваа партија во власта и неисполнувањето на ветувањата, особено во делот на интергацијата на Македонија во ЕУ и НАТО, кога се знае дека оваа партија ја имаше интеграцијата како свој приоритет, дури и пред статусот на Албанците и колективните права.

Во исто време, граѓаните се револтирани поради фактот што владата на ДУИ реализираше моноетнички проекти како што е „Скопје 2014“, додека пак, државните инвестиции во општините каде што живеат Албанците се минимални.

Сите овие години, од 2008 година наваму, ДУИ беше критикувана како партија која има потчинет однос кон ВМРО-ДПМНЕ, а беше често нарекувана и вазалска партија. Теута Арифи, која долго време беше потпретседател на ДУИ има пишувано дека „ВМРО-ДПМНЕ може да го троши ДУИ, но не и Албанците“.

БЕСА изненади, формира парламентарна група

Од протест на БЕСА / Фото: МИА

Од протест на БЕСА / Фото: МИА

Изненадување на овие избори е резултатот на Движењето БЕСА, која добила 57.927 или 4,87 %. БЕСА е нов политички субјект на сцената, кој е автентичен и не произлегува од некоја од традиционалните партии ДУИ и ДПА.

Составена е од млади интелектуалци, кои последните 10 години биле ангажирани во различни невладини организации. Челниците на БЕСА не кријат дека се верници. Имено, во промотовен спот на БЕСА стоеше мотото „Ако веруваш во Господ“!

Имајќи предвид дека кај албанското население религијата игра голема улога, еден дел секако гласале поради верскиот сентимент. Но, резултатите кои ги постигнаа се коментираат како гласови кои ги освоија луѓе кои не биле директно поврзани со некакви скандали и политички не се истрошени.

Дел од гласовите се мотивирани со казнувањето на политиката на ДУИ, дури и од своето поранешно членство. На добриот резултат на БЕСА придонела и ДУИ со својата кампања против оваа партија, при што самата можеби несвесно го проектираше политичкиот бином во албанскиот блок ДУИ-БЕСА.

Несомнено губитник на изборите е ДПА, која на овие избори има освоено  31.017 или 2,61%, а на минатите избори освои 66.393 или 5,92 %. Незадоволството на голем број истакнати активисти, меѓу кои и на градоначалникот на Струга, Зијадин Села, во новата партија ДР-ДПА и нереформирањето на оваа партија, во која последен збор има лидерот Мендух Тачи се главните фактори кои влијаеја на слабиот резултат на ДПА.

Новата партија на Села, ДР-ДПА освои 35.091 или 2,95 %, што за една нова партија е добар резултат, иако кампањата на оваа партија беше скромна, но сепак беше една новина во смисла на политичката понуда, а влијаеше и фактот што оваа партија доминира во општина Струга, каде што и доби еден пратеник.

По ваквите резултати, многу е веројатно ДУИ да не биде дел од сценариото за формирање влада со ВМРО- ДПМНЕ, која би имала 61 пратеник. Влегувањето на партијата на Ахмети во таква влада би бил политички потег на штета на оваа партија, која веќе ја плати цената на коалицирањето без условувања со ВМРО- ДПМНЕ. Доколку, сепак, се одлучи на таков чекор, тоа значи дека на следните локални избори може да дојде до преполовување на гласовите за ДУИ.

БЕСА и ДР ДПА веќе се изјасниле дека нема да имаат соработка со ВМРО-ДПМНЕ на Груевски, а ДПА своите пратеници им ги отстапи на БЕСА, за да има подобра позиција во разговорите за новата влада. Досега соработката со СДСМ не ја исклучила ниедна партија, вклучувајќи ја и ДУИ, која со СДСМ беше во владина коалиција од 2002-2006.